На глобално ниво, ракот на грлото на матката е четврт најчест карцином кај жените, а дури 85 отсто од заболените се жители на неразвиени или помалку развиени земји.

Постојат многу причини за ова, но една од најважните на која можеме да влијаеме е недостигот на едукација.

Ракот е една од најтешките болести. Можеби не знаете, но има повеќе од 200 различни видови и покрај тоа што науката напредува со неверојатна брзина, сè уште не знаеме зошто тие се појавуваат кај повеќето луѓе. Исхраната, загадувањето, генетиката – постојат многу причини кои се споменуваат, но само за неколку видови рак може со сигурност да се каже кои се главните ризик-фактори. Најголем процент од пушачите боледуваат од рак на белите дробови, ракот на кожата се развива под влијание на прекумерно изложување на сонце и УВ-зрачење, а за ракот на грлото на матката во над 99 отсто од случаите е одговорна долготрајната инфекција со хуман папиломавируси. И тоа е еден од ретките видови рак што можеме да го спречиме.

Што е ХПВ?

Хуман папиломавирусите (ХПВ) се фамилија на вируси кои можат да ги инфицираат кожата и мукозните мембрани. Постојат неколку типови ХПВ кои можат да ги инфицираат внатрешните и надворешните гениталии, аналниот регион, усната шуплина и регионот на фаринксот, како и одредени области на кожата, кај жените и кај мажите.

Вирусот се пренесува со контакт преку кожата или мукозната мембрана. Постојат околу 200 вида на овој вирус, а оние што можат да бидат причина за сериозни болести се пренесуваат главно преку гениталиите.

Во речиси 90 отсто од случаите, ХПВ-инфекцијата поминува незабележано, но некои типови ХПВ може да предизвикаат тешки и сериозни болести кај мажите и кај жените. Штом вирусот ќе влезе во телото, не можеме да предвидиме како ќе се однесува или дали некогаш ќе предизвика некое заболување.

Овој вирус со децении може да живее во телото без лицето што го носи да знае и може да го пренесе на други. Со цел да се открие ХПВ-инфекцијата и кај жените и кај мажите, постојат тестови кои ја откриваат ДНК на хуманиот папиломавирус. Меѓутоа, кога таков тест е позитивен, тоа не значи дека имате преканцерозна лезија или рак. Тоа едноставно значи дека вирусот е присутен и може да се пренесе на други.

Што можеме да направиме за да се заштитиме?

Најважно е да се знае дека нема лек за ХПВ-инфекција. Доколку сте носител на вирусот, постои можност инфекцијата да помине сама по себе и да не ви направи проблем, но постои и можност да го пренесете вирусот на некој друг или да предизвика здравствени проблеми – од бенигни, како генитални брадавици (кондиломи) до најтешките, како што се неколку различни видови рак и кај мажите и кај жените. Сè уште нема третман за инфекцијата. Но, докажана, ефикасна и безбедна превенција постои, а тоа е вакцинацијата.

Се препорачува момчињата и девојчињата да ја примат вакцината во две дози доколку се помлади од 15 години и во три дози ако се постари од 15 години. Идеално е да се прими вакцината пред да започнете со сексуални односи, по можност помеѓу 10 и 12 години, бидејќи тогаш организмот не стапил во контакт со вирусот и вакцината може да го постигне својот целосен ефект.

Што велат истражувањата за ХПВ-вакцината?

На почетокот од оваа година беше објавена лонгитудинално истражување за ефикасноста на вакцината против ХПВ. Испитувањата биле спроведени во Шкотска, која вовела рутинска имунизација на ХПВ во училиштата во 2008 година. Но, истражувањето започнало пред тоа и опфатило дури 450.000 жени родени меѓу 1988 и 1996 година Меѓу нив, 40.000 биле вакцинирани на возраст од 12 до 13 години, а 124.000 по 14-годишна возраст. Преостанатите 300.000 не биле вакцинирани.

Меѓу 40.000 девојчиња што биле вакцинирани на возраст од 12 до 13 години немало ниту еден случај на рак на грлото на матката. Никој. Ниту меѓу оние што не биле целосно вакцинирани, а примиле само една доза.

Од тој период се промениле и видовите вакцини. Преку бивалентна и четиривалентна, кои опфаќаа два или четири типа на хуман папиломавирус, до деветвалентна вакцина која се користи во моментов, која обезбедува најголема заштита и се дава во целиот свет – вклучително и во САД, Велика Британија и други развиени земји.

Дали вакцината е безбедна?

Д-р Милош Марковиќ, имунолог и професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград, вели дека вакцината против ХПВ е една од најбезбедните што постојат, а контраиндикациите се ретки и занемарливи.

– Вакцината против ХПВ не го содржи целиот вирус, туку само еден дел од него што е организиран на таков начин што наликува на вирусот, предизвикува имунолошки одговор, но не може да ја предизвика болеста. Оваа вакцина е една од најбезбедните што постојат. Во изминатите десет години во светот се дадени над 500 милиони дози, а надзорот, односно следењето по дадените вакцини, не покажа никакви безбедносни проблеми поврзани со оваа вакцина. Значи, таа е многу безбедна и освен некои локални реакции, како што се болка, оток или системски, како што е температура која обично се јавува по сите вакцини и поминува за ден или два, нема сериозни несакани реакции поврзани со оваа вакцина – рече проф. Милош Марковиќ.

Тој истакна дека оваа вакцина не предизвикува автоимуни болести, ниту влијае врз плодноста на личноста, особено врз девојчињата кои ја примаат. Како што вели проф. Марковиќ, сосема е спротивно и тоа е јасно докажано со истражувања.

Покрај тоа што е една од најбезбедните, ХПВ-вакцината е и една од најефикасните, како што покажаа досегашните резултати од истражувањето.

– Оваа вакцина е една од најмоќните во однос на јачината на имунолошкиот одговор што ја предизвикува. Сè уште не знаеме колку долго трае ефективноста на вакцината, но ја следиме последните 10 години и нема индикации дека имунолошкиот одговор опаѓа, односно дека ефектот од примената вакцина се намалува. Многу е можно тоа да трае со децении, па и доживотно – вели професорот.

Ова значи дека ако детето ја прими оваа вакцина во раните тинејџерски години, има големи шанси да биде заштитено доживотно, не само од ХПВ-инфекција, туку и од сите болести предизвикани од овој вирус.

Извор



912

X