Играта е суштински дел од детството – не само што носи радост, туку е и клучна за развојот на детето. Преку неа децата учат да следат правила, да чекаат да им дојде редот, да слушаат други и да развиваат важни социо-емоционални вештини. Покрај тоа, играњето ги оддалечува од екраните, ги мотивира да бидат физички активни и да поминуваат повеќе време на свеж воздух.
Иако играта им е омилена активност, за многу деца губењето може да биде навистина тешко, особено ако сè уште немаат развиено механизми за справување со разочарувањето. Родителите често се наоѓаат во дилема – дали да му попуштат на детето и да му дозволат да победи за да избегнат солзи и фрустрација?
Психијатриската сестра Шебна Осамнох објаснува дека пристапот треба да зависи од возраста на детето.
– Кај деца од 3 до 5 години, честите победи ја зголемуваат нивната самодоверба и ја одржуваат нивната мотивација за игра. За оние од 6 до 9 години, треба да се одржува баланс меѓу победите и поразите – вели таа.
Таа предлага родителите да внесат „фер конкуренција“ во играта, на пример, да играат со недоминантната рака во спортови или да му дадат на детето мала предност во друштвените игри. Така, детето ќе почувствува дека победува со свој труд, а играта ќе остане забавна и предизвикувачка.
Меган Форд, експерт за родителство, препорачува воведување „семејни правила“ пред почетокот на играта. Наместо да се фокусираат на „праведност“, родителите треба да поттикнат баланс и заедничко разбирање. Ова е особено корисно кога играат деца од различни возрасти, бидејќи го намалува ривалството меѓу браќата и сестрите.

Игри во кои постои директен победник и губитник може да предизвикаат разочарување и конфликти. Наместо тоа, семејствата можат да пробаат кооперативни игри, каде што сите играчи соработуваат за да постигнат заедничка цел. Овие игри ги поттикнуваат комуникацијата, тимската работа и креативноста, а истовремено го елиминираат прашањето: Дали треба да му дозволам на детето да победи?
Што кога станува збор за видеоигри?
Експертот за видеоигри Аш Брандин вели дека дозволувањето на детето да победи во видеоигра може да биде добра можност да му се покаже како да губи со достоинство и како да ги контролира емоциите што доаѓаат со поразот.
– Губењето е вештина што треба да се вежба. Децата, поради нивната возраст и способност, често губат повеќе од возрасните, што може да биде тешко за нив. Најважното што можеме да го направиме како родители е да им покажеме добар пример – вели Брандин.
Иако победата носи задоволство, поразот е важен за учење клучни животни вештини:
- Развој на упорност и решителност – децата учат дека неуспехот е дел од животот и дека треба да продолжат да се трудат.
- Подобрување на вештините за решавање проблеми – поразот ги учи да размислат што можеле да направат подобро.
- Развој на спортски дух – губењето им помага да научат да ги почитуваат другите играчи и да се натпреваруваат чесно.
Како да му помогнете на детето да прифати пораз?
Ако не планирате да му дозволите на детето да победи, еве неколку совети како да му помогнете подобро да се справи со губењето:
Не фалете се и не исмејувајте го неговиот пораз.
Потврдете ги неговите емоции, но објаснете дека губењето е нормален дел од играта.
Потсетете го дека среќата игра улога во секој исход.
Пофалете го неговиот труд, без разлика на резултатот.
На крајот, најважно е детето да разбере дека губењето не е нешто страшно – туку само дел од патот до следната победа.
912