Јануш Корчак (1878-1942) е полски педијатар, педагог и писател. На почетокот на Втората светска војна, кога Хитлеровата војска влегла во Полска и ја окупирала Варшава, тој работел во дом за сираци.
Во 1940 година Германците го уапсиле и поминал неколку месеци во затвор, кога за неговата слобода платиле негови поранешни штитеници. Корчак тогаш имал можност да ја напушти Полска, но се вратил во домот за сираци. Во 1942 децата од домот биле пратени во концентрационен логор и неколку дена подоцна тој заедно со нив влегол во гасна комора. Јануш Корчак зад себе ги оставил овие 10 заповеди за родителите:
1. Не очекувај твоето дете да биде како тебе или онакво какво што би сакал да биде. Помогни му да стане самостоен човек, а не твоја копија.
2. Не барај од детето да ти плати за сè што си сторил за него. Си му дал живот, како би можело да ти се заблагодари? Тоа ќе му даде живот на некој друг, другиот на трет… тоа е закон за неповратна благодарност.
3. Не одмаздувај му се на детето за навредите што те снашле за во староста да не јадеш горчлив леб. Што ќе посееш, тоа ќе жнееш.
4. Не потценувај ги неговите проблеми. На секого му е даден живот во согласност со силата што ја има и биди сигурен дека нему не му е полесно отколку тебе, а дури може и да му е потешко затоа што нема искуство.
5. Не понижувај го!
6. Не заборавај дека во животот се најважни средбите со луѓето – средбите со децата. Повеќе обрнувај внимание на нив – ние никогаш не можеме да знаеме кого ќе сретнеме во своето дете.
7. Не измачувај се себеси ако не можеш да направиш нешто за своето дете. Сети се дека за детето секогаш е недоволно ако не е направено сè.
8. Детето не е тиранин што владее со целиот твој живот и не е само плод од крв и месо. Тоа е таа драгоцена чаша што животот ти ја дал да ја чуваш и во неа да развиваш креативен пламен. Во таа ослободена и разгорена љубов од мајката и таткото расте, не „наше“, не „мое“ дете, туку душа што ти е доверена на чување.
9. Научи да ги сакаш туѓите деца. Не прави му го на туѓото дете тоа што не сакаш некој да му го направи на твоето.
10. Секогаш сакај го своето дете – и кога е неталентирано, несреќно или кога пораснало. Разговарај со него – радувај се, затоа што детето е празник сè додека е со тебе.
912