Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам седумгодишна ќерка. Секоја втора вечер мокри ноќе во кревет, а некогаш и секоја вечер. Во последно време се срами од тоа, се пресоблекува во текот на ноќта и скришум сама си ги носи помочаните алишта во тоалет. Кога се буди, се срами да нè гледа мене и татко ѝ. Имаме уште едно поголемо дете. Понекогаш сме строги со сопругот во воспитувањето, па дали можеби тоа создава страв кај неа? Јас и сопругот работиме во смени, не можеме да се посветиме доволно на проблемот. Како е најправилно да се реши?

Прашува: Адиса

ОДГОВОР: Почитувана Адиса, ноќното мокрење во кревет е, за жал, честа и непријатна тешкотија која често умее да предизвика срам, вознемиреност и ниска самодоверба кај децата, како и вознемиреност кај родителите. Сметам дека најпрво е важно за овој проблем да се консултирате со матичниот педијатар на вашето дете, за да ја исклучите можноста причината за овој проблем да е од каква било органска природа. Но, независно од тоа од каква природа е причинителот за оваа појава кај вашето дете, психолошката добросостојба на детето е неверојатно важна за надминувањето на овој проблем без поголеми последици за нејзиниот понатамошен психички развој. Затоа останете смирени и никогаш не обвинувајте го детето за „мокрите инциденти“.

Нејзиниот срам е резултат на сознанието дека направила нешто што вам како родители не ви е по волја, односно нешто што е „лошо”. Она што е многу значајно за вас како родители да го разберете е дека ова ноќно мокрење не се случува свесно и дека врз тоа вашето дете во овој момент нема контрола. Можеби таа во себе носи некој голем неискажан страв. Дали има нешто што ја плаши или вознемирува? Дали откако почнале овие инциденти можеби сте забележале некоја промена во нејзиното однесување? Како е кога е во училиште? Напишавте дека имате уште едно поголемо дете, каков е односот помеѓу вашата ќерка и поголемото дете? Вклучително, каков е односот помеѓу вас и вашиот партнер? Дали можеби имате некои недоразбирања или расправии во актуелниов период? Како вашите деца реагираат на односот помеѓу вас двајцата. Исто така, важно прашање е што вашето дете всушност бара од вас кога ќе се измокри во креветот? Можеби е тоа повеќе внимание, прифаќање на нејзината несовршеност, изразување нежност, потреба за утеха или силна прегратка.

Обидете се следниот пат кога „мокриот инцидент” ќе се случи да увидите како се чувствува вашето дете и што всушност му треба во тој момент. Како вие како нејзини родители можете најдобро да ѝ го дадете потребното нешто (љубов, прифаќање, поддршка…) за таа да биде подобро? Имајте на ум дека во овој период на детскиот развој низ кој поминува вашата ќерка се поставуваат темелите на нејзината понатамошна самовредност и самодоверба. Нежниот однос, полн со лубов, прифаќање и поддршка е многу значаен за да ѝ помогнете што полесно и што побрзо да го преброди овој „мокар проблем”, како и да си изгради однос на љубов, прифаќање и поддршка на себеси.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 078445224

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X