Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 2-годишен син. Сопругот работи 3 месеци во странство, а потоа 1 месец е дома – на одмор. Последниот пат, поради пандемијата, беше 7 месеци отсутен од дома. Кога се врати, зедов и јас одмор и постојано бевме сите тројца заедно. Мислам дека тој период беше најсреќното дете што може да постои, Пред да замине сопругот разговаравме со него, му објаснивме дека тато ќе лета со авион (сака авиони) и дека ќе оди да работи, ама дека за брзо време ќе се врати и ќе му донесе кола (а обожава коли), а дека мама и тој заедно ќе патуваат до работа и градинка. Од градинка ме информираа дека има промени во неговото однесување – постојано ме барал, им објаснувал дека тато летал со авион, а на секое излегување од просторијата на една од негувателките, тој почнувал хистерично да вика и да плаче без солзи, до степен да ги исплаши сите во просторијата. Моментално сме на викенд кај баба ми и дедо му, а тој не сакаше ни да се поздрави со нив, а инаку многу ги сака. И не можеше ни да заспие, цело време само велеше дома, дома, дома, дома. Во глава ми одѕвонува зборот дома, не плаче кога го изговара, ама и покрај тоа што убаво му објаснувам, тој продолжува… А кога преку видеоповик разговараме со сопругот, детето одбегнува разговор со него.

Поради тоа што ни е во план сопругот да продолжи да работи на овој начин уште 1-2 години, ве молам за совет. Дали ова отсуство на таткото може да има долготрајни последици врз однесувањето и карактерот на детето?


ОДГОВОР: Пишувате дека сте многу внимателни во воспитувањето на вашето дете и тоа го правите на најдобриот начин. Секако, морам да напомнам дека ние, возрасните, имаме изградено механизам на приспособување кон надворешните влијанија, вклучително и промена на работно место, начин и место на живеење. Вашиот двегодишен син развојно го учи тоа и на две години колку и да му зборувате дека тато ќе оди да работи, ќе лета со авион, ќе се врати, тој сè уште развојно нема чувство за сите тие информации. Околу втората година кај сите деца развојно се појавува потребата да ги изразуваат своите желби и потреби, да сакаат да се следат нивните цели и да наметнуваат свои правила на играње. Вашиот сопруг е почесто отсутен и му недостига на вашето дете првенствено како тато, а секако и како машка фигура во неговиот секојдневен живот.

Верувам дека и вам, како возрасна личност, ви треба време да се приспособите на присуството и отсуството на вашиот сопруг. Истото се случува и со вашиот двегодишен син, особено сега во период кога природно се развива способноста да управува со своите чувства и емоции. Децата многу полесно од возрасните ги преплавуваат емоциите и кога не можат да се изразат со зборови, своите пораки ги изразуваат со однесување, кое не е пријатно за возрасните. Детската лутина, фрустрација и незадоволство доведуваат до изливи на бес, силна вознемиреност и протест, како несакањето да комуницира со тато преки видеоповик, да посакува да биде во својот дом каде што имало убави мигови со двајцата родитела и посакување од учителката да му го даде целото внимание само нему.

Пишувате дека ќе живеете одвоено од сопругот уште две години. За да му помогнете на вашето дете да научи да ги владее своите емоции, давајте му можност за избор што ќе ги задоволува неговите потреби за независност и ќе ја зголеми соработката, нудете му го само тоа што сте во можност да го исполните, избегнувајте да поставувате прашања кои бараат одговор со да или не, обидувајте се да ги предвидувате евентуалните проблематични ситуации и однапред да поставите јасни граници за да ги избегнете неговите бурни реакции. Секогаш однапред најавувајте му ги секојдневните промени на активностите и така ќе стекне навика на себеследење, внесете мигови на заеднички активности (собирање играчки, миење заби, поставување на масата за јадење, раскревање, читање, цртање и слично.).
Со почитување на неговите емоции, дозволување на изразување и разговор што сака кога се чувствува среќно, луто, тажно, вашето дете ќе научи да ги владее емоциите и ќе ја прифати отсутноста на тато.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.




912

X