Воспитување

Дете-бунтовник во вонредни околности

Во моменталната ситуација, која бара многу нови правила за однесување, карактеристиките на детето-бунтовник дополнително ќе се зајакнат и сето тоа ќе биде поголем предизвик за родителите. Еве што можеме да очекуваме и како да го решиме тоа.

За бунтовникот најтешко ќе биде тоа што сега од него се бара веднаш да послуша и да работи, а пред сè да го разбере она што му се кажува – соблечи ги чевлите штом ќе влезеш дома, измиј ги рацете, не допирај ништо, мораш да останеш дома, не можеш да одиш кај другарот, не може другарот да дојде кај тебе…

Може да се случи на „Веднаш измиј ги рацете!“ да не се реагира ниту по 10 повторувања, што кај возрасните предизвикува тензија, стрес, лутина, бес, беспомошност, а потоа и бурна реакција. Сите знаеме дека барањето било слушнато и дека детето разбрало и првиот пат кога сте го изговориле, но бунтовникот сака да го направи тоа кога тој ќе сака, а не кога другите ќе му кажат. Родителите не го разбираат ова бидејќи мислат дека детето го прави тоа од инает, но тоа не е свесно за овие свои длабоки внатрешни процеси што го наведуваат да дава отпор. Тоа најдобро се гледа по тоа што кога ќе го прашате зошто така се однесува, детето не само што нема одговор, туку нема и свест за тоа како се однесувало.

За што се работи?

Императивните барања кај детето-бунтовник се покренувач за отпор и влез во стрес-фаза, а со оглед на тоа дека ваквата личност е извонредно реактивна, реагира импулсивно, а не рационално. Тоа не значи дека ќе морате да се однесувате премногу внимателно со детето и да се плашите од неговите реакции, туку дека ќе ги приспособите пристапот и комуникацијата. Значи, ако веќе знаете дека наредбите, барањата, наметнатите задачи не даваат резултат, тогаш ќе избегнувате така да го формулирате она што го очекувате од детето. Предност ќе им дадете на договорот и активното вклучување на бунтовникот во барањето/задачата, а заедничкото креирање на правилата дополнително ќе помогне да го прави тоа што треба без отпор или барем отпорот да биде помал.

Како изгледа тоа практично:

– Сега (овие денови) е важно сите почесто детално да ги миеме рацете. Што мислиш/предлагаш, како е најдобро да се договориме секој да се сети да си ги измие рацете? – Говорот во множина служи за на детето да му се даде до знаење дека правилата важат за сите, а не само за него, што веднаш го намалува притисокот на очекувањата. Внимателно слушајте го предлогот и уважете го. Ако не е прифатливо/изводливо тоа што го предлага детето, благо насочете го: Звучи интересно, што мислиш да пробаме и…(па кажете го вашиот предлог). Со помалите деца може да се договорите во тоалетот да залепите хартија и секојпат кога ќе ги измијат рацете, на пример, „да удрат печат“.

– Ја виде онаа снимка како правилно се мијат рацете, не знаев дека тоа мора баш така, а ти? Јас сега ќе ги мијам, а ти гледај дали го правам тоа добро и оцени ме. Потоа и јас ќе те гледам тебе како се миеш, се надевам дека мојата оценка ќе биде повисока од твојата (намигнете). Ова е предизвик кој бунтовниците со задоволство го прифаќаат.

– Разбирам дека ова ти е досадно. Имаш ли идеја како да биде поинтересно/позабавно?

– Верувајте дека има, само сослушајте го.

– Да беше ти мајка (татко), а јас да бев ти, како ќе ме научеше зошто е важно да си ги мијам рацете? Што би ми рекол?

– Како можеш да си играш со другарчето, а тој да не дојде кај тебе, да не се гледате вистински? Баш ме интересира колку начини можеш да смислиш!

