Таа денешна младина! Ах, таа денешна младина! Таа „воздишка“ одамна е претворена во реченицата што сите ја слушавме барем повремено во младоста – ако не беше за нас, тогаш беше за некој од општеството, училиштето или соседството. Се смеевме на таквото размислување. И тогаш станавме тие што го кажуваат истото – ах, денешнава младина.

Се возев со трамвај претходната вечер. Брзав за родителскиот состанок, кој започна во 19 часот и 45 минути, па знаев точно колку е часот – а сè уште бев во трамвајот. Случајно забележав девојче на, приближно, 11 или 12 години. Откако избезумено пишуваше, проверуваше сè на нејзиниот мобилен телефон (сите што имаме деца на таа возраст знаеме како изгледа тоа), ѝ се јави на баба си на мобилниот точно во претходно споменатиот час. Ѝ се обрати токму вака (не сум сигурна дека го слушнав поздравот): „Ајде, дојди на станицата, веднаш! Мора да одиме во книжарница да купиме хамер! Побрзај, имаме 15 минути! Сметај дека се 10!“

Станицата беше за точно 30 секунди од повикот. Да беше бабата олицетворение на Бетмен, мислам дека немаше да успее. Само телепортацијата би ѝ помогнала. Девојката излезе од трамвајот (оние 30 секунди по повикот) и нервозно ја побара баба си, па погледна во мобилниот телефон. Не знам како заврши приказната и дали бабата успеала да измисли хамер со својата супермоќ затоа што морав да брзам на состанок. Но тој тон и тој начин на разговор со бабата и таа ароганција во нејзиниот глас… Сè уште ми се враќаат во сеќавање. И цело време ја замислував таа баба од другата страна на линијата и се прашував зошто рекла „добро, еве ме“ или што и да рекла. Зошто, на пример, не рече: „Извини драга, но баба навистина не успева толку брзо. Извини, но следниот пат ќе треба навреме да го купиш тоа што ти треба за на училиште.“

Што научила девојката од тоа?

Дека може да заборави сè, да го одложи, а потоа да пукне со прстите и сите околу неа да трчаат, да ги загубат главите, да научат да летаат само за таа да го добие тоа што го сака навреме. Како ова ќе ѝ помогне во животот? Воопшто нема. Чист пример за лоша услуга.

Лани син ми беше 4. одделение. Наутро одеше на училиште, а околу 10 часот добив порака (иако не смеат да користат мобилен телефон и никогаш не го вклучил на училиште – наставничката му го дала за да ми се јави): „Мамо, те молам донеси ми сè за математика на училиште“. Му пишав дека ми е жал, но дека имал можност да среди сè според распоредот и дека нема да му ги носам книгите на училиште, само затоа што не внимавал или брзал. Меѓутоа, ја добив следнава порака: „Мамо, те молам, учителката ми рече да ми ги донесеш“. Тогаш се налутив. Знаеше дека работам од дома, знаеше дека сме релативно блиску до училиштето – сепак не премногу блиску. Всушност, знаев дека моето дете ѝ е драго и дека секако има смисла тој ден да има книги, дека тоа е за негово добро. Но, сè до училиште и назад, и до крајот на денот, зоврев од гнев. Зошто наставничката не ми дозволи да му одржам лекција на моето дете – ако не си ги спремиш сам книгите, ќе ги немаш! Точка.

Во таа приказна ме тешеше само тоа што син ми многу внимателно и учтиво ме замоли да му ги донесам потребните работи, но и тоа што тоа не беше негова идеја – бидејќи знам и дека никогаш не би дошол до таа идеја.

Сепак, не можев да објаснам зошто наставничката би му испратила таква порака на дете.

Не сум јас без грев, да се разбереме!

Понекогаш навистина премногу ги „разгалувам“ моите деца. Барем така вели господинот сопруг, нели? Често им попуштам, имаме многу „болни точки“ и разни „дупки“ што треба да ги закрпам. Но, знам дека ги подготвувам за светот. Знам дека треба да ги средуваат книгите. Знам дека еден ден никој нема да дотрча да им го носи лаптопот што го заборавиле за работа. И знам дека не смеат да бидат арогантни.

Знам дека не можат и не смеат да очекуваат некој поради нив да се чувствува како покорен слуга или помалку вреден. Некој да им ги закрпи дупките и да ги поправи нивните грешки.

Вчера имавме драма дома. Госпоѓицата има роденден за неколку дена. Има некоја фризура која долго време ја посакува. Одамна ветив дека ќе ѝ го остварам тоа за роденден – и заборавив. Кога ме потсети, веќе беше доцна за термин кој идеално би ни одговарал. Се обидов да договорам некој друг, но комуникацијата преку пораки беше прилично бавна. Вечерта плачеше од срце. Ја тешев, реков дека ќе се обидеме пак. Таа се разбуди во 6:30 наутро и ме праша дали сум закажала. Не, не закажав во текот на ноќта. Плачење, драма. Беше малку заморно, рано наутро, но сочувствував. Знам сѐ, на тие години тоа е најлошото нешто на светот. Но, тогаш следуваше – обвинение. Придружено со ароганција. Таа ми РЕКЛА, а јас сум ЗАБОРАВИЛА, и ми зборувала уште од летото, а јас НИШТО НЕ СУМ МИСЛЕЛА… Само викнав „доста!“ Ѝ кажав дека се однесува како некое арогантно и дрско детиште, дека нема да го дозволам тоа, повторив дека дадов сѐ од себе да закажам термин, дека има уште време и надеж дека сѐ ќе биде во ред, дека ќе направам сѐ што можам за да биде така и нема да дозволам така да зборува со мене.

Се свртив и излегов од собата, а таа замолча. Кога стана од кревет, дојде до мене, ме прегрна и ми рече „Жал ми е…“ Децата сами по себе не се арогантни. Ние сме тие што им дозволуваме да го прават тоа. Им дозволуваме да мислат дека однесувањето е во ред, па и понатаму така се однесуваат. Тоа е пубертетот – бунтот е дел од него, и секако дека ќе се обидат, нема ништо лошо во тоа. Но, ако ви се налутат затоа што нема хамер и ви наредат да се телепортирате некаде за да ја добијат таа хартија и вие го дозволите тоа, тогаш следниот пат ќе го направат тоа повторно – затоа што знаат дека можат. И тогаш имаме деца кои не им даваат предност на постарите и трудниците, кои арогантно одговараат кога некој ќе ги опомене за нешто…

Не велам дека е лесно, не велам дека може да се примени со секого, но – можно е. Ни треба толку малку…И не, не се сите такви, се разбира. Но, ги има многу. Без почит кон другите. А душата ме боли само кога ќе помислам колку е убаво кога не се такви.

Автор: Наташа

Извор



912

X