Се чини дека нежното родителство е гласот на деценијата и стилот на воспитување кој полека го зазема првото место. И тоа, по дефиниција, е добра работа. Освен во случаите кога веруваме дека мораме да го следиме секогаш, без исклучок и без оглед на нашите сопствени потреби и чувства.

Нежното родителство вклучува фокусирање на чувствата на вашите деца и обид да се разбере што се крие зад нивното однесување наместо само да се коригира однесувањето. Тоа е, всушност, антитеза на авторитарниот стил на родителство со кој се воспитуваат генерации луѓе.

Така, наместо да се фокусирате на коригирање на однесувањето со испраќање на детето в ќош или во неговата соба за „малку да размисли“ или да го казните, ако сте родител кој избира нежно родителство, ќе ја разберете емоционалната состојба што довела до ваквото однесување. Тоа, секако, не значи дека ќе дозволите несоодветно однесување, но казните, карањето и ескалацијата на ситуацијата нема да бидат ваш избор. Сигурно е дека секој што макар малку бил заинтересиран за овој начин на воспитување и упорно применувал некој од советите, забележал дека дава резултати.

Навистина дава. И на прв поглед, тоа нежно родителство изгледа како вистинска ѕвезда меѓу родителските стилови. Па кој не сака да ги почитува чувствата на своето дете?!

Сепак, има нешто што многумина го забораваат… И покрај тоа што во центарот ги става емпатијата и здравата комуникација, нежното родителство не е секогаш нежно кон мајките.

Нежното родителство не се грижи за мајките и поставува нереални очекувања

Ако некогаш сте биле дел од фејсбук-групите посветени на нежно и позитивно родителство, тогаш сигурно сте имале можност да видите низ што поминуваат мајките кои не реагираат на начинот на кој овие модели на родители диктираат. Најчесто се среќаваат со пораки за осуда или пасивна агресија, каде што меѓу редови може да прочитаат дека самите се виновни за однесувањето на детето. Затоа што не се мајки какви што му требаат на детето.

Постојат претерани предупредувања за траумата што мајката ќе ја остави врз детето ако го подигне гласот или го казни. Така, мајките остануваат убедени дека го туркаат своето дете во траума и на патот на неуспехот. На пример, ако брзате со вашето дете велејќи му дека мора да се подготви за на училиште или дека нема време да седи на нокшир толку долго, вие не сте нежен родител. Родителите кои го користат овој тип родителство обично ќе ви речат да се запрашате зошто детето го прави ова и дали коренот на проблемот можеби е нешто што сте го направиле.

Нежното родителство целосно го игнорира реалниот живот на мајките

Земете го, на пример, подготвувањето за училиште. Ако не ги избрзаме, има големи шанси да задоцниме на работа. Не е дека секогаш имаме време да го повториме истото 10 пати, сето тоа со трпение. Да, треба да се наведнете, да го погледнете детето в очи и да му кажете дека е важно брзо да се подготви. Но, тоа е дете! Додека да се сврти, ќе заборави што сме кажале. И тоа не значи дека сме лоши родители.

Децата не се мини-возрасни

А понекогаш работите ги прават нерационално и без никаква логика, водени само од своите желби. Понекогаш одбиваат да ги облечат чевлите без некоја подлабока причина, едноставно се заиграле. Не затоа што зад тоа се крие подлабока емоционална потреба. Понекогаш, тантрумот е резултат на неисполнети желби. И сосема е добро, кога ќе го препознаеме тоа, да не се обидуваме да копаме подлабоко, туку едноставно да останеме доследни.

Според филозофијата на нежното родителство, родителите (а да бидеме искрени, кога велиме родители, всушност мислиме на мајки) треба да одговорат на секоја потреба на детето и да го почитуваат секое чувство. Лошото однесување, речиси без исклучок, се смета дека е резултат на стресот или анксиозноста што ја има детето, а детето има стрес/анксиозност поради родителите (читај мајките).

Оние што се 100 отсто и без критичко размислување посветени на теоријата за нежно родителство, не само што ја префрлаат вината и одговорноста за целото детско однесување врз мајките, туку и реакциите кои мајките понекогаш ги имаат ги прикажуваат како големи родителски неуспеси.

Што и да правиме, ќе згрешиме.

Дали сме му кажале на детето дека нè повредило затоа што кажало „те мразам“? Готово е, сега од дете правиме личност која секогаш ќе гледа да им угодува на другите. А дали сте рекле: „Браво, супер!“ кога детето направило нешто? Голема грешка! Сега секогаш ќе бара потврда од другите дека тоа што го прави е доволно добро. Нема да развие внатрешна мотивација…

И каде води сето тоа?

Нежното родителство се фокусира на емпатијата кон детето, но понекогаш ја пропушта емпатијата на детето кон другите.

Се разбира, како возрасни, треба да ги контролираме нашите емоции и нашето однесување. И не треба да ги обвинуваме децата за губењето на нервите или за нешто што го чувствуваме. Но, тоа не значи дека треба да се претвориме во роботи без наши потреби и чувства или да игнорираме дека постапките на нашите деца често нѐ нервираат. Дел од товарот, одговорноста за нивното однесување мора да ја понесат самите тие.

Не сфаќајте ме погрешно, јас најмногу сум за родителска едукација. Мислам дека нашите баби не знаеја најдобро и мислам дека доволно се величаа нивните методи бидејќи повеќето од нив навистина не беа во право. Но, исто така е сосема погрешно да размислуваме 100 отсто од времето за тоа што чувствува нашето дете, што треба да правиме во врска со тоа и како да не ги уништиме нашите деца. Тоа е исцрпувачки и не е природно.

Во сите овие обиди да бидеме подобри и поинформирани мајки, заборавивме дека и ние сме луѓе. Не си простуваме затоа што секоја грешка може да биде траума за детето.

И, што е најгрешно, престанавме да ја гледаме пошироката слика. А тоа е – дали моето дете е среќно и дали со мене како родител се чувствува сакано?

Наместо тоа, се фокусираме на микроскопски приказ на настаните во денот: Дали го уништив детето со тоа што му реков да побрза?! Дали ќе биде истрауматизирано затоа што викав дека не треба да се матка?

Затоа, наместо строго да ги следам сите совети на експертите, ќе ги одберам оние што се соодветни за моето семејство. И ќе се обидам да бидам нежна не само со моите деца, туку и со себе. Верувам дека ова е најдобриот начин да се подигнат независни, емпатични и сигурни деца.

Автор: Александра Цвјетиќ
Извор



912

X