Уште откако паметам, константно ми го повикуваа името во одделението, зашто сум скокала од прозорец, сум заборавила да напишам домашно и слично. Во меѓувреме, мојата енергетска природа се сметаше за незрела и дека тоа е начин да привлечам внимание. Кога тоа почна да влијае врз моето учење, моите родители се обидоа со секакви начини – го исфрлија шеќерот од мојата исхрана, ме снабдуваа со омега 3 суплементи и со мултивитамини. Всушност, цело време покажував симптоми на нарушување на вниманието и хиперактивност (ADHD), но бидејќи сум девојче, поминаа години без да се постави дијагноза, а справувањето беше сè поголемо и потешко.

Вистинските проблеми почнаа кога заминав од интернатот во кој учев, заминав на универзитет и не бев принудена да учам во одредено време, да предавам однапред закажани тестови и да се водам по потсетници за рокови. По долги години на универзитет, многу терапевти, 4 часа психолошки процени и река од солзи, ми беше дијагностицирано нарушување на вниманието и хиперактивност, на 22-годишна возраст.

Што е АДХД?

Се работи за ментално нарушување кое може да биде категоризирано преку повисоки нивоа на хиперактивност и импулсивно однесување. Вообичаените симптоми се: проблем со фокусирање, расеаност, невнимателност, немир, прекинување на луѓето додека зборуваат. Тоа често доведува до лоша организација, лошо приоретизирање, недостиг на внимание кон детали и лоши вештини за управување со времето.

Зошто на девојчињата доцна им се дијагностицира?

Вистината е дека во раните години кога оваа состојба била проучувана, тоа се правело само на млади момчиња. Се открило дека состојбата ја има истата преваленца и кај момчињата и кај девојчињата, но кај девојчињата се дијагностицира подоцна зашто тие ги „маскираат“ своите симптоми – што значи дека може да ги приспособат своите карактери подобро за да се справат со општествените притисоци. Истражување покажува дека 75 отсто од девојчињата кои имаат тешкотија да се фокусираат не добиваат дијагноза, додека оние што ја добиваат, им се одредува во просек 5 години подоцна отколку кај момчињата. Лорија Филипс, клинички психолог кој посебно се интересира за оваа област, изјавила: „Симптомите на момчињата често се многу очигледни бидејќи се повеќе хиперактивни – додека девојчињата се само позборлести, па бидејќи девојчињата имаат и таква репутација, најчесто се случува да не им биде дијагностицирано АДХД“.

Како девојчињата ги маскираат симптомите

Кај девојчињата состојбата најчесто се презентира како невнимание. „На училиште, девојчињата често се невнимателни – тоа е дете кое фантазира, зјапа низ прозорец, игра со својата коса – па наставникот нема да помисли дека тоа е некоја состојба и нарушување, додека истовремено го гледа дивото момче кое скока наоколу“, вели Филипс. Девојчињата развиваат и компензаторски стратегии за справување со нивната состојба. На пример, девојчињата со ова нарушување развиваат перфекционистички карактеристики, како и опсесивно компулсивни однесувања, како постојано проверување за грешки, за избегнување да пропушти нешто поради расеаност. Затоа е полесно на возрасните да им „побегне“ забележувањето на нарушувањето, па често ваквите деца се карактеризирани како „неуредни“ или „несмасни“. Дополнително, девојчињата имаат повеќе емоционални симптоми поврзани со расположението, на пример, анксиозни, тажни, вознемирени чувства, што знае често да доведе до изливи на емоции. „Бидејќи девојчињата се социјализирале во насока да бидат попослушни, да имаат почит кон авторитети, тие можеби, како и момчињата, ја оставаат својата работа до последниот момент, но бидејќи се повеќе анксиозни за она што може да се случи на училиште, тие тоа ќе го сторат ноќта претходно и ќе го сторат совршено бидејќи се под толку голем притисок“, вели Филипс.

Помалку познати нуспојави од недијагностицирана состојба на АДХД

Години поминати без дијагноза може да доведе до поголеми ризици и импликации. Девојчињата со оваа состојба често се зборлести и гласни, па тоа придонесува да бидат сфатени како лица со самодоверба, а тие всушност може да го чувствуваат сосема спротивното. „На нивната самодоверба многу слабо се влијае – ако постојано им викаат и имаат чувство дека секој може да се снајде освен нив и секој постапил правилно, освен тие – тоа е многу деструктивно за нивниот саморазвој“, вели Филипс.


Тоа има многу смисла за мене бидејќи губев часови од сонот поради прекумерно размислување и грижа за работите што сум ги кажала, па ги планирав разговорите од претходно со цел да можам да ја контролирам мојата состојба. Ова доведува до посериозни нуспојави поради недијагностицирање на состојбата: анксиозност и депресија. Индивидуите со ова нарушување полесно може да бидат вознемирени, па анксиозноста е поприсутна кај нив. Се проценува дека депресијата е за 3 пати поверојатно да се случи кај возрасни лица со АДХД и 30 отсто од лицата со АДХД се очекува да искусат депресивни епизоди или да развијат нарушувања во расположението. Овие ментални нарушувања прават да биде потешко да се идентификува АДХД бидејќи се маскираат симптомите, па индивидуите со импулсивни симптоми се изложени на поголем ризик од самоубиство. Имаат пониски нивоа на допамин, со што се ограничува нивната способност за препознавање на резултатите и имаат недостиг на мотивација.

Децата со вакво нарушување, од тие причини, често се стигматизирани како мрзливи, кога всушност имаат 5 пати повеќе тешкотии да вложат напор за да завршат одредени активности во споредба со невротипичните индивидуи. Ако не се дијагностицира состојбата, тоа често доведува до исцрпување и чувства на несоодветност. Ваквите лица, исто така, имаат поголем ризик да бидат зависни од психотропни супстанции. Генерално, нетретираната и недијагностицирана состојба има негативно влијание врз односите, успесите, навиките за спиење и можностите за работа кај овие луѓе.

Автор: Наси Хако

Извор



912

X