Навикнати сме нашите деца да бидат живи, палави и разиграни, но дали некогаш сте помислиле дека некои деца едноставно се раѓаат палави и непослушни?

Ако некогаш сте го гледале вашето дете или други деца на игралиште и сте се запрашале дали генетиката има улога во нивното однесување, не сте сами. Некои научници спроведоа истражување на слична тема, а резултатите посочуваат дека гените, а не однесувањето на родителите, се клучни за детето да развие сериозни проблеми во однесувањето, како што се малтретирање, бегање од училиште, па дури и крадење.

Природата и/или воспитувањето – што (повеќе) влијае врз однесувањето на децата?

Во списанието „Чајлд дивелопмент“ беа објавени резултати од истражување кои се однесуваат на вечното прашање за одлучувачкото влијание врз детето – дали е тоа природата или воспитувањето?

Во случајот со однесувањето на децата, истражувањата ги поврзаа брачните конфликти на родителите со долгорочни, сериозни проблеми во однесувањето на нивните деца. Сепак, не е јасно дали тоа значи дека брачните проблеми сами по себе предизвикуваат проблеми во однесувањето на децата.

Новите откритија покажуваат дека повеќе е прашање на гени. Односно, дека брачните конфликти се под влијание на карактеристиките на родителите – вклучувајќи ги и нивните гени – и овие гени се пренесуваат на децата.

Истражувањето било спроведено на Универзитетот во Вирџинија во Шарлотсвил, предводено од К. Пејџ Харден, а во него учествувале 1.045 возрасни близнаци и нивните деца. Некои од двојките близнаци биле еднојајчени, што значи дека ги споделувале сите гени. Така, истражувачите биле во можност да ги откријат ефектите на гените и околината врз даденото однесување.

Во овој случај, тимот на Харден открил дека генетските влијанија се важни во брачниот конфликт на родителите, а гените, пак, ја објаснуваат врската помеѓу брачните несогласувања и проблемите со однесувањето на децата.

Не постои „ген за кавга“

Можеби не постои „ген за кавга“, но гените навистина влијаат врз особините на личноста, вклучувајќи ги и оние што ги прават луѓето повеќе или помалку склони кон конфликти.

Според ова истражување, можно е гените вклучени во преземањето ризици и другите аспекти на асоцијалното однесување да ја зголемат веројатноста за родителски конфликт. Потоа, кога ќе се пренесат на нивните деца, тие ги прават поверојатни проблемите во однесувањето.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека ништо од ова не значи дека расправиите меѓу родителите не им штетат на децата. Дури и ако гените се поважни за долгорочни, сериозни проблеми во однесувањето, родителскиот конфликт ги вознемирува децата.

Дали е можно детето да се роди луто?

Според клиничкиот социјален работник Ејми Морин, одредени деца едноставно имаат помала толеранција на фрустрација од другите. Некои деца се чини дека се родени со „кратки нерви“. Тие се нетрпеливи, нетолерантни и целосно агресивни кога не се среќни. Корисно е да се препознае кога гневот на детето е толку надвор од контрола што целото семејство е засегнато и треба да побарате помош.

Не треба да се грижите премногу ако вашето бебе изгледа луто. Дури и новороденчето може да плаче од лутина ако се разбуди гладно и не го нахранат веднаш. Бебињата плачат затоа што треба да ги нахранат или да им ја променат пелената или затоа што се уморни или болни. А некои бебиња едноставно реагираат на светот понегативно и поинтензивно.

„Вистинскиот тантрум“ не е можен додека бебето не наполни 12 до 18 месеци. Некои бебиња плачат за да ја ослободат напнатоста или да го согорат вишокот енергија – а некои само треба да плачат за да