„Каде што има ќотек, има страв, каде што има страв – не никнува љубов. Каде што има морков – таму има интерес, каде што има интерес – не цвета љубов“ – порачува професорката Милица Новковиќ, која целиот работен век го поминала во работа со деца. Денес таа е во пензија, но не се откажува од својата мисија да ги потсетува родителите дека воспитувањето е најголемата уметност во која за успех се потребни талент, работа и неизмерно многу љубов.

– Ние сме многу скромен народ, а моделот на воспитување на овие простори е традиционалното семејство, а и јас потекнувам од такво семејство. Во него нема поткупување на децата, правилата се јасни, постојат казни и карање, но кога ќе порасне детето, сфаќа дека родителите му посакуваат добро. Со текот на времето наметнато ни е насилство, поткупување на децата како воспитен метод кој не може да ни донесе ништо добро – објаснува Новковиќ.

Професорката потсетува дека во традиционалното семејство детето морало да ги почитува правилата, немало поголеми проблеми, децата слушале и брзо сфаќале дека учителот и родителот се во согласност еден со друг.

– Децата се раѓаат со внатрешна мотивација, со добрина, со никулец на љубов во себе. Родителите не треба да го менуваат тоа, но го прават штом го уфрлуваат детето во процес на „дресура“ со стап и морков – вели Милица Новковиќ и додава дека денес родителите и децата се „чипирани“ бидејќи без награда децата не сакаат ништо да направат. Имаат искривена свест, а во сето тоа родителот е на граница да се откаже од сè.

– Родителите веќе во третата, четвртата година на детето ги плаќаат своите грешки бидејќи не владеат со децата. Технологијата, таблетите и телефоните имаат контрола над најмладите. Децата на кои од 6 месеци им ставаме таблети в раце растат во луѓе со многу проблеми. Денес дури и стоматологот има контрола над нас. Тој прво го прашува родителот дали му ветил нешто на детето за мирно да седи на стоматолошкиот стол. Ако ништо не сме ветиле, тогаш родителот мора да седне заедно со детето на столот и цврсто да го стегне. Со такво однесување не сме во можност да ги развиеме изворните потенцијали на детето. Новите генерации веќе зборуваат: „Ма каков брак, тоа не доаѓа предвид“. Тоа денес децата го зборуваат веќе на 12 години.

Автор: Бранка Гајиќ



912

X