Време поминато насамо. Тоа е единственото нешто што најмногу ми недостига. Во мојот предродителски живот, одев до моето омилено кафуле за време на викендите. Напишав два романи на тој начин, еден објавен и еден што постои некаде во „облак (клауд)“. Не долго откако го завршив последниот нацрт, го родив моето прво дете.

Тогаш не знаев колку беа драгоцени тие попладневни викенди, колку се потпирав на нив за да соберам енергија за претстојната работна недела. Уживав да пишувам, се разбира, но уживав и да зјапам низ прозорецот и да талкам до и од кафулето, изгубена во ритамот на моите мисли.

За време на моите рани денови на мајчинството, ретко бев сама, но успевав да си ги имам за себе моментите додека ќерка ми спиеше или ја цицаше цуцлата, задоволна од зуењето на тркалцата од количката.
Јас сум внатрешен процесор, кој може е или не е поврзан со мојата интровертност. Изгледа дека научниците не се согласуваат за степенот на корелација, доколку го има, но јас многу ги поврзувам и двете. Без време поминато сама со себе, многу ми е тешко да се справувам со стимулациите со кои светот ме преплавува секојдневно.

Затоа, малечките моменти на самотија што ги имав како млада мајка, иако беа корисни, не беа доволни.

Родителството подразбира 18+ години постојани прекини. Научив да се приспособувам по потреба, но дури и по 11 години, емоционалните промени ми се тешки. Најтоплите сцени на мирно домаќинство сè уште можат да се претворат, за неколку минути, во сцени на терор.

Нема сомнение дека родителството може да биде исцрпувачко за нас, интровертите. Нема сомнение дека родителството е исцрпувачко воопшто, но за оние од нас на кои им треба квалитетно време поминато сами со себе, за да се го одржат здравиот разум, тоа е исцрпеност што би можеле да ја почувствуваме уште поакутно.

Но, родителството нуди и вградена социјална мрежа, за што често сум благодарна. Јас сум интровертна, да, и како и сите човечки суштества, јас сум и вродено социјално суштество. За разлика од екстровертите, кои можеби се чувствуваат поенергично од можноста да организираат или да ги предводат друштвените собири, јас сум некој што едноставно сака само да се појавува. Испратете ми ја поканата и ве молам, не вклучувајте ме во ниту една текстуална низа на пораки која служи за разрешување на деталите. Само кажете ми кога да се појавам, каде да одам и што да донесам. Ќе бидам таму.

Јас сум вродено социјален тип, но сум и вродено социјално мрзлива. Училиштето беше одлично нешто за мене затоа што ме принудуваше да се гледам со моите пријатели секој ден, без потреба од никакво планирање. Во текот на мојот возрасен живот, стекнав некои пријатели на работа, но никогаш не било исто како тогаш. Поголемиот дел од мојата зрелост го поминав жалејќи што општеството сè уште не нашло верзија на црква што не вклучува религија во истата. Да, знам, има клубови за книги и слични такви активности, но моето искуство е дека ваквите работи се тешки за наоѓање. Заедничките интереси едноставно не нè мотивираат толку многу за да се дружиме.

Со распоредот до кој треба да се придржувате и десетици воннаставни активности за координирање и дадилки за наоѓање, да се биде социјален во кој било капацитет надвор од вашето потесно семејство станува многу потешко кога сте родител – и се обложувам дека екстровертите се тие кои најмногу жалат за загубата на социјалнита спонтаност.

Колку и да ме исцрпува родителството, се тешам што знам дека ако никогаш не стекнам друг пријател додека сум жива (што е сосема можно), па дури и ако целосно престанам да комуницирам со неколкуте пријатели што ги имам (што понекогаш го правам неколку недели по ред), има уште тројца луѓе кои треба да се дружат со мене во догледна иднина, без разлика дали тоа им се допаѓа или не.
А најдобриот дел е што не морам да испратам ниту една порака за да организирам вечера со нив. Тие само се појавуваат. Секако, тие не ја јадат секогаш вечерата, никогаш не ми носат вино, а понекогаш и со врескање се оддалечуваат од масата. Но, за добро или за лошо, тие се скоро секогаш таму.

Како и многу работи во животот, одговорот на прашањето поставено во насловот: Дали родителството е потешко за интровертите? – е „да“ и „не“.

Но, моето големо проучување даде еден многу конечен резултат, а тоа е ова:

Родителството е потешко за нас, интровертните мајки, АКО се обидуваме да се придржуваме до очекувањата дека „мајката треба да е маченик“, што општеството ни го сервира од денот кога ќе ја именуваме дури и нашата прва кукла во детството.

Не е дека екстровертите се подобри маченици. Туку конкретниот тип на мачеништво што го бараме од мајките – е најлошиот кошмар на интровертите. Од мајките се очекува без напор да управуваат со социјалните календари на сите членови на нивното семејство (вклучувајќи ги и партнерите), да бидат емотивно достапни во секое време, да разговараат со другите родители на роденденските забави и фудбалските терени и постојано да се позиционираат во центарот на семејната кавга.

Во меѓувреме, општеството им подари на татковците „човечки пештери“, во кои многумина уживаат без разлика дали имаат пристап до соодветна пештера или не. Истражување за користење на времето покажа дека „татковците поминуваат 2,8 часа повеќе неделно отколку мајките во гледање телевизија или користење други медиуми“ и „во просек имаат околу три часа [неделно] повеќе слободно време од мајките“.

Накратко, општеството им дозволува на татковците да се повлечат. И бидејќи ова е дадено тукутака, не им паѓа на ум од нас да побараат дозвола.

Во меѓувреме, општеството секогаш ги повикува мајките, барајќи од нив да отфрлат што и да прават (што не може да биде толку важно, нели?), за да го насочат своето внимание на друго место. На сите ни треба дозвола да се повлечеме, без разлика на нашиот пол и без разлика каде припаѓаме на спектарот интроверт-екстроверт.

И еве каде одговорот на централното прашање на оваа приказна повторно станува нејасен. Од една страна, во текот на тие рани, интензивни години на родителство, кога толку вредно се обидував да бидам добра мајка и добра сопруга, мојата интровертност дефинитивно направи сè да биде многу потешко. Од друга страна, на крајот ме принуди да барам свој простор и време.

Тоа не беше толку намерно барање колку што беше очајнички крик за помош. Но, дали ќе го побарав истото ако не бев толку исцрпена? Дали е можно мојата цврста интровертност да ме спаси од уште една деценија осудена на обиди за жртви?

Релативно неодамна, благодарение на авторката Сузан Кејн, научив да ја прифаќам мојата интровертност, а дури неодамна научив како да се потпирам на неа како родител. Има уште предизвици, да. Добивањето време за себе е постојана загатка, па дури и кога сум успешна во истото, сепак може да се чувствувам слабо и склона кон прекини. Но, барем ја завршив приказнава, зарем не?

Автор: Керала Тејлор

Извор



912

X