Прашајте го детето за мислење, предлози, идеи, поставувајте го во ваша улога – што би правело на ваше место – на овој начин ја активирате најважната особина на бунтовникот – креативноста. Тој има решение за сè, проблемот е што возрасните нема да ги прифатат тие решенија бидејќи често се надвор од стандардните правила и очекувања. Слушајте што ви зборува детето, не отфрлајте ги веднаш предлозите, туку заедно барајте сè додека не дојдете до она што е прифатливо за двете страни. Кога зборувам за промена на пристапот со овој тип деца, мислам токму на ова што го наведов како пример за соработка. Напоменувам дека е потребно време вие да се навикнете на тоа, како и трпение. Но, секако, вреди повеќе од стресот заради отпорот.

Друг проблем со бунтовниците се нивните бурни реакции, кои на просечен набљудувач може да му изгледаат како да се појавуваат без причина. Имајте на ум дека бурното искажување на бесот и лутината не е единствена карактеристика на бунтовникот и треба да се обрне внимание дали кај вашето дете е присутно тоа во возраст во која се очекува вакво однесување (од 4 до 5 години).

Кога знаете дека вашето дете е бунтовник, тогаш со текот на времето ќе научите да забележувате и препознавате кои ситуации доведуваат до бура и однапред ќе ги надминете. Имајте на ум дека тоа некогаш ќе ви тргне од рака, а некогаш не. Она што најчесто придонесува за експлозивни реакции се глад, жед, замор и затоа во почетокот прво на тоа обрнете внимание. Многу е интересно што дури и возрасните бунтовници не умеат да препознаат кога се гладни! За разлика до другите што имаат постепено зголемување на гладот, тие тоа го регистрираат дури откако ќе почувствуваат сериозен налет што во секунда ги доведува до чувство на беспомошност кое потоа се „претвора“ во бес и бурна реакција.

Уште поинтересно е што без разлика колку пати се повторило ова, ќе се повторува и понатаму, што само потврдува дека нивното однесување е последица на силни импулси без ниту малку рационално размислување, поточно воопшто не се ниту свесни! Кога се во прашање работи што не му ги дозволувате на детето, очекувајте фрустрација, бес насочен кон вас, па дури и лути и навредливи зборови. Колку помалку реагирате, толку побрзо ќе помине бурата.

Најголема замка во која запаѓаат родителите е обидот да ги оправдаат своите одлуки за бунтовникот веднаш да се смири, но така само му ја зајакнуваат потребата уште пожестоко да се бори за тоа што го сака. Кога родителот е сигурен во својата одлука, доволно е еднаш да му се каже на детето, да не навлегува во објаснување и да не реагира на „предизвици и провокации“, кон кои бунтовникот е склон. Детето не го прави тоа свесно и за тоа можете и треба да разговарате, но дури кога сè ќе помине. Прашајте го детето како се чувствувало во таа ситуација – за да може да поврзе која емоција во него предизвикува таква реакција, а потоа дајте му предлог како да реагира кога така се чувствува. Ова е клучна работа во однос на овој тип деца и потребни се трпение и време бидејќи тие се водени од импулс што практично не им дава никаква шанса прво да размислат, па да реагираат. Многу е важно родителите на бунтовникот да знаат за овој механизам бидејќи тогаш би можеле да разберат дека детето не се однесува така намерно. Затоа, пробајте да не западнете во замка на објаснувања кога ќе го преплави бес поради некоја забрана, но претходно вооружете се со трпение.

Промената на пристапот и комуникацијата, вештината за формулирање барања кои нема да предизвикаат отпор, како и препознавањето на „критичните“ ситуации што го воведуваат во бесни реакции, ќе ви помогнат да воспоставите соработка, а на детето ќе му дадат чувство на сигурност бидејќи го разбирате дури и кога се однесува бурно. Родителот му е водич и поддршка на детето бидејќи само така може да научи како успешно да се носи со својот темперамент.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top