„Во мое време не беше вака“, „Мене мајка ми/татко ми не ме третираа вака“, „Јас морав да косам трева, да собирам сливи, да готвам, да мијам садови, а уште добивав и ќотек“, „Јас кога сакав да одам до град, одев пешки… што ќе му фали нему ако го направи истото?“

Верувам дека многу пати сте го чуле ова, а можеби и сте го изговориле. Би сакала да ви кажам нешто по тој повод. Ќе бидам малку остра на почетокот – дали сте биле среќни поради таквото растење? Дали ви било убаво во моментите кога сте го доживувале тоа? Дали мислите дека поради тоа немате некои емотивни недостатоци како личност? Дали тоа ве формирало повеќе позитивно или негативно? Дали сте задоволни кога се сеќавате на тие моменти?

Секоја генерација израснала во своето време. Секое време има свое бреме. Не се исти приказните на мојата прабаба, мојот дедо, мојот татко и мојата мајка. И тоа е нормално. Некогаш едноставно се живеело поинаку, потешко, немало услови за истиот живот како денес. Немало технички работи – алати, автомобили, пари, работа, технологија. Не било лесно да се биде образован и едуциран, да се истражат областите што те интересираат, да се истражи животот. Тоа ги оправдува воспитните методи што ги користеле нашите предци. Не знаеле дека не треба така и немале каде да видат и да научат дека не треба така. Воспитните методи (како и денес) се пренесувале од колено на колено и оттаму произлегува истото генерациско воспитување засновано на тоа дека детето треба да се осамостои така што ќе пешачи, работи, коси, собира, а да се научи така што родителите ќе му викаат ако не послуша по третото повторување или така што ќе биде тепано или казнувано.

Што денес ве спречува да проучите како треба да се однесувате со своето дете, кога сте „на клик“ од сите можни воспитно-едукативни материјали? Дека викањето, тепањето и некои драконски казни не се начин од детето да стане човек? Децата треба да имаат свои обврски и тоа е во ред, но децата треба да имаат сигурност и детство и да научат дека напорната работа кога нема потреба за тоа е глупост, а не труд. Да, нормално е денес да не пешачат од точка А до точка Б неколку часа низ брда и долини, како што би требало и да не ги возите до градинката која е оддалечена 300 метри од домот. Сè се променило, постојат разни превозни средства, а постоите и вие, кои тоа ќе им го олесните. Исто така е нормално, кога сте се договориле, да ви помогнат во чистењето со правосмукалката, да избришат прашина или нешто слично. Поентата е во балансот.

Разбирливо е да сакате да го научите детето да биде одговорно и да ги исполнува своите обврски. Да научи што значи самото нешто да „заработи“ или да заслужи со свој труд. Читав за тоа дека некаде на децата им „плаќале“ симболичен џепарлак за симболични работи за да го разберат принципот на заработка на пари. Но, ако вашето дете во повозрасна доба го замени тој џепарлак така што ќе најде хонорарна работа, на пример, онлајн-предавач на некој јазик и попрво го избира тоа наместо обврските што вие сте му ги задале, значи дека сте успеале да го научите да се осамостои.

Детето мора да биде приоритет во однос на сè – и работите и обврските – бидејќи од него правите човек, кој некому можеби ќе му биде потребен. Ќе биде нечиј брат, сестра, тетка, тетин, вујко, вујна. Она што најмногу ќе ве погоди е тоа што ќе биде мајка или татко и тоа на вашите внуци, а кога нив би ги одгледувале на тој начин на кој и самите се одгледувани, тоа нема да ви се допадне.

Автор: Кристина Вукомановиќ

Извор



912

X