Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Здраво, имам две ќерки, едната има 13, а другата 11 години. Кај поголемата ќерка се појавија тикови пред една година. Прво почна да ги собира и да ги шири очите. Со сопругот помисливме дека има проблем со очите и ја однесовме на очно. Одговорот беше дека очите ѝ се супер. Пред неколку дена во случаен разговор ни кажа дека зборувала со невидлив другар и дека цело време е околу неа. Тоа почнало пред 2 месеца. Ве молам дајте ми совет како да постапам, што да преземам? Инаку, јас имав сообраќајна несреќа пред 3 години и уште закрепнувам. Дали е можно тоа да придонело за нејзините тикови и замислениот другар?

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Покажувате голема свесност и ангажираност околу можните проблеми што вашите девојчиња може да ги имаат како стрес-реакција на вашата сообраќајна несреќа. Бидејќи велите дека сè уште закрепнувате, претпоставувам дека сте поминале низ многу тежок период кој за вашето семејство сè уште трае. Една од поголемите загуби и закани за загуба кај децата е загубата на родителот. Ме радува што закрепнувате, но стравот за можните последици сè уште стои како сенка над вашето семејство. Децата долго го преживуваат стравот од можните загуби. Како разговарате со вашите девојчиња за она што ви се случи? И кога разговарате, каков став им пренесувате? За жал, немате пренесено многу околу ова прашање, но еве, ве поканувам да гледате на начинот на кој вие и вашиот сопруг се справувате со несреќата и нејзиното значење пред нив.
Но, сакам да се навратам еден чекор наназад бидејќи вие прво гледате во децата, а дури потоа во себе. Кажете ми, како сте вие по сообраќајната несреќа, како ја поднесувате оваа онеспособеност? Дали сте оптимистични и покрај тоа што сте свесни дека никогаш нема да биде како што било. И вие како мајка, претпоставувам доста сте се промениле. Колку и да сакате да бидете силни за нив, сепак тие го држат вашиот страв, се грижат за вас и се плашат за вашето здравје и живот. Затоа ве замолувам да не бидете престроги кон себе, да не правите нешто што ги надминува вашите капацитети, да одите пополека, иако верувам дека е тешко. Времето на закрепнување е исклучително значајно и за семејството. Кога ви се случила несреќата, и ним им се случил тој силен потрес. Затоа како семејство мора да имате многу разбирање, реален оптимизам дека работите ќе се променат, и дека секој ден сте сè подобри и подобри, иако реалниот оптимизам исто така вели дека никогаш нема да бидете истата како пред сообраќајната несреќа.

Во вакви ситуации, каде што очигледно постоел живото-загрозувачки настан со импликации врз вашето здравје и добросостојба, ве советувам самата да се растоварите и да побарате психолошка поддршка. Така ќе успеете многу повеќе да ги разберете и вашите девојчиња. Она што е значајно е дека кога вие се плашите за нив, и тие се плашат исто толку за вас и вашата состојба. Не сте изгубиле само вие многу од вашата способност, и вашите деца изгубиле нешто од вашата присутност, и се обидуваат повторно да го состават.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Невидливиот другар на вашето девојче има своја функција и значење за неа. Тој е нејзина креација и се појавува поради потребата да се кажат сите стравови и болки од преживеаното на еден побезбеден начин. Таа не сака да ве обременува со сопствените грижи бидејќи се грижи за вас, ве чува и ве штити. Очигледно е многу посензитивна од сестра ѝ, но воедно и влегува во пубертет, поточно постои и физиолошка основа која ги храни вознемирувањата. Мој предлог е наместо да се плашите од тој невидлив другар, да го вклучите во разговорот, секако, доколку ви дозволи ќерката, но и да разговарате со неа за него, да го признаете, да не го негирате и да не му се плашите… Прашајте ја за него како што би ја прашале за кој било друг другар, и полека истражете ја природата на односот. Тој невидлив другар е нејзина проекција на она што во моментот ѝ недостига затоа што проценила дека средината не е спремна (од сето она што сте го поминале и преживеале) да ги преработува и нејзините чувства и емоции…
Мора да ѝ направите дистинкција дека вашата поддршка како мајка не ја губи со несреќата и дека сте тука за да ги слушнете сите нејзини чувства, ако таа сака да ги сподели со вас. Тука некаде таа ве смета за премногу ранета да ви ги пренесе и сопствените маки и превирања.

Понекогаш несподелените чувства носат поголемо недоразбирање и тенденција на отуѓување

Ако е заинтересирана, тогаш би можеле да отидете заедно на советување кај психолог, на разговор. Понекогаш психолошкиот простор што го креира и држи психологот-психотерапевт е токму местото необременето од значења, кое ви помага да се отворите и да ги споделите вашите преживувања и чувства. Одете како семејство да разговарате за вашето несреќно преживување, за загубите, но и за добивките. Понекогаш несподелените чувства носат поголемо недоразбирање и тенденција на отуѓување. А нели семејството е и во добро и во лошо, не само да губи, туку и да се крепи и поддржува.

Искрено се надевам дека ќе излезете многу посилни како семејство од сите овие животни шлаканици, дека ќе успеете да ја повратите животната енергија редефинирајќи ги односите и позициите во семејството, местејќи се токму на оние места на кои е потребно да бидете. Така, тоа што нема да ве уништи, ќе ве направи само посилни и поповрзани, доколку си дадете можност да се случи тоа.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X