Се обидовме да ѕирнеме во секојдневието на професорката и мајка на Инес, кое е малку невообичаено, особено ако станува збор за временскиот распоред на обврските, и да видиме како ги спојува родителството и кариерата. Тодороска-Мургоски неодамна настапи со ,,2cellos“, а учениците често ги потсетува на мислата на Ханс Кристијан Андерсен: „Таму каде што зборовите потфрлуваат, музиката зборува“

Со добар план, челични нерви, упорност без компромиси, поддршка од најблиските, пред сè, од сопругот, а потоа и од сите други – лесно се спојуваат кариерата и мајчинството, низ смеа вели виолинистката Милена Тодороска-Мургоски, наставничка во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Примарна дејност ѝ се учителството и мајчинството, а задоволството расте со членувањето во музички состави.
Се обидовме да ѕирнеме во секојдневието на професорката и мајка на Инес, чие секојдневие е малку невообичаено, особено ако станува збор за временскиот распоред на обврските, и да видиме како ги спојува родителството и кариерата.

Универзални вредности и за дома и за во училница

Да се биде музичар, вели таа, значи да ја сакате музиката посветено и безусловно, да учите постојано, да имате трпение, исто како кога доаѓа на свет дете.
– Кога зборувам за безусловната љубов, посветувањето и трпението, мислам на пожртвуваноста што се прави при изучувањето и совладувањето на инструментот од детството, па се до завршувањето на студиите, и на крај го добиваш резултатот. Со ова би направила паралела на безусловната љубов и трпението при растењето и одгледувањето дете, тоа е исто, колку ќе вложиш, толку ќе добиеш – објаснува таа.

Со сопругот Зоран се трудат со детето да работат „by the book“, т.е. да наметнат педагошки нормативи за да изградат малечка, вредна и амбициозна индивидуа исполнета со емпатија кон сè живо и неживо што ја опкружува.
– Нормално, понекогаш тоа не функционира онака како што посакуваме, па често импровизираме. Тоа знае понекогаш да ни се врати како бумеранг, меѓутоа, се трудиме сите проблеми да ги решаваме преку дијалог. Да, преку дијалог. Понекогаш и ние се чудиме како може детенце од 2,5 годинки да има изградено толку интригантен вокабулар и упорност да те убеди со збор – раскажува Милена.

Детето и учениците ги учи на исти вредности и постапува со истата посветеност.
– Најважно е да ги учиме децата на универзалните вредности, без разлика дали опкружувањето е училницата или дневната соба. Секако, содржините се приспособуваат на возраста, но крајната цел е иста – вели Милена.

Утринско будење со монолози и дијалози

Поради работните обврски и наметнатата динамика на урбаното живеење, најмногу ужива во времето поминато со семејството.
– Без разлика за што се користи тоа време, се трудам да го извлечам максимумот: кога готвиме појадок, кога се подготвуваме за во градинка, кога се шетаме во парк, кога гледаме „Биби и животните“, кога патуваме, па дури и кога сонуваме или кога не правиме ама баш ништо, ете тоа најмногу сакам да го правам, заедно со Инес и „тато“ – раскажува.

Денот на Милена ѝ почнува муабетчиски. Инес се буди прва, ги зема куклите, па доаѓаат заедно на креветот на „мама“ и „тато“.
– И со еден неуморен и без крај наратив од монолози и дијалози посветено работат на нашето утринското будење. Веднаш потоа „мама“ и „тато“ си посакуваат многу среќа и почнува битката со уште еден нов ден: појадуваме, се подготвуваме за градинка, едно кафе-пауза со пријателите помеѓу работните обврски, заедничко попладне за прошетки и семејни дружби со најблиските и на крај едно вечерно „матине“ во дневната соба со многу приказни, принцези и принцови и подготовки за следниот ден – вели таа.
Задачите и обврските ги запишува во телефонска апликација, а ангажманите надвор од вообичаената дневна рутина ги договара однапред бидејќи и сопругот често патува.
– Си помагаме и се надополнуваме и прифаќаме безброј компромиси – објаснува Милена.

Дома – вежбање со придушувач

Кога агендата е полна и се менаџира меѓу обврските и желбите, стресот е речиси неизбежен.
– Се справувам преку добро оркестрирана комбинација од дружба со најблиските, прошетки во природа, класична музика и секако време поминато заедно со Инес и Зоки – вели Милена.

За вежбање, таа дома понекогаш користи сордина (придушувач), најчесто навечер, кога завршуваат обврските околу Инес.
– Вистинското прашање е како реагираат соседите. Главно тоа го правам во периодите кога сум на работа, а често се случува да одам час/два порано или кога учениците ќе најават отсуство за да го искористам секој момент да повежбам. Мојата првенствена работа е педагошка, работам со деца и постојано го носам својот инструмент за да можам практично да објаснам, но се случуваат и проекти кога се потребни поинтензивно вежбање и подготовки – објаснува Милена.
Инес и тато Зоки, освен што ѝ даваат мотивација и безрезервна поддршка, вистински уживаат кога се во улога на слушатели.

„Ќе правам цигу-лигу“

Инес има интерес за музика, а мама навреме ја задоила со класична музика.
– Секако, интерес постои, па дури и секојдневно ги менува желбите за тоа на кој инструмент ќе свири кога ќе порасне. Oдлично реагира на различни стилови на музика, a се разбира, задоена е со класична музика – вели Милена.
Mногу често, и додека Инес била бебе, во нивниот дом денот почнува со убава класична музика.
– Со тоа телевизорот останува исклучен. Во последно време знае да ја земе својата пластична виолина и да ми рече: „Мама, ајде чао, јас одам на работа“. Кога ќе ја прашам што ќе прави на работа, таа одговара: Ќе правам цигу-лигу“. Дома имаме инструменти, постојано се гледа, се слуша музика, па интересот доаѓа сам по себе – радосно вели Милена.

„Таму каде што зборовите потфрлуваат, музиката зборува“

Вистински, кога станува збор за професијата, може да ја израдува постигнат успех по напорна и макотрпна работа и денови и часови поминати во вежбање со учениците, а и некој успешен настап. Таа е член на камерниот состав ,,Анимус“ и на триото ,,ВивАрт“.
– Последниов период имаше три настапи во камерна формација: оној со познатите челисти ,,2cellos“ и уште 2 настапа, приватни проекти кои се одржаа во камерната сала на Македонската филхармонија, од кои ќе го издвојам последниот на мојата почитувана колешка и композиторка Бете Илин, која оваа година го прослави својот јубилеј 15 години со нејзините моќни и импресивни, полни со емоции композиции на кои публиката не остана рамнодушна – истакнува нашата соговорничка.

Неодамна, на меѓународниот натпревар „Охрид те сакам“ со учениците освоија две први награди – едната во камерна формација „квартет виолини“, а другата во соло-формација.
На крај, го сподели со нас советот што често им го кажува на учениците: „Таму каде што зборовите потфрлуваат, музиката зборува“ (Ханс Кристијан Андерсен).



912

X