Дали наставникот зборува премногу тивко? Можеби соучениците се вознемирени или можеби нешто возбудливо се случува надвор од училницата, па сите гледаат низ прозорецот! Постојат многу нешта што можат да ја нарушат концентрацијата на учениците за време на часот. Местото на кое седи ученикот, исто така, е дел од процесот на учење. Учениците што седат во последните клупи се изложени на поголем ризик од губење на концентрацијата за време на часовите за разлика од оние што седат во првите клупи. Кога седите во прва клупа, таблата е поблиску, наставникот е поблиску до ученикот, па ризикот од губење концентрација е многу помал. Но, невозможно е сите ученици во едно одделение да седат во прва клупа, независно дали станува збор за фронтална или интерактивна настава. Затоа создавањето пријатна атмосфера во училницата, па дури и оние мали позитивни стимулирања од страна на наставникот може да имаат голем ефект, независно од местото на седење.
Средината во која учи ученикот има клучна улога
Познато е дека средината во која учиме игра клучна улога за успехот во учењето, па затоа учениците вообичаено учат подобро кога во училницата владее добра работна атмосфера, а со тоа и во паралелката, а особено кога учениците не се деконцентрирани, ни вознемирувани.
Но, дали има разлика и во местото на кое ученикот седи во училницата?
Една студија што беше направена минатата година во Германија, а со која беа опфатени 80 ученици од петто и шесто одделение, даде интересен резултат. Учениците беа распоредени на различни места во виртуелна училница на различни часови по различни наставни предмети. Исто како и во вообичаена атмосфера во едно одделение, виртуелните соученици повремено го нарушуваа часот со шепотење или вртење. Особено на часовите по математика учениците што седеа во првите клупи покажаа подобри резултати од другите.
Се разбира, невозможно е сите ученици во едно одделение да седат во прва клупа, независно дали станува збор за фронтална или интерактивна настава. Експериментот со менување на местата на учениците во училницата има позитивен ефект затоа што на сите ученици им се овозможува да бидат поблиску до наставникот. Голем ефект се постигнува и со движењето на наставникот низ училницата за време на часот или со редовно менување на местата на седење на учениците во училницата во текот на една учебна година.
Оваа студија треба да биде поттик за идни студии од ваков вид кои треба да покажат кои дополнителни мерки можат да го промовираат успехот во учењето на учениците. Тука секако се мисли и на односот на соучениците кон наставата и на дидактичките методи на наставникот.
Пофалба на трудот на ученикот и обезбедување пријатна атмосфера за учење
Ученикот никогаш не смее да се наведува да размислува дека нешто нема да може да разбере или да сфати. Тоа би покажало дека ученикот е убеден оти неговите ментални способности се фиксни и непроменливи. Па тогаш, која би била поентата да се труди? Менталните перформанси во учењето може да се тренираат, слично како физичките во спортот. Ако учениците се свесни за тоа, полесно ќе се носат со неуспесите. Затоа што мотото е: „Ако тренирам напорно, тогаш сигурно ќе постигнам успех“.
На оние ученици што побрзо сфаќаат и можат полесно да се концентрираат на часот, се разбира, учењето им оди полесно. Но, тоа не треба да биде приоритет на наставата, а особено не во учењето. Наставниците не треба да ги фалат единствено постигнувањата на ученикот, а особено не само да го истакнуваат неговиот талент, туку и напорот што го вложува ученикот, првенствено она колку тој се труди и колку напорно учи. Притоа, значајна улога при успехот во учењето играат и очекувањата на родителите. Родителите треба да очекуваат нивните деца да се трудат да постигнат успех во учењето, но не и да очекуваат дека нивните деца ќе бидат успешни во секоја сфера. Наместо постојан притисок за оценки, опуштена атмосфера и вистинска стимулација може да им помогнат на учениците да ги надминат бариерите во учењето.
Научно е докажано дека растенијата во училница обезбедуваат пријатна атмосфера за учење!
Пријатното опкружување во училницата игра важна улога во постигнувањата на ученикот. Ако атмосферата во училницата и во одделението не е пријатна, тоа може да биде сериозна пречка во учењето. Што можеме да направиме за учениците да се чувствуваат пријатно во училницата? Дрвјата и зелените површини во училишниот двор, како и растенијата во училниците придонесуваат за подобра работна атмосфера. Во вакви услови учениците можат подобро да се концентрираат и да учат поефикасно.
Се разбира, и училиштата треба да бидат чисти. Со ова „се подразбира“ би се согласил секој. Но, не е секогаш така. Хигиената во училиштето, едно поново истражување го потврдува тоа, влијае врз успехот. Тогаш секој се чувствува поудобно, па со ведрата помисла за добра оценка, ученикот може да постигне и подобри резултати во учењето, независно од местото на кое седи во училницата.
Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност
912