Долгогодишното искуство на авторката како професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, учеството на различни студиски програми, но и нејзиното родителство ѝ овозможуваат преку оваа книга да поттикне на размислување за големите развојни потенцијали и можности на децата, кои неповратно се губат кога не се препознаени и поддржани во воспитно-образовниот процес
„Играта и учењето – нови концепти во раното учење“ од професорката Лена Дамовска е книга за една поинаква педагогија, која промовира нови вредности во воспитно-образовниот процес со цел децата да стекнат нови компетенции и вештини кои ќе бидат корисни во втората половина на 21 век, во време кога ќе се појави потребата од сосема нови профили на работни места, кои денес едноставно не постојат.
Ова била целта на авторката за создавање на овој учебник, кој во издание на „Просветно дело“ беше промовиран минатиот месец.
Долгогодишното искуство како професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, учеството на разни студиски програми и нејзиното родителство ѝ овозможуваат преку оваа книга да поттикне на размислување за големите развојни потенцијали и можности на децата, кои неповратно се губат кога не се препознаени и поддржани во воспитно-образовниот процес.
– Во овој учебник се претставени новите концепти во раното учење и развој на децата од раѓање до осумгодишна возраст, кои се составен дел на добрите педагошки практики. Потребата од промена на парадигмите во раното учење и развој, изразена преку иновативната педагогија, партиципативната педагогија, рефлективната педагогија, критичната педагогија. Практикувањето на сите нив заедно претставува појдовна основа за промоција на еден сосема поинаков педагошки дискурс во креирање и реализација на воспитно-образовната работа со децата кај нас – вели авторката на новата книга „Играта и учењето-нови концепти во раното учење”.
Кој беше мотивот да се создаде еден ваков учебник?
– Целта е да поттикне на размислување кај сите оние што професионално се вклучени во воспитно-образовниот процес на нашите деца, а тоа се воспитувачите, наставниците, професорите. Нивните лични вредности, личната посветеност и нивниот однос кон децата се пресуден фактор за постигнување успех во образованието. Стекнувањето поголема автономија во организирањето, планирањето и реализацијата на воспитно-образовниот процес значи давање значење на рефлективната педагогија. Тоа е постојаното преиспитување на сопственото педагошко дејствување, на постигнатите успеси со децата како составен дел на критичната педагогија. Истовремено, тоа е значаен услов за постигнување успех во сопствената педагошка практика на секој посветен воспитувач, наставник, професор. Оваа книга треба да ги мотивира сите вработени во образованието, да поттикне на размислување за тоа како да го направиме учењето предизвик за секое дете, да ги мотивираме децата активно да партиципираат во процесот на стекнување на сопствените знаења. Промоцијата на новите парадигми во педагогијата кои треба да поттикнат промени во педагошката практика, поврзани со иновативната педагогија која во ерата на четвртата индустриска револуција промовира нови знаења, применливи во секојдневниот живот на децата, ги антиципира автентичните потреби на учениците, новите очекувања и предизвици за нив.
Многу генерации претходно беа учени дека играта и учењето не одат заедно, односно дека прво треба да се научи, па тоа да се игра. Дали играта и учењето навистина се во корелација? Колку преку игра може да се научи?
– Играта е „ексклузивен метод“ со чија помош децата учат да се концентрираат и да ја постигнат саканата цел. Таа и понатаму останува синоним за детето и за детството, но истовремено и доминантна стратегија за рано учење и развој на децата. Нејзината примена во воспитно-образовни цели им овозможува на децата постојано преиспитување и реконструирање на сопствените искуства и знаења за предметите и појавите околу нив. Примената на играта во раното учење и развој промовира холистички концепт за квалитетно учење, базирано на предизвици, поставени интердисциплинарно. Креирање услови за примена на играта во воспитно-образовни цели значи да ги мотивираме децата, да им овозможиме да бидат активни, задоволни, фокусирани на процесот, креативни. Во играта децата стекнуваат знаења, вештини и ставови кои ќе придонесат да се развие клучната компетенција „како да се учи“. Современите пристапи кон раното учење промовираат активности базирани на игра.
Каков треба да биде педагошкиот пристап од наставниците кон учениците?
