Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 2 години и 1 месец. Секоја ноќ плаче до зајдување. Се случило и да поврати. Ова трае веќе 2 месеца, се случува речиси секоја ноќ, а понекогаш и по неколку пати. Ако не ја земам в раце, станува, оди со отворени очи иако спие, а ако ја земам, веднаш замижува. Ме бара, па ме турка, а со татко ѝ нема шанси да се смири. Ќе ја смирам, па набрзо повторно сè од почеток се случува. И така по неколку пати во текот на ноќта. Третпат по ред ваква фаза, само што тогаш се случуваше на одредено време, по 1 во ноќта. Траеше и по 1 час, потоа си спиеше. Контактибилна е, ми одговара на прашања во сон. Ова се случува без разлика дали е до мене или сама в кревет. Вели дека не ја боли ништо. Никој не ја кара, ниту ја тепа, не се плаши. Зборува сè, брзо учи и сфаќа. Дење има тантруми, но само дома и полека се разретчуваат. Молам за помош.
П.С. Забите, 5-ките, се при крај со излегување. Оди во градинка и оттаму имаме само пофални зборови за неа. Најмирна е.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Очигледно е дека нешто длабоко ја вознемирува вашата ќерка. Кога децата така реагираат, тие бараат да бидат држени, смирувани и сигурни дека ништо лошо нема да (им) се случи. Реакцијата што ми ја опишувате изгледа како реакција на силен страв и несигурност. Од она што ми пишувате ми се чини како вашето дете да бара нешто навечер, некое внимание и сигурност бидејќи штом ја земете в раце, веднаш замижува и се смирува. Како вашата ќерка да се плаши дека нешто лошо ќе ѝ се случи ако остане сама или дека ќе биде напуштена.

Дали има нешто за кое знаете што би можело да доведе до ваков страв? Дали има некаква промена во вашата семејна динамика? Какви се односите меѓу вас и нејзиниот татко? Пишувате дека ова е третпат како има ваква фаза. Какви биле претходните фази? Кога биле и колку време траеле? Дали сте имале некое поголемо одвојување од неа непосредно пред или за време помеѓу некои од овие фази? Ова се важни прашања во кои е неопходно да погледнете за да може да се утврдат потенцијалните причини за ваквото однесување кај детето.

Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт

Кога детето е силно вознемирено поради нешто, неопходно е истото да се уважи и соодветно да се адресира. Ако вашето дете бара сигурност и поддршка од вас, тогаш неопходно е да му ја обезбедите на начин на кој тоа најсоодветно ќе ја прими, што не мора да значи дека тоа е начинот на кој вам ви е најсоодветно да ја дадете. Честопати децата бараат од родителите да бидат држени, галени и присутни покрај нив со саати и саати. Ова е тешко за родителите и знае да предизвика нервоза кај нив, па тие неретко преферираат да се обидат да им објаснат на децата или да ги разубедат со зборови. Оваа стратегија во најголемиот број случаи е доста неуспешна бидејќи децата на таа возраст немаат доволно когнитивна развиеност за да разберат што им се кажува и повеќе се потпираат на чувствата, односно на тоа како нештото им се кажува и кои чувства се присутни во комуникацијата. Децата се исклучително чувствителни за емоциите на родителите и доколку кај родителите постојат чувства на нервоза или лутина, можат дополнително да ги вознемират децата или да ги направат дополнително нервозни и тензични. Затоа е многу важно при смирувањето на вашето дете вие да бидете што посмирени и да влијаете од место на што поголема смиреност, прифаќање и љубов.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X