Секоја година, баш секоја, си велам себеси дека ова лето ќе оди во градинка дури и кога јас ќе работам од дома. И секое лето, баш секое, потешко ми е да преговарам отколку да го оставам дома. Дојде есен и сè уште не тргна во градинка. Се плашам од неговата лутина и тага, се плашам дека тешко ќе го прифатам тоа. Инаку, целиот период помеѓу 3,5 и 5 години беше во емоции на голема радост или голема лутина. Дури неодамна почнавме да се запознаваме со срамот и вината.

Колку сме подготвени да ги прифатиме неговите емоции?

Одговорот на тоа прашање го знае секој од вас што сега го чита ова. За себе тврдам дека многу лошо се справувам со отвореното покажување лутина бидејќи како дете ретко го правев тоа. Моите детски емоции не ги паметам многу, знам дека не ги покажував премногу пред родителите. Имавме прекрасно куче кое ги слушаше моите жалби кога ме праќаа на спиење порано.

Сериозно размислувам за време на зимските празници да го оставам цела ноќ буден додека не падне и првпат во животот да каже дека е изморен и дека сака да се одмори.

Овие денови размислуваме и за набавка на боксерска вреќа. Една колешка (библиотекарка која има прекрасен син на кој често му требала боксерска вреќа за смирување) ми препорача да купам боксерска вреќа. Не го измислиле фудбалот заради трансферите и скапите натпревари. Колку прекрасно чувство е да се удри топката со сета сила, дознав дури како возрасна, бидејќи фудбалот во моето детство беше резервиран за момчињата. Сфатив зошто тие толку го сакаат. Покажувањето на емоциите и исфрлањето на фрустрациите се темел на здравиот живот, баш како и рутината на спиење, јадење и активности.

Колку ние, возрасните, сме подготвени да ги прифатиме детските емоции? Смеењето и врескањето лесно ги поднесуваме. Тагата, мајките ја поднесуваат релативно добро бидејќи се тука за да прегрнат и утешат. Што е со лутината? Кога детето го удира родителот или фрла играчка, како реагирате? Сè уште не сум запознала личност која прифаќа такво детско однесување. Во нашето детство ни покажале дека таквото однесување е неприфатливо.

Нека ги пуштат надвор!

Еден ден со моето дете разговарав за емоциите, одевме на работилница за препознавање на емоциите, многу читавме и ги именувавме чувствата. Јасно ми кажа дека лутината ја чувствува во рацете и во нозете. Тој ми помогна да сфатам како се чувствувам. Фактот дека често сум изморена предизвикуваше незадоволство и отпор кај него. Кога станав свесна за тоа, бев уште потажна. Уморна мајка која се обидува да направи сè за домот да биде сигурен, пријатен и топол дури и без татко. Воопшто не ја покажував лутината, или многу ретко, а бев лута. Ако понекогаш викнев, се чувствував очајна. Бев лута поради некои други околности и луѓе, а не поради него, но тој ми беше најблизок и единствен кој ги примаше сите мои емоции. Баш како што јас во еднородителско семејство ги примав неговите. Немаше замена која се вклучуваше кога јас ќе го изгубев трпението.

Му објаснив дека можеме да се обидеме да плескаме со рацете или да удираме со нозете за да не повредиме никого во текот на нападот на лутина. Во тој момент низ главата ми помина сцена од моето детство. Татко ми ме повика за вечера, а јас сакав да продолжам со играта. Не ми дозволи, а често ми дозволуваше повеќе од мајка ми и тоа ме изненади, па се разлутив и почнав да удирам со нозете. Во тој момент татко ми ги изгуби нервите и првпат ме удри. Никогаш повеќе не удирав со нозете. Никогаш повеќе не покажував лутина отворено. Сепак, таа живееше во мене во облик на тага и во облик на отровни зборови кои ми навираа уште долго откако ќе се налутев. Денес земам неколку секунди за себе и врескам во автомобилот. Многу побрзо се решавам од стресот отколку 15 пати да им прераскажувам на сите што ме налутило.

Дали сме подготвени да ги прифатиме своите, а потоа и детските чувства? Одговорот на тоа прашање го знае секој од нас, но мораме да бидеме свесни дека ние сме тие што треба да создадат сигурни услови за искажување на емоциите. Ако детето не смее да ја покаже својата лутина дома, ќе го прави тоа на друго место или на друг начин.

Само три мали чекори

Лутината повторно се појави во поголем облик и сфатив дека нејзиниот поттик е заморот. Првиот лек ни е порано одење на спиење и вметнување попладневна дремка за викенд.

Вториот чекор е намалување на времето поминато пред екран бидејќи од тоа син ми е уште поизморен и пораздразлив.

Третиот чекор е да го оставам да му помине лутината, па тоа го применуваме веќе подолго време. Ја игнорирам лутината додека не помине бранот – тој веќе се навикна да се повлече в соба и да удира во перниците, а потоа ќе поразговараме и ќе се прегрнеме. Но, неговата лутина никако не ги менува договорите и правилата. Нашата договорена рутина некогаш ја попречуваат бабите и дедовците, кои и натаму тешко се справуваат со лутината, па попуштаат во договорите, баш како што јас не сакам да се оптоварувам со одењето во градинка.

Автор: Данијела Миклец

Извор



912

X