– Нема готови рецепти за добрите педагошки практики. Креирањето воспитно-образовен амбиент во кој има простор за реализација на секое дете во согласност со неговите индивидуални потреби и интереси е примарна задача за трансформативната педагогија. А таа е насочена кон детето, кон неговиот животен контекст. Подготвеноста на практичарите за постојано слушање на гласот на децата им овозможува стекнување реални искуства во воспитно-образовниот процес. Тоа се искуства, знаења и вештини кои соодветствуваат на нивните индивидуални потреби. Децата го креираат курикулумот. Тој се претвора во ориентациона рамка за наставниците и за воспитувачите. Само така курикулумот станува отворен за потребите на сите деца. Нивниот креативен глас е рефлексија на нивните автентични искуства и потреби. Исто така, нагласената културна респонзивност во воспитно-образовната практика е добра и претставува отворена покана за децата активно да стапуваат во интеракција дете-дете, наставник-дете, воспитувач-дете.
Дали воопшто се антиципираат потребите на децата за две-три децении подоцна? Какви сакаме да бидат нашите деца?
– Промоцијата на новите парадигми во педагогијата на 21 век значи една сосема поинаква педагошка реалност, односно педагогија која ќе му помогне на секое дете да го пронајде сопствениот пристап кон учењето. Тоа значи нагласен сензибилитет за стиловите на учење на секое дете посебно, зголемена одговорност да се слушнат децата, нивните автентични мислења и ставови, нивна континуирана поддршка во учењето и вклучување на децата во донесување одлуки кои се однесуваат на нив.
Дали е тоа составен дел на добрите педагошките практики кај нас?
– За жал, многу малку. Во ерата на вештачката интелигенција, роботизацијата, дигитализацијата, потребна е промена и креирање сосема нов педагошки дискурс кој ќе им помогне на децата да научат да мислат, да знаат како треба да ги користат информациите, да го поттикнат развојот на критичкиот ум, наспроти конформизмот и рутината во пренесувањето на знаењата. Новата реалност во образованието денес ја менува природата на учењето, на стекнувањето на новите знаења. Трансверзалните вештини (логичко размислување, решавање проблеми, активно учење, претприемништво, критичко мислење, креативност… стануваат реалност. Когнитивната љубопитност и флексибилност се составен дел на добрите педагошки практики.
Колку со новите современи текови се менуваат постулатите во едукацијата во рамките на педагогијата?
– Квалитетното образование не смее да ги избегне клучните предизвици на глобалниот развој. Образовните институции ги подготвуваат децата за живот во иднината. Денешните деца ќе работат и ќе се занимаваат со професии кои денес се целосно непознати за нас.
Потребата од нов дидактичко-методски дискурс во раното учење кај децата произлегува и од радикалните промени во нашето опкружување. Големите технолошки промени и новото општество засновано на знаење, наука, учење, едноставно наметнуваат нови пристапи кон образованието на децата во предучилишна и рано училишна возраст. Постојните знаења и вештини на децата едноставно не одговараат на новиот образовен амбиент, тоа се знаења кои брзо застаруваат и се бескорисни.
Неопходни се сериозни внатрешни промени во технологијата на учењето и на наставата воопшто. Потреба од поинаква дидактичко-методска организација на воспитно-образовниот процес, промени во содржината, во стратегиите на работа со децата. Потребно е да се пронајдат нови начини за постигнување квалитет во воспитно-образовната работа со децата, внесување систем на квалитет и менување на стандардите за рано учење и развој.
Дали овој учебник е наменет само за наставниците од основното образование? Ќе може ли да послужи и како педагошка едукација за родителите?
– Оваа книга е првенствено наменета за студентите на Институтот за педагогија, за студентите на сите наставнички факултети, за наставниците од првиот образовен циклус, за воспитувачите во детските градинки. Таа е наменета за сите вработени во образованието кои чувствуваат потреба од промени и изнаоѓање нови начини за постигнување квалитет во воспитно-образовниот процес. Ова книга е добро четиво и за сите родители што сакаат активно да партиципираат во образованието на сопствените деца. Родителите се партнери во воспитно-образовниот процес на своите деца. Тоа е значајна придобивка за секое дете во образовниот процес, до крајот на формалното образование. Само така се постигнуваат извонредни резултати. Не можеме да очекуваме училиштето да ја преземе целокупната обврска во воспитанието и образованието на нашите деца. А каде завршува родителската улога?
912