Иако е голема веројатноста дека вашето бебе ќе почне да сонува некаде во последните две тримесечја од бременоста, често не сме свесни дека децата сонуваат сѐ додека не почнат да ни ги раскажуваат своите први искуства со соништата.

Соништата се многу важен дел од спиењето

Во текот на спиењето мозокот ги консолидира сеќавањата, преместувајќи ги од краткотрајно во долгорочно помнење, за по потреба да може да се потсети. Оваа фаза на сонот, која се манифестира со брзо движење на очите, се нарекува РЕМ-спиење, се случува неколку пати во текот на ноќта, но врвот се достигнува во раните утрински часови. Се смета дека РЕМ-фазата е темел на долгорочното помнење, учење, креативност и контрола на емоциите. Како што фантазијата на вашето дете се развива во текот на денот, така и имагинативните соништа се појавуваат ноќе. Сонот и сите негови фази се потребни за детето цврсто да заспие и баш како што вели и науката, да се разбуди со подобро расположение.

Децата и кошмарите

Ноќните мори и кошмарите се многу чести кај малите деца. Поверојатно е дека ќе ги доживуваат девојчињата отколку момчињата. Забележано е дека до 75 отсто од децата од претшколска и млада училишна возраст доживуваат кошмари, а некои ги имаат почесто од другите. Се смета дека лошите соништа и кошмари се последица на обидот на мозокот да смисли многу нови информации, сортирајќи го „доброто“ од „лошото“, „корисното“ од „тривијалното“, и што мора да се задржи, а што да се отфрли.

Стресните ситуации може да ги засилат лошите соништа

Иако се чини дека лошите соништа се дел од развојот на мозокот, тие може да бидат поттикнати и од реални, но стресни случки, кои секако може да ги засилат кошмарите. Ако дете, на пример, преспива кај баба и дедо, може да се плаши од одвојување, можеби му пречи различното опкружување или кошмарите се предизвикани од непознати звуци, светла, сенки или „удари во ноќта“.

Иако повеќето деца ги надраснуваат кошмарите, понекогаш тоа може да потрае до средното детство и да влијае врз сонот, учењето и однесувањето, а на тоа може да влијаат содржините кои во текот на денот ги перципираат. Да кажеме, утврдено е дека децата кои пред спиење гледаат телевизија или користат други облици на електронски медиуми може да бидат изложени на поголем ризик од создавање ноќни мори, особено ако содржината е вознемирувачка за нив. Ако сте се запрашале што е со цртаните – да, за многу малечки деца и тие може да се вознемирувачки.

Како да се истераат лошите соништа?

Истражувањата потврдиле дека одредени намирници, кои во себе содржат стимулатори, како кофеин и шеќер, ја поттикнуваат работата на мозокот и го зголемуваат ризикот од појава на кошмари. Погрижете се детето да не гледа телевизија најмалку два часа пред спиење. Седнете со детето додека гледа телевизија за да знаете како доживува одредени содржини. Понекогаш и најбезопасните документарни филмови за природата може да им бидат застрашувачки на децата, со оглед на тоа дека нивното разбирање за реалноста е поинакво од она на возрасните. Проверете дали во собата има пријатна температура. Квалитетот на сонот се намалува, а веројатноста за лоши соништа се зголемува кога на децата им е премногу топло. Погрижете се пред спиење детето да оди во тоалет, полниот мочен меур го вознемирува и може да поттикне лош сон. Вклучете ноќно светло или светло во ходникот за детето да може да гледа ако се разбуди. Светлото би требало да биде придушено, а не ЛЕД бидејќи ЛЕД-светло со сина боја му дава на мозокот информација како да е ден.

Автор: Звјездана Бубњар

Извор



912

X