Квалитетен и нормален сон – што е тоа? Ни се чини дека родителите на мали деца едноставно забораваат на тоа во моментот кога ќе станат родители. Сепак, тоа што родителите не спијат доволно не значи дека можат без сон. Во просек, едно лице поминува околу една третина од својот живот во спиење – што е повеќе од 9.500 дена. Спиењето е најважното нешто што можеме да го направиме за нашето тело, толку важно што не може да се замени со ништо друго.

Без сон човекот не може да функционира бидејќи во сон мускулите и сите ткива мируваат, имунолошкиот систем ги полни батериите, кардиоваскуларниот систем забавува, метаболизмот работи… Спиењето е пресудно за функционирањето на телото. Дури и на нашиот ум му треба сон повеќе од што било за да функционира. Будноста троши многу енергија, особено за новите родители, па затоа спиењето е многу потребно.

Еве како функционира нашето тело во однос на времето поминато во спиење.

Нашето тело по осум часа сон

Оваа бројка треба да биде просечна за квалитетен одмор – седум до осум часа. Кога спиеме помалку од тоа, ефектите се зголемуваат. Осум часа не е некоја произволна, измислена бројка, туку се заснова на откритијата на Натаниел Клајтман, кој е заслужен за откритијата на фазата наречена РЕМ-спиење и се смета за татко на науката за спиење. Поминал 32 дена заклучен во темна просторија без дневна светлина за да дознае колку сон ќе му биде потребно на телото и се испоставило дека тоа е осум до осум и пол часа сон навечер.

Подоцна оваа бројка била докажана и со тестирање на когнитивните способности спроведени од Дејвид Дингс од Универзитетот во Пенсилванија, на учесници кои спиеле помалку од осум часа или повеќе. Оние што спиеле точно околу осум часа имале подобри резултати.

Нашето тело по шест часа сон

Првото нешто што ни страда кога не спиеме доволно се нашите рефлекси и брзото размислување. Колку помалку спиеме, толку полоши се рефлексите и толку повеќе сме летаргични. Сè што треба да правиме, во таков случај, од нас бара повеќе труд. Со текот на времето нашата способност за расудување, комуникација и паметење се намалува.

За време на едно истражување група учесници спиеле по шест часа секоја вечер и по две недели имале исто толку слаби резултати на тестовите како и оние што не спиеле цела ноќ. Во реалниот свет, спиењето само шест часа во подолг временски период може буквално да значи физичка опасност, бидејќи се зголемува ризикот од сообраќајна несреќа.

Нашето тело по четири часа сон

Луѓето што спијат четири часа навечер, по три дена имале исти резултати како оние што ја поминале ноќта без сон, а по 10 такви ноќи ги имале истите функции како оние што биле будни 48 часа. Она што е важно и потврдено од истражувањето е дека учесниците, без разлика на бројот на часови на спиење, изјавиле дека се приспособиле на новите нивоа на сон. Тие, секако, биле уморни, но не чувствувале дека тоа влијае врз нивните когнитивни способности.

Со толку краток сон, докажано е дека страда и имунолошкиот систем, па многу полесно нѐ „напаѓа“.

Нашето тело по помалку од 4 часа сон

Организмот не може да функционира со помалку од четири часа сон подолг период. Тоа може да доведе до застрашувачки последици, може да доведе до халуцинации и разни нарушувања. Фактите се дека секој сон е подобар од никаков, но телото не може долго да го толерира тоа.

Надоместување на сонот

За среќа на родителите, можно е да се надополни недостигот на сон – до одреден степен. Но, едно од решенијата е дремката, врвната алатка за борба против лишувањето од сон.

Извор



912

X