Воспитување

Дали имаме превисоки очекувања?

Треба да се испланира менито за следните денови. Треба да се однесат децата на забар… Ева да оди на офталмолог, Ноа кај физијатар. Треба да се извадат на воздух. Деновиве времето беше лошо и беа дома. Треба да се исчисти фрижидерот, ја прескокнав таа активност минатите недели. А и на завесите добро би им дошло перење. Треба да се реновира станот. Треба малку повеќе да се посветиме на работата. Во последно време никако да направам конкретен план. Треба, треба… сакам… морам!

Треба да се провери домашната задача на Ева. Треба да ја испрашам, утре има тест. Треба да се нарачаат декорации за роденденската торта. Треба итно да се купат зимски чевли за Ноа. Би требало децата да се однесат на снег. Би требало да се издепилирам, никако да стигнам. Да, да… и косата не сум ја измила веќе неколку дена. Тоа дефинитивно треба да го завршам утре. Уф, кој ден е? Би требало да најдам време за сопругот. Не сакам да се чувствува запоставен. Ах, да… треба да закажам на фризер! Треба… Треба… Би требало…

Понекогаш ми изгледа како мојот живот да е една голема листа со задачи, иако не на хартија, туку само во мојата глава, но сепак таа листа која, за жал, е невозможно целосно да се пречкрта со оглед дека дневно пристигнуваат по три нови обврски, а се чкрта само една. Некогаш ни една!

Не знам како правите вие, но јас имам впечаток дека со годините сè потешко се справувам со сите тие многубројни обврски. Иако многу работи станаа полесни како што растеа децата, со нивниот раст растеа и моите и обврските на сопругот. Градинка. Училиште. Тренинг еден. Тренинг втор. Наскоро тренинг трет. Готви, чисти, вози и развозувај. Играј, пери, пеглај. Купи, плати, работи! Покрај сето тоа, од неодамна голем тренд стана и „грижата за себе“. И нема да кажам дека тоа е лошо. Всушност, на секој од нас му треба време за себе. Кафе, тренинг, фризер, книга… она нешто што е само твое. Но, ќе ви кажам дека иако самата идеја не е лоша, лошото е тоа што ни е наметната само како уште една обврска. Бидејќи… не сме добри мајки ако не се занимаваме доволно со децата. Не сме добри партнерки ако дел од денот, макар вечерта, не му ја посветиме на партнерот и на нашата врска.

Е сега уште ако не се грижиме доволно за себе, ако дел од денот не го одвоиме за себе и за своите задоволства. Жени мои, ќе ви го кажам она што мојата роднина на оваа тема ми го рече:

„Во голем дел сме самите виновни. Едноставно сме ја кренале превисоко скалата и таа расте и расте. И невозможно е повеќе да се реализира отколку што сме си зацртале!“ Нема да навлегувам во тоа кој и зошто е виновен. Факт е дека обврските на сите нас од ден на ден ни растат.

А денот сè уште, баш како и пред сто, илјада и повеќе години, има само 24 часа. Па како тогаш да се постигне сè?

Како да се направи сè што треба?

Кога на својата драга пријателка од социјалните мрежи ѝ се пожалив дека веќе „пукам“, нејзиниот одговор беше: „Но, кој вели дека ти сето тоа треба да го направиш? Ти си таа што така мисли! Ти си таа што сака да биде супержена!“ И да, токму така! Сакам да бидам супержена! Супермајка, суперсопруга, суперпријателка, суперќерка, супердомаќинка, суперработник, личност која работи на себе и има супероднос со себе, на која домот ѝ блеска, а свежо испечениот колач излегува од рерната!

Само има еден мал проблем. Јас нема супермоќ! Верувам дека немате ни вие. Зошто тогаш едноставно не ја промениме таа перцепција какви би требало да бидеме и да се прифатиме тави какви што сме? Да прифатиме дека е во ред да им се каже на децата дека сме изморени за во парк и да ги пуштиме да играат во дворот. Да купиме колач или вечера наместо да поминеме многу часови во кујна, ако тоа не нè радува.

Да прифатиме дека грижата за себе може да биде и излежување на каучот ако тоа во моментот ни одговара, дека не си лош родител ако не си стигнал да ја провериш задачата, па детето доби лоша оценка. Да прифатиме дека некои обврски во денот мора да се направат, но дека многу обврски од нашата листа може да почекаат некој друг ден. Или наместо нас, можеби некогаш да ги заврши некој друг. И што е најважно, да се прифатиме и да си признаеме дека не можеме баш сè да направиме, но поради тоа не сме лоши жени, мајки, сопруги.

Да прифатиме дека можеме да бидеме супержени и без супермоќ. Затоа што сакаме, прегрнуваме, бакнуваме и чувствуваме што им треба на другите, што нам ни треба… и дека можеби баш тие особини се наши суперсили.

Сигурна сум дека кај вас, како и кај мене, има денови кога сè оди како подмачкано, кога со радост завршувате и повеќе од планираното… Но, има и моменти кога ништо не ни оди од рака. И сè е во ред. Треба да се прифати и тоа. И да се примат тие денови така како што доаѓаат. Да се прифатат деновите и да се прифатиме себеси.

Да се прифати пауза бидејќи и тоа како ни е потребна. Зарем животот не би ни бил малку полесен?

Автор: Сара Стручиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top