Игротека

Има ли начин емоционално да се подготвите за родителството?

Иако изреката „Ништо не може да те подготви за родителството“ претежно е точна, постојат неколку работи што можете да ги направите за да се подготвите за улогата што ви претстои – родител. Емоционалната и ментална подготовка во текот на бременоста може да го намали ризикот од нарушувања на расположението (како што е постпородилна анксиозност и депресија) и да го олесни преминот до родителство. Настанува промена во идентитетот со доаѓањето на родителството, па затоа треба да се ослободите од сите моменти на „инстаграм-совршена бременост“ или породување.

Новинарката Линдзи Хантер Лопез од „Њујорк тајмс“ разговараше со двајца професори кои го истражувале родителството, како и со тројца клинички психолози и семеен и брачен терапевт. Тие објаснуваат како можат најдобро родителите да се движат низ оваа нова реалност.

Што треба да направите?

Намалете ги очекувањата

Корисно е да разберете дека реалноста на раното родителство не е розова како што се мисли. Д-р Дарби Саксбе, вонреден професор по психологија на Универзитетот во Калифорнија, препорачува намалување на стандардите и очекувањата. Реалноста е дека многу родители кои имаат вакви очекувања се чувствуваат колебливо. Д-р Саксбе препорачува да се постави нова дефиниција за раното родителство како „привремен период што го очекувате наспроти криза што би можела да уништи сè што сметате дека е вредно“. Ако тоа звучи страшно, така и треба.

– Бебето менува сè и животот нема да биде ист откако ќе пристигне – вели д-р Дијана Морелен, професорка по психологија на Државниот универзитет во Источен Тенеси, која специјализирала за перинатално ментално здравје.

Можеби ќе ја изгубите можноста за спиење. Нема да можете да ги правите сите работи што сметате дека треба да ги правите. Д-р Линдси Трент, психолог и соосновач на апликацијата „Бејсис“, препорачува да се прашате себеси какви промени очекувате во вашиот живот и во врските.

– Бидете љубезни кон себе. Намалете ги очекувањата – вели д-р Морелен.

Поврзете се со вашиот партнер

Фокусирајте се на односот со партнерот и зацврстете го пред да дојде најтешката прва година. Д-р Сакбе вели дека квалитетот на една врска има тенденција да опаѓа во транзицијата кон родителство, но вие не мора да го следите тој тренд.

– Годината што следува по породувањето е еден од најстресните периоди во брачните односи; паровите што не се подготвени за тешкотиите веројатно ќе доживеат конфликт и брачен стрес – вели д-р Ноша Нив, психолог и основач на Институтот „Мајнд Метрс“ во Глендејл, Калифорнија.

Како да ја подготвите врската? Размислете за предностите и предизвиците во вашата врска.

Поставете родителски вредности

Д-р Нив вели дека им помага на паровите што очекуваат бебе да ги усогласат нивните родителски вредности онаму каде што не се усогласуваат.

– Важно е да се идентификуваат вредностите околу родителството пред да се роди бебето; постигнување решение на темите е потешко кога сте под стрес и лишени од сон – вели таа.

Соочете се со стравовите

Природно е да се чувствувате исплашени или загрижени за одредени аспекти на родителството.

– Дајте си дозвола да чувствувате низа емоции. Разговарајте со саканите за вашите чувства – ќе откриете дека не сте сами – вели д-р Морелен.

Но, ако стравот и стресот се постојани, д-р Трент препорачува да го разгледате сценариото што ве плаши. На тој начин реално ќе ја процените вистинската загриженост и ќе ги решите проблемите. Ако ова не ви помогне, тогаш побарајте стручна помош за олеснување на анксиозноста.

Проценете колку време ќе ви биде потребно за закрепнување

Ова е корисно затоа што ќе покаже колкава поддршка ќе ви биде потребна. Постпородилната медицинска нега обично завршува по шестнеделниот преглед по породувањето. Но, истражувањата покажуваат дека може да ви се потребни шест месеци до една година за целосно да закрепнете, и физички и психички.

За да си помогнат во закрепнувањето, д-р Џефта Таусинг, психолог во Њујорк,  им препорачува на мајките да ангажираат помош за некои задачи, како перење, чистење, приготвување оброци и слично.

Обидете се да спиете

Никој не се чувствува добро кога е лишен од сон, а недостатокот на сон е поврзан со ризик за нарушување на расположението.

– Мислам дека родителите не се навистина подготвени за промените што ќе ги доживеат со доаѓањето на бебето, особено во сонот – вели Елис Прингер, семеен и брачен терапевт од Лос Анџелес.

Како и да е, погрижете се да имате квалитетен сон откако бебето ќе пристигне. Ако се одморите, тогаш подобро ќе се грижите за вашето бебе.

Изградете социјални врски – и лично и онлајн

Разговарајте со новите родители за тоа што да очекувате, вели д-р Саксбе. Разговорот дека некои бремености и бебиња се различни од другите е доста корисен. Плус, важна е социјалната поддршка и се поврзува со намален ризик од постпородилна депресија.

Офлајн постојат многу можности. Одете на часови за родители, часови за доење, јога за мајки.

– За одгледување едно дете потребно е цело село. Ги охрабрувам родителите да им пристапат на другите родители и да ги прашаат кои се советите што би им ги дале за родителството – вели д-р Морелен.

Кога да бидете загрижени?

Откако ќе го добиете вашето бебе, важно е да ги забележите значителните промени во расположението во текот на првата година од животот на детето, вели Спрингер. Недостигот на сон, притисокот на работа, финансиите и врските, како и хормоналните промени се нормални, но до одреден степен.

Ако забележите посериозни симптоми, на пример, нападни мисли за повредување на бебето или себеси, побарајте поддршка и помош. Може и да побарате стручна помош.

– Важно е да се знае дека секој, без оглед на културата, возраста или историјата, е изложен на поголем ризик од предизвици за менталното здравје за време на перинаталниот период – вели д-р Моренлен. Овој ризик се зголемува ако имате лична или семејна историја на проблеми со менталното здравје, ако сте доживеале значителна траума, ако имате историја на проблеми со дрога или алкохол, ако живеете во сиромаштија, ако имате голем финансиски стрес; или ако немате добар систем на социјална поддршка.

Дури и со соодветна поддршка може да се појави постпородилна депресија или други нарушувања на расположението.

– Важно е да зборуваме и да споделуваме за жените да сфатат дека постпородилната депресија не е нешто од што треба да се срамат – вели д-р Даглас.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top