Односот кон другите и кон надворешната средина е исклучително важен. Вашето дете треба навреме да добие безбедни и здрави насоки и инструкции за тоа како да се однесува кон врсниците или возрасните околу него. Таквиот однос може да го разгледаме од три страни. Од една страна може да биде пасивен, од друга страна – асертивен и од третата страна – агресивен. Најважно од сѐ е да му ја покажеме правилната страна на детето и со тоа да го насочиме кон здрав и сигурен контакт со другите околу него.

Што значи да се биде пасивен во односот со другите?

Со една реченица тоа би било „Јас се согласувам со сѐ што сакаш ти“.
Ова дете најчесто се крие или затскрива, избегнува конфликти, не е во контакт со своите потреби, чувствува како да нема контрола над себе, му недостига добар контакт со очите, односно одбегнува контакт со очите. Детето се наоѓа во позицијата „Јас не вредам, ти вредиш“ или „Јас не сум убав, ти си убав“.

Што значи да се биде асертивен во односот со другите?

Со една реченица ова би го опишала како „Мене не ми се допаѓа криенка, дали би сакал да играме фудбал наместо тоа.“
Ова дете е полно со информации и ги информира другите, има самоконтрола, генерално е спокојно и мирно, но цврсто, ги почитува своите и туѓите потреби, покажува стабилен контакт со очите. Ова дете има потенцијал да биде лидер и да ги води врсниците и да го јакне интегритетот на самата група.

Што значи да се биде агресивен во односот со другите?

Со една реченица ова би го опишала како „Ти ќе играш со мене иако оваа игра не ти се допаѓа.“
Ова дете напаѓа и сака да ги контролира другите, се фокусира само на сопствените потреби, грубо е во односот со другите и сака да е главно по секоја цена, настојчиво е во барањата од другите и ги прекинува другите додека зборуваат или нешто прават, но и не ги дослушува.



912

X