За тоа како ни влијаат временските промени, што е метеопатија и дали има деца метеопати – прочитајте во продолжение од текстот што го напишала Јелена Војводиќ.

Метеопатија – уште еден модерен здравствен проблем?

Ако мислите дека метеопатија е нешто за што нашите предци немале поим, размислете повторно. Овој феномен, иако под друго име, го истражувал и Херодот во неговиот трактат „За воздухот, водата и почвата“, наведувајќи дека оној што сака да го подобри своето разбирање за медицината, мора прво да ги земе предвид годишните времиња и нивното влијание.

Влијанието на временските услови врз здравјето и однесувањето на луѓето се среќава и во законодавството на медитеранските земји, каде што судот суди поблаго за дела извршени кога дува Југо (јужен ветер). Се смета дека ветрот влијае врз концентрацијата и однесувањето на луѓето.

Зошто промената на времето му влијае на моето дете?

Кога станува збор за симптомите што ги придружуваат наглите временски промени, познато е дека на нив најмногу се подложни децата до три години, како и трудниците. Бидејќи биометеорологијата е релативно млада научна дисциплина, познато е дека симптомите на метеопатија се влошуваат со доаѓањето на студениот воздух.

Имено, доаѓањето на студениот воздух го поттикнува лачењето на адренокортикотропен хормон (ACTH), кој е познат како хормон на стресот и доведува до чувство на вознемиреност и раздразливост. Зголеменото лачење на тој хормон доведува до намалено лачење на ендорфини, кои се природен анестетик. Зголемувањето на концентрациите на хормонот и поврзаниот пад на ендорфините ги намалуваат одбранбените способности на телото и негативно влијаат врз расположението.

Веќе спомнавме дека децата до три години се најподложни на нагли временски промени. Тие добиваат грчеви, стануваат плачливи, спијат полошо, прескокнуваат оброци и стануваат уште понетрпеливи. Обрнете внимание на тоа. Обидете се да направите разлика помеѓу фазата на плачење, ситуацијата во која детето се разболело и ненадејните временски промени.

Ако вашето дете е атопично, можно е кожните манифестации и/или опструкции да бидат почести или поинтензивни при ненадејни временски промени.

Како да им помогнете на малите метеопати?

Бидејќи не можеме да ги контролираме промените на времето, добро е да знаеме дека имаме едноставна опција да ги олесниме симптомите на малите метеопати. Доволно е редовно да го изнесувате детето надвор! Само тоа.

Научниците сметаат дека зголемувањето на бројот на лица со метеопатски симптоми е последица на урбаниот начин на живот, во кој поголемиот дел од времето го поминуваме во затворени простории, чија температура е речиси непроменета во текот на годината. И има логика. Да, се грееме во зима, а во лето ги ладиме становите, канцелариите и градинките.

Тешко е телото да го следи природниот ритам кога сме направиле сѐ што можеме за да се оддалечиме од природата. Затоа, 45 минути до еден час дневно на свеж воздух е многу ефикасна помош за ублажување на метеопатските нарушувања. Би било убаво тоа време да го поминете надвор во парк наместо на балкон, но сигурно ќе смислите нешто што не е комплицирано да се организира.

Автор: Јелена Војводиќ

Извор



912

X