Од МОН велат дека училиштата требало да пополнат е-нарачка за потребниот број на учебници во која ќе наведат податоци за бројот на оштетени учебници и за бројот на учебници врз основа на зголемување на бројот на ученици

Ни недостигаат три учебници, но другар на син ми не доби ниту еден. Наставниците ни препорачуваат тоа што ни недостига да го преземеме од учебниците што се достапни на платформата е-учебници, вели Горица Н. мајка на шестоодделенец во скопската населба Карпош.

Еден ден пред почетокот на учебната година родители реагираат дека комплетите не се целосни, многу учебници недостигаат, а голем дел се оштетени. Наставници испраќаат ПДФ-формати од учебниците по е-пошта за тие што е извесно дека нема да стигнат до учениците. Кој сака може да учи преку компјутер, кој сака може и да си ги испечати.

– Имаме два учебника со работни тетратки. Другите ни стигнаа на е-пошта. Ни препорачаа да ги преземеме од е-учебници, но три за петто одделение не се достапни за преземање. Чекаме понатамошни инструкции од наставниците. Ова не е во ред. Образованието е задолжително и бесплатно за сите. Како да ја следат наставата без учебници – прашува револтиран татко од скопската населба Гази Баба.

Прашавме во Министерството за образование и наука до каде е дистрибуцијата на учебниците, колку побарале нови зашто постојните биле оштетени, дали се надминати проблемите на платформата е-учебници зашто до пред еден месец голем дел од нив беа недостапни за преземање.

Според Законот за учебници, секој ученик на почетокот од учебната година добива комплет бесплатни учебници. Учениците од 1. до 3. одделение добиваат нови комплети за следење на наставата. Останатите ги преземаат комплетите од претходната генерација.

Од МОН објаснуваат дека учебниците од 1. до 3. одделение се обезбедуваат по основа на откуп на тиражи, освен два учебника по предметот турски јазик за 1. и 3. одделение кои биле во фаза на печатење и веќе се дистрибуираат.

– Дистрибуцијата на учебниците треба да заврши до денеска, 30 октомври, зашто и почетокот на учебната година беше пролонгиран – велат од МОН.

Учебниците од 4. до 9. одделение кои се премногу оштетени и не може да се користат се набавуваат поинаку, објаснуваат од МОН. Училиштата пополнуваат една е-нарачка за потребниот број на учебници. Во неа се наведуваат податоци за бројот на оштетени учебници и податоци за потребниот број на учебници врз основа на зголемување на бројот на ученици.
– Сите училишта го имаат пополнето е-формуларот за нарачка. Од вкупно 342 основни училишта, 111 училишта побарале учебници врз основа на оштетеност – велат од МОН.

Учебниците што беа предмет на ревизија до 30% на содржината, по завршувањето на процесот на ревизија треба да се печатат и дистрибуираат до училиштата во целосен тираж. На прашањето што се случува со е-учебниците и кога кога ќе бидат достапни за учениците, од МОН одговараат:

– Повеќето учебници што недостигаат на е-учебници или се во постапка на одобрување, на ревизија или МОН сѐ уште нема добиено согласност за нивно објавување. На почетокот од септември МОН оствари средба со сите издавачки куќи од кои беше побарано учебниците што се во нивна сопственост, односно за кои тие имаат авторски права, да ги достават во е-верзија. Врз основа на ова барање дел од издавачките куќи одговорија позитивно. За дел од учебниците издавачите се во постапка за добивање право за објава на е-верзија.



912

X