Добрите родители ја користат секоја можност кога детето е вознемирено, да одговорат како добри емоционални учители. Тие ги сфаќаат чувствата на нивните деца многу сериозно и секогаш се обидуваат да разберат што точно го повредило или вознемирило нивното дете.

Проучувајќи го животниот тек и успехот на 49 студенти од Харвард до нивните средни години, истражувачите откриле дека академиците со висок коефициент на интелигенција и врвни резултати на тестовите на факултет не поминале особено добро во животот, во споредба со нивните врсници кои имале послаби перформанси на факултет – ниту во однос на платата ниту во продуктивноста или позицијата во професијата. И немале повеќе среќа во пријателствата, семејствата или романтичните врски. Со други зборови, академската интелигенција фундаментално не ги подготвила за животните проблеми и стресови, а учениците кои училиштето ги оценувало со „петка“ честопати добивале „единица“ од животот.

Тргнувајќи од тезата дека голем дел од успехот на човекот во животот и во општеството е одреден од фактори кои немаат врска со интелигенцијата – почнувајќи од социјалниот статус до обичната среќа – психологот и професор на „Харвард“ Даниел Големан ја напишал книгата „Емоционална интелигенција“, која е преведена на 40 јазици и се смета за еден од најдобрите психолошки бестселери веќе дваесет години. Во книгата што го револуционизира нашето разбирање за важноста на емоционалната интелигенција, Големан открива дека е невозможно точно да се предвиди кој ќе успее во животот врз основа на релативно несигурните резултати од тестот за интелигенција.

Даниел Големан бил гостин во Белград, каде што одржал предавање за важноста на емоционалната интелигенција, а во интервју за „Политика“ објаснил зошто академската интелигенција нема многу врска со успех во животот.

Како би опишале емотивно интелигентна личност?

-Тоа е личност која добро ги познава своите чувства и ги контролира. Самосвесна е и знае да ги држи под контрола своите емоции, особено оние вознемирувачките и деструктивните, кои можат да ѝ наштетат не само нејзе, туку и на другите луѓе. Има квалитетни односи со луѓето и висок степен на емпатија – знае да чита туѓи изрази на лицето, да го разбира говорот на телото и не само што слуша зборови, туку и ја слуша „музиката“ со која некој ни се обраќа. Покрај тоа, разбира како се чувствуваат другите луѓе, зошто се однесуваат на одреден начин и што го поттикнува нивното однесување.

Многу е тешко да се каже кој пол има подобра емоционална интелигенција. Иако жените во просек постигнуваат подобри резултати на тестовите за интелигенција и имаат поголема емпатија и социјални вештини, мажите имаат поголема самодоверба и подобро ги држат турбулентните емоции под контрола.

Велите дека некои родители се талентирани учители, а други им одмагаат на децата. Како да одгледате и воспитате емоционално интелигентно дете?

-Повеќето родители се природно добри учители. Сепак, важно е да се каже дека на детето уште од најмала возраст треба да му се објасни како другите луѓе се чувствуваат кога тоа прави нешто – ова е една од најважните лекции за емоционалната „писменост“ на детето. Добрите родители ја користат секоја можност кога детето е вознемирено да одговорат како добри емоционални учители. Тие ги сфаќаат чувствата на нивните деца многу сериозно и секогаш се обидуваат да разберат што точно го повредило или вознемирило нивното дете.

Трите најчести погрешни обрасци во родителството се: целосно непочитување на детските чувства, прекумерно попуштање на детските барања и презирен однос кон детските чувства.

Дали верувате дека темпераментот што се одредува при раѓањето може да се промени и дека срамежливото дете може да прерасне во самоуверена личност?

