Воспитување

Дали сакате вашето дете да ве слуша? Применете ги овие навики…

Можеби најчестото прашање што си го поставуваат родителите е зошто нивните деца не ги слушаат?! Сите сакаме да нѐ слушаат и послушаат. И токму затоа секој совет е добредојден, а во продолжение погледнете шест од нив кои треба да ги спроведете доколку сакате вашето дете да ве слуша.

Очи в очи

Да, кога треба детето да ве слушне, често викате од другата соба и му кажувате што треба да направи, а додека да стигнете до него, поминува некое време, а потоа се чудите зошто не ве послушало.

Кога сакате да му кажете на детето нешто важно, кога сакате да ве слушне, тогаш треба да бидете пред него. Како кога сакате некој од возрасните да ве слушне, кога имате нешто важно да кажете – сигурно нема да го довикувате од другиот крај на станот. Исто како што не одржувате состаноци на работа со викање од канцеларија до канцеларија. Застанете пред детето, спуштете се така што очите ќе ви бидат на иста висина со неговите, а потоа кажете му што ви треба. И направете го тоа јасно, артикулирано и без непотребни зборови. На овој начин вашите зборови ќе остават многу поголем впечаток.

Позитива наместо негатива

Децата не сакаат да слушнат „не“. И дали можеме да ги обвиниме? Никој не сака да слуша „не“. Наместо некој да ви каже: „Сега не можеш да пиеш кафе“, подобро би ви било ако слушнете: „Можеме да пиеме кафе малку подоцна“. Истото е и со децата. Наместо да викате: „Не скокај на креветот!“, може да се обидете да кажете: „Еј, ајде да ги ставиме двете нозе на подот“. Ова не само што поттикнува поставување јасни граници, туку поттикнува и соработка.

Скрати, позлати!

Долгите, опширни објаснувања за секое барање, за секое правило, немаат смисла кога се во прашање децата. Вашите упатства нека бидат кратки и слатки. Односно, како што вели народната поговорка – скрати, позлати! Наместо да го започнете вашиот говор за калта, чистењето, чистотата и хигиената, многу поефикасно е едноставно да кажете: „Остави ги чевлите покрај вратата“.

Децата многу подобро реагираат на таквите концизни, јасни упатства.

Благодарност пред акција

Ако треба вашето дете да направи нешто за вас, обидете се однапред да ја изразите својата благодарност. На пример: „Ти благодарам што ми помагаш да ја поставам масата“. Тоа е всушност мал трик, кој може да функционира и кај возрасните, но особено добро функционира кај децата. Оваа благодарност однапред, пред да се случи каква било акција, е еден вид мотивација.

Љубезно барање

Дали ви се допаѓа некој да ви поставува ултиматуми и да ви наредува како полицаец? Не. Тоа не го сакаат ниту децата. Знаеме дека понекогаш е нужно нешто да се нареди, но мораме да ја спакуваме наредбата на сосема поинаков начин.

Однесувајте се кон вашето дете како да е рамноправно со вас. Наместо да издавате наредби, обидете се учтиво да го прашате и да побарате нешто од вашето дете. Иако мислите дека тоа нема да вроди со плод, можеби ќе се изненадите.

Рутината е важна

Децата сакаат рутина. Организирајте ги нивните дневни активности, оброци и време за спиење. Така, полесно е да се избегне отпор и децата да се префрлат од една активност на друга. Кога детето знае што да очекува, помала е веројатноста дека ќе одбие да соработува.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top