Едно од актуелните прашања за кои особено често се дебатира е дали малите деца треба да си играат со изумите на дигитална технологија, како што се таблетите и мобилните телефони. Едни ги гледаат овие уреди како поттикнувачи на лошо влијание во развојот на детето, други пак како важна образовна алатка. Најновите истражувања покажуваат и потврдуваат дека децата од предучилишна возраст знаат да играат со таблети и мобилни телефони помалку имагинативно и креативно отколку со класичните играчки. Но, ползувањето на овие дигитални уреди ги поттикнува децата да се вклучат во истражувачка игра многу повеќе отколку кога играат со класичните играчки. Поновите истражувања покажуваат дека двете форми на игра се важни за децата.

Некои родители претпочитаат нивните деца да си играат на класичен начин со кукли и коцки. Тие ја гледаат дигиталната технологија како закана за развојот и здравјето на децата, но и младите. А експертите препорачуваат дека децата смеат да поминуваат пред екран најмногу до три часа. Но, факт е дека популарноста на дигиталните играчки е во подем, па тие повеќе не се непозната глетка ни за децата кои се на предучилишна возраст, односно ги посетуваат предучилишните установи.

Стефан Симовски

Дигитална игра наспроти играње со коцки!

Без разлика дали децата играат во дигиталниот свет или во реалниот свет, општо земено, може да се забележат две форми на игра: истражувачка и имагинативна. Во истражувачката игра децата учат за опкружувањето и околината. Во имагинативната игра, која е предводена од детската фантазија, децата ја користат својата имагинација, на пример, во игри на улоги како „татко-мајка-дете“.
Последното посеопфатно истражување од ваков вид минатата година беше спроведено на деца кои посетуваат предучилишни установи во скандинавските земји. Имено, тамошните научници истражуваа колку се изразени двете форми на игра (имагинативната и истражувачката) кога децата играат со дигитални уреди и со класични играчки, како што се коцки или кукли.
Децата опфатени со истражувањето биле на различна возраст, четиригодишни и петгодишни, но истражувањето е спроведено и на тригодишници. Интересно е тоа што добиените резултати веднаш покажале дека речиси сите деца знаеле да препознаат дигитален уред и да играат со него.

Дали таблетот е „убиец“ на креативноста?

Резултатот од истражувањето покажал дека децата што играат со помош на дигиталните уреди играат сосема поинаку отколку кога тоа го прават со класичните играчки, и тоа исклучиво на истражувачки начин, додека кога играат со класичните играчки, децата играат првенствено имагинативно. Тригодишните деца со таблет или мобилен телефон играле истражувачки игри преку испробување на различните функции на уредот, односно преку притискање на „иконите“ од менито и преку вклучување на камерата. Додека децата од четири и пет години тестирале нови апликации. Само за споредба, децата играле истражувачки игри и тогаш кога не користеле дигитален уред. На пример, тие тестирале колку добро може да пливаат различни предмети.
Но, имагинативната, креативна игра била значително поизразена кај децата кога играле на класичен, аналоген начин. Ова вклучувало, пред сè, различни видови игри со улоги. На пример, помалите деца би ги возеле своите кукли во количка небаре се мали бебиња, додека постарите се поистоветувале со суперхерои, играле доктори или полицајци. Кога работеле со дигитален уред, од друга страна, научниците не забележале речиси никакви креативни форми на игра, со исклучок на една: праќање пораки користејќи емотикони.

Дигиталното играње не мора да биде полошо

Сепак, тенденцијата кон истражувачки форми на игра не треба да се поистоветува со инфериорност во однос на имагинативните форми на игра. Дури и без дигитални уреди, децата на крајот играа истражувачки. И во дигиталниот и во реалниот свет тие можеа да испробаат нови работи и да учат од нив.
Затоа, употребата на таблети од деца од предучилишна возраст не треба да се демонизира. Само треба да бидете свесни дека тоа може да дојде на сметка на покреативните форми на игра, велат истражувачите.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност



912

X