Авторитетот на возрасните е противотров на непредвидливоста, а неговата порака е: „Нема за што да се грижиш затоа што јас се грижам за твојот живот, до моментот кога ќе си способен/способна да се грижиш за себе“
Стапките на детска и тинејџерска депресија и самоубиства продолжуваат да растат. Лично, не се согласувам со објаснувањата, а уште помалку со третманите предложени од страна на мејнстримот во професиите за ментално здравје. Ја оспорувам и барам непобитни докази дека концептот на таканаречена биохемиска нерамнотежа е докажан, пишува Џон Роземон од „Трибјун њуз сервис“.
Прашањето пак останува: Ако не мислам дека депресијата кај децата и тинејџерите станува епидемија поради гените, биохемиската нерамнотежа и разликите во мозокот, тогаш што е моето објаснување? Дали воопшто имам такво објаснување?
Да и не. Моето нематеријалистичко објаснување е прилично едноставно: зголемувањето на детската и тинејџерската депресија од 60-тите години на 20 век е неизбежна последица на соодветен пад во почитувањето на родителите и другите возрасни – постарите луѓе генерално, што почна да се развива меѓу младите за време на деконструктивната деценија.
Мора да се забележи дека кај децата, развивањето на почитта кон родителите генерално зависи од самите родители и од возрасните. Причината поради која децата повеќе не ги почитуваат возрасните е затоа што и самите возрасни немаат почит кон сопствениот авторитет. Како што ме праша една баба: „Како е возможно мојата 30-годишна ќерка да нема проблем да им наредува на возрасните на работа, а прима наредби од мојот 7-годишен внук?“
Децата треба да ги почитуваат возрасните, а треба да започнат од своите родители. Тоа бара од возрасните што ја препознаваат оваа потреба да станат одговорни.
Авторитетот на возрасниот го зацврстува чувството на благосостојба на детето, што инаку е оптоварено со опасности од секоја страна. Авторитетот на возрасните е противотров на непредвидливоста, а неговата порака е: „Нема за што да се грижиш затоа што јас се грижам за твојот живот, до моментот кога ќе си способен/способна да се грижиш за себе“.
Проблемот започна во 60-тите години кога прогресивците почнаа да ги демонизираат сите форми на традиционална власт – во војската, црквата, работното место, училницата и, најважно, во семејството. Професионалците за ментално здравје едногласно прогласија дека традиционалната родителска власт предизвикува хаос кај младата психа. Оваа фикција беше централен дел од нивната кампања наречена „демократско“ семејство. Одговорот: „Затоа што јас реков така!“ веднаш се замени со: „Што мислиш ти, миличко?“
Парадоксот е тоа што им дава на децата моќ во нивните односи со возрасните, а авторитетот на возрасните слабее. Како што еродира нивното чувство на сигурност, се зголемува нивното чувство на ранливост. Како што расте чувството дека децата не можат да се потпрат на возрасните, така растат и огорченоста и недостигот на почит. Одбивањето на авторитетот на возрасните на крајот е самоуништувачки.
Без исклучок, родителите што ги опишуваат депресивните тинејџери ги опишуваат тинејџерите што немаат никаква почит. Кога овие родители ќе си го вратат природниот авторитет, нивните деца ќе се подобрат.
Почитта кон авторитетот на возрасните е добра за родителите, но уште подобра за децата.