Тоа е апсолутно точно. Психолошките студии покажуваат дека помеѓу 15 и 20 проценти од бебињата на планетата се срамежливи. Меѓутоа, еден истражувач ги следел низ детството и открил дека родителите се тие што можат да му помогнат на детето да ја надмине првичната генетски дадена срамежливост, несигурност и интровертност. Затоа, заклучуваме дека темпераментот не е судбина. Емоционалниот мозок се развива до средината на дваесеттите години преку интеракција со околината. Сепак, мора да се истакне дека нашиот емотивен живот е полн со несвесни навики кои треба да ги промениме. Промената на тие навики бара време, добра мотивација и повратна информација за тоа дали правиме нешто добро, дали активно ги слушаме другите луѓе и дали ги почитуваме нивните чувства.

Често велите дека имаме два мозоци, емотивен и когнитивен, и истакнувате дека повеќето важни одлуки во животот ги носиме со главата, а не со срцето. Што е поважно за успех во животот?

Ние немаме два мозоци, туку различни делови од ист мозок – емоционален мозок и мозок што размислува. Тие работат заедно, но ниту едното не е поважно. Ако емоциите функционираат без „контрола“ на размислувачкиот мозок, имате проблем. Ако само размислувате и не сте во контакт со вашите емоции, повторно имате проблем. Ќе ви дадам пример од животот: на еден познат адвокат во Америка му била отстранета невролошката врска меѓу овие два мозоци. Тој останал интелектуално ефикасен, но неговата сопруга набрзо се развела од него поради проблеми кои настанале во нивната емотивна врска.

Во вашата книга „Социјална интелигенција“ предупредувате дека вирусот на социјалниот аутизам циркулира меѓу младата генерација и дека „ајпод“, „ајфон“ и паметните телефони им го прекинале контактот со реалноста. Имаме ли поголема корист или штета од социјалните мрежи?

Технологијата ја менува човечката комуникација. Пред само 15 години ако некој извадеше мобилен телефон среде разговор со вас, ќе помислевте дека е крајно груб. Денес, кога одам во некој романтичен ресторан, веќе не очекувам да видам заљубени парови како се гледаат, бидејќи знам дека ќе си ги гледаат мобилните телефони. Најефективен начин на комуникација е лице в лице, а најлош е испраќањето СМС или е-пошта. Социјалните мрежи ни обезбедуваат широка мрежа на „пријатели“, но тоа се емоционално слаби мрежи. Со луѓето со кои поминуваме време се развиваат силни емоции. Ако преку социјалните мрежи ги зацврстуваме врските само со блиски луѓе, тогаш тоа е добро, но ако одржуваме голем број слаби врски, тоа не е добро. Дополнително, отворено е прашањето за влијанието на социјалните мрежи врз развојот на децата. Сè уште не знаеме колку губат децата кога комуницираат со некого преку екран на компјутер или телефон, а не лице в лице. Се плашам дека наскоро ќе комуницираме меѓу себе преку холограмски проекции.

На прашањето кој е пример за емоционално интелигентна личност, го именувате далај-лама. Неодамна напишавте книга за овој мудрец. Зошто е тој толку инспиративен за Вас?

Ќе одговорам со еден од неговите цитати. Далај-лама вели: „Ако читате весник секој ден и тоа е единствената информација што ја добивате за светот, ќе помислите дека светот е ужасно место за живеење. Но, ако погледнете во историјата, ќе сфатите дека светот низ вековите станал подобро место за живеење. Пред 200 години еден од пет луѓе знаел да чита, очекуваниот животен век траел триесет и нешто години, сега трае 70 и нешто години. Наместо човекови права и женски права, имало ропство. Меѓутоа, сега работите се многу подобри“. Сепак, морам да додадам дека сум многу загрижен за децата – тие утре ќе станат возрасни и од нив ќе зависи иднината. Затоа е важно тие да станат емоционално описменети и да научат на училиште како да управуваат со вознемирувачките емоции и како да развијат емпатија. Така децата ќе пораснат во добри луѓе.

Автор: Катарина Ѓорѓевиќ

Извор



912

X