Премногу работиме. Немаме време да се одмориме, а со самото тоа ниту да му се посветиме на своето семејство. Следиме одредени „трендови“ кои ни ги наметнува општеството: брзаме, трчаме, плаќаме, чекаме, возиме…

Мајките мора да ги задоволат сите стандарди. Освен што мора да бидат убави и дотерани, мора да бидат и успешни. Поради тоа, немаат време, ниту трпение за сето она што на детето му е неопходно. Постојано ги брзаме, правиме сè наместо нив, почнувајќи од наједноставните работи – кога треба да дофатат нешто, да соберат, да се наведнат или да клекнат. Полесно ни е да ги облечеме децата и да им ги врземе врвките отколку тоа да го вежбаат самите. Полесно ни е да ги нахраниме бидејќи знаеме колку и што изеле. Полесно ни е да ги возиме од една на друга активност отколку да си играме со нив и навистина да им се посветиме.

Зошто го правиме тоа? Поради премногу обврски и работи, чувствуваме вина. Огромна. Не успеваме да им се посветиме на децата толку колку што сакаме. Мислиме дека целата таа љубов ќе ја надоместиме со подароци, со исполнување најразлични каприци и желби. Во денешно време децата имаат премногу играчки и воннаставни активности, а сепак толку многу нешта им се скратени.

Премногу се грижиме. Поради таа претерана грижа, на децата им ја скратуваме слободата. Не мислам на тоа дека размислуваме дали да ги пуштиме на екскурзија од градинка, туку дека им го скратуваме најосновното движење. Не им дозволуваме да паднат, да трчаат, да скокаат, да се качуваат…

Децата постојано наидуваат на пораки: „Остави, јас ќе средам. Не можеш ти“. По одредено време детето не се ни обидува бидејќи знае кој одговор ќе го добие. Сè добива на готово и не мора да се труди. Поради тоа и не ги стекнува неопходните вештини. Го омаловажуваме своето дете, неговите способности, граници, креативност… Себични сме и мислиме дека тоа  ништо нема да може да направи без нас. Поради таквиот начин на воспитување, детето подоцна не умее ништо да направи само. Ние и понатаму мислиме дека тоа е љубов и грижа, дека сè сме направиле совршено и потоа се чудиме што во пубертетот, но и многу порано, се јавуваат различни проблеми со детето.

Тогаш сме изненадени, не размислувајќи дека многу проблеми потекнуваат од алката која неуморно ја стегаме. Оставете го детето да падне, да погреши, да се обиде самото сто пати… Тоа е единствениот начин. Детето мора да се соочи со препреките и проблемите на свој начин. Не му правите услуга ако со вистински проблем се соочи дури на 12 години. Тогаш настанува хаос, а вие не сте му дозволиле ниту да проба да се соочи со сите овие ситни проблеми соодветни за неговата возраст.

Попуштете ги малку тие конци. Едно е да се грижите, а сосема друго да претерате. Доживејте го детето како мало битие кое е во многу сегменти поразлично од вас. Не задушувајте го само со љубов, туку научете го и на други работи.

Автор: О.Б., дипломиран психолог и семеен терапевт



912

X