На ова прашање одговара еден татко кој забележува дека неговиот син секогаш бара утеха од мајката. Но, оваа тема е многу подлабока од обичната утеха кога детето ќе падне и ќе го удри коленото. Таа зборува за емотивната оддалеченост на татковците и децата, која со годините се продлабочувала, а која е чист израз на општествените конвенции и половите улоги што ги играме.

Како и многу други татковци, јас сум родител задолжен за забава, а не за утеха. Кога мојот тригодишен син сака да си игра надвор, ме бара мене. Јас сум неговиот прв избор за игра и активност и се гордеам со тоа. Кога ќе го изгребе коленото, кога ќе се уплаши или ќе се разбуди ноќе, ја бара својата мајка.
Ако на мојот син му треба утеха, таткото му е вториот избор.

Ова е многу типично искуство и веројатно може да се објасни со половите улоги. Научниците откриле дека татковците повеќе се ангажираат во спречување на штетата отколку да ги тешат децата во неволја. Како што растат децата, така им станува сѐ понепријатно да покажуваат слабост пред други лица, па и пред татковците. Од друга страна, нивните односи со мајките стануваат сѐ посилни. Тоа секако е распространет општествен пример на традиционални родови улоги. Но не и нешто што таткото, со малку труд, не би можел да го промени.
Еве што знаеме за татковската утеха:

Новороденчиња: Татковците се концентрираат на превенција, а не на утеха

Кога станува збор за ноќните будења, мајките и татковците имаат различни рутини. Една студија во 2014 година покажала интересен феномен за двојките што се грижат за своето првородено дете. Истражувачите откриле дека мајките се буделе да се грижат за детето што плаче во просек трипати во една ноќ, додека татковците – двапати. И додека мајките обично ги смирувале децата со храна, приспивни песни и лулање, татковците кои се разбудиле трошеле само 40% од своето време за грижа за бебето. Најголем дел од времето гледале како да си помогнат себеси (одат во тоалет) или како да се разбудат, да станат од креветот, а потоа им било важно да проверат дали е сѐ во ред со бебето и со исцрпената мајка.
Со други зборови, кога мајките ги тешат доенчињата, нивната главна грижа се моменталните неволји. Татковците повеќе ќе се грижат како да ги спречат идните неволји. Меѓутоа, се чини и дека хранењето за кое се грижи мајката може да игра голема улога во достапноста или ангажманот во другите ноќни потреби на детето, сметаат авторите на студијата.

Двегодишници: Плачат пред мајката, остануваат силни пред таткото

Оваа тема продолжува како што растат децата. За тоа сведочат резултатите од истражување од 2017 година кое се занимавало со темата како мајките и татковците се носат со болките на своите деца. Иако мажите и жените не покажуваат значајна разлика во начинот на кој вербално и невербално се обидуваат да ги утешат малите деца, децата различно реагираат на секој родител. Децата доживуваат поинтензивна болка кога ги тешат мајките, пишуваат авторите. Кога татковците ги тешат децата, тие чувствуваат помала болка и подобро ја поднесуваат.
Меѓутоа, тоа не значи дека мајките се полоши во тешењето – напротив. Многу е веројатно дека децата бараат утеха од својата мајка затоа што имаат поголема слобода да драматизираат или да ги преувеличуваат своите болни искуства (или едноставно искрено да ги изразат своите чувства). Малите деца одат кај мајките за отворено да плачат и да добијат утеха. Од друга страна, кога татковците се во близина, децата глумат.

Тинејџери: Како влијае таткото врз самодовербата на тинејџерот (или не)

Една студија од 2004 година можеби најочигледно зборува за оваа тема. Се испитувало како тинејџерите ги перципираат своите односи со секој родител и како тоа влијаело врз нивното ниво на општествена компетенција, симпатичност и сопствена вредност. Тинејџерите што имале поддршка од мајката имале далеку поголема веројатност за добри резултати на секоја од наведените компоненти. Отворениот разговор и интимноста меѓу мајките и тинејџерите се покажале особено важни во поттикнувањето на социјалната компетенција и самодовербата. Со татковците не било така. Поддршката и контролата од страна на татковците, според авторите, главно не може да се поврзе со социјалното приспособување на адолесцентите.

Авторите претпоставуваат дека тоа е така можеби поради фактот што мајките обично поминуваат повеќе време со тинејџерите. Истражувањата покажале дека тинејџерите бележат повисоки нивоа на интимност и доверување со мајките отколку со татковците – и тоа не само затоа што сметаат дека татковците се строги или се помалку подготвени да ја прифатат вистината. Всушност, тинејџерите изјавиле дека нивните мајки биле построги од татковците.
Мајките се оценети со значително повисоки оцени од татковците кога станува збор за прифаќање, вклученост, когнитивно разбирање и строга контрола, што укажува на тоа дека тинејџерите ги препознале своите мајки како оние што се повеќе вклучени, имаат поголемо разбирање, но и дека спроведуваат построга контрола, наведуваат авторите на студијата.

Како да станеме родител кој може да даде утеха?

Навистина, во традиционалните родителски улоги татковците не се најјакиот фактор во семејството кој би можел да даде утеха. Тие повеќе се концентрираат на заштита и спречување на штета кога нивните деца се новороденчиња. Кога децата малку ќе пораснат, почнуваат да им зборуваат дека не треба да покажуваат слабост и дека треба да бидат храбри. А кога нивните потомци ќе влезат во пубертет, татковците емоционално се оддалечуваат. Но, ништо во литературата не сугерира дека ваквите трендови се поврзани со машкиот пол. Мажите можат да се разбудат и да го утешат детето кога плаче, тие можат на децата да им кажат дека е во ред да се плаче кога нешто ги боли и можат да се потрудат поинтензивно да се вклучат во животот на своето дете за време на пубертетот.

Мојот син не трча кај мене кога ќе го изгребе коленото. Но така е можеби затоа што јас ја играм традиционалната улога на заштитник, а не на утешител. Можеби затоа мојата сопруга поминува повеќе време разговарајќи со него и ангажирајќи се околу него. За среќа, тоа не е нешто што е запишано некаде, тоа е нешто што јас и другите татковци можеме да го промениме.



912

X