Вашата бременост е стабилна, можете да се движите колку сакате, а сакате да бидете активни и тогаш сте на сите страни – на шопинг, на прошетки, патувања… Имате чувство дека сте полни со енергија и сакате најдобро што можете да го искористите времето што сè уште го имате на располагање, па едноставно да уживате во сето она што ќе ви падне на ум. И тоа ви оди од рака! Сѐ додека не ве „притисне“…

Доволен е звукот на вода што тече или истурање чај во шолја и веќе имате потреба да одите на тоа место. Тоа место кое не е секогаш лесно да се најде, а кога на трудницата ѝ треба тоалет, тој ѝ е потребен веднаш. Толку честото мокрење ве лути, па се наоѓате во ситуација која подразбира секое „патување“ од точка А до точка Б да го испланирате со места каде што можете да застанувате ако ви се јави потреба за тоалет. А да не зборуваме за спиењето кое е прекинато со постојано одење во тоалет!

Честото мокрење може да биде многу непријатно затоа што едноставно не сакате да поминувате толку многу време во текот на денот или ноќта одејќи во тоалет, или да се грижите дали ќе можете да излезете надвор од градот без да користите пристоен тоалет.

Иако не страдаат сите трудници од ова, огромното мнозинство сепак чувствуваат потреба за често мокрење. Иако ова може да биде нормално и сосема безопасно, може да биде и симптом на нешто посериозно.

Што е често мокрење во бременоста?

Не секој ќе одговори на ова прашање на ист начин. Некои стручни текстови наведуваат дека честото мокрење би значело „мокрење повеќе од седум пати на ден“, но тоа всушност е многу субјективно. Зависи и од тоа колку често се мокрело пред бременоста и што всушност значи „зголемувањето“ на бројот на одења во тоалет.

Причини за често мокрење во бременоста

Честото мокрење е еден од најраните знаци на бременост. Всушност, тоа може да биде еден од првите симптоми што жената ќе ги забележи и можеби е причината да направи тест за бременост. Како што е случајот со многу други симптоми на бременост, можете да ги обвинувате хормоните за вашите чести одења во тоалетот. Бета HCG, истиот хормон откриен со тестовите за бременост, игра улога во зголемувањето на протокот на крв во бубрезите. Хормоните како прогестерон и релаксин, се исто така вклучени во зголемувањето на бубрежната филтрација. Зголемениот проток на крв доведува до зголемено производство на урина и често мокрење. Но, за разлика од симптомите во првото тримесечје, како гадење и замор, честото мокрење е помалку веројатно да исчезне. Како што расте матката, таа врши притисок врз мочниот меур, поради што мочниот меур складира помалку урина, што предизвикува почесто мокрење.

Како да го контролирате честото мокрење во бременоста

За жал, вестите се лоши во овој случај – не можете многу да направите за да го прекинете честото мокрење бидејќи телото реагира на нормалните физиолошки промени за време на бременоста. Сепак, постојат неколку начини да се обидете да си помогнете:

Ограничете го внесот на течности пред спиење

Бременоста може да биде заморна и сигурно ќе се обидете да го искористите секој момент за одмор. Но, потребата за одење во тоалет може да го наруши вашиот ноќен сон. Затоа, обидете се да ја намалите количината на вода или течност што ја внесувате непосредно пред спиење. Престанете да пиете течности околу два часа пред спиење. На пример, ако времето за спиење е 21 часот, престанете да пиете течности во 19 часот.

Намалете го внесот на одредени видови храна

Одредени пијалаци може да ја влошат потребата за мокрење. Може да помогне избегнувањето работи кои содржат кофеин, како енергетските пијалаци, газираните пијалаци, кафето и чајот.

Кога честото мокрење е проблем?

Честото мокрење во бременоста е обично нормално и се навикнувате на сè. Секако дека се приспособувате, но тоа може да биде симптом на посериозна здравствена состојба. Честото мокрење придружено со треска, болка или мирис во урината може да биде знак за инфекција на уринарниот тракт. Дополнително, честото мокрење може да биде знак за гестациски дијабетес доколку истовремено се појави и зголемена жед. Во овие случаи, најдобро е да се консултирате со лекар и дефинитивно да ги направите потребните тестови.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X