Демографите проценуваат дека 65-годишна жена која живеела во 1950 година имала 41 жив роднина. До 2100 година се предвидува дека жена на таа возраст ќе има само 25 живи роднини. Средовечните луѓе ќе бидат под сѐ поголем притисок, принудени да се грижат за своите деца и постарите родители.

Ова се заклучоците од студијата објавена во списанието „Списи од Националната академија на науките“. Тим од демографи истражувал како големината и структурата на семејството ќе се променат до крајот на векот.

За да ја направат анализата, истражувачите го воделе моделот преку базата на податоци од документот „Изгледи за светската популација“, од официјалните проекции на населението за 237 земји. Моделот направил процени за бројот и видот на роднините што може да ги имаат новороденче, 35-годишник и 65-годишник во 1950 година, денес и во 2100 година.

Тие предвидуваат дека структурата на семејството радикално ќе се промени до 2100 година, со значителни последици за општествата низ светот. Падот што го забележале ќе се случи во цел свет, но неговата големина ќе варира од земја до земја. На пример, една 35-годишна жена од САД во 1950 година можела да има 33 роднини во нејзиното пошироко семејство. Денес ги има 24, а во 2100 година ќе ги има 18.

Искуството на 65-годишна жена од Кина ќе биде уште подрастично. Во 1950 година имала 61 роднина, денес има 49, а до 2100 година ќе има само 14 члена на семејството. Се предвидува дека кинеското население ќе се намали од 1,4 милијарди на под 800 милиони до 2100 година поради повеќедецениската политика на едно дете, економскиот раст, високите трошоци за одгледување деца и речиси непостојната меѓународна имиграциска политика.

Вертикални и хоризонтални семејства

Иако во моментов е вообичаено за возрасни внуци, возрасни деца, браќа и сестри и братучеди да се грижат за постарите, таквите семејни ресурси едноставно нема да постојат за неколку децении. Како што опишуваат демографите, семејствата ќе станат повеќе вертикални отколку хоризонтални. Со други зборови, ќе има многу помалку братучеди, браќа и сестри, а малку повеќе правнуци, прабаби и прадедовци.

„На пример, во Италија се очекува просечната возраст на жената да се зголеми од 77,9 години во 1950 година на 87,7 години во 2095 година“, пишуваат демографите.

Тие предвидуваат дека семејните ручеци и собири ќе станат поретки. Тоа, исто така, значи дека средовечните возрасни лица, во повеќето земји, веројатно ќе бидат под зголемен притисок. Како што поединците го одложуваат раѓањето деца, јазот помеѓу генерациите се зголемува. Тоа значи дека бабите и дедовците се многу постари отколку што биле порано и затоа се помалку способни да ја исполнат улогата да се грижат за своите внуци.

Сега, но и во иднина, возрасните ќе се грижат за своите родители додека ги воспитуваат своите мали деца. Оваа ситуација може да стане неодржлива за возрасните во нивниот цут, од кои се очекува истовремено да ја водат економијата на земјата, додека се грижат за младите и старите членови на семејството.

Извор



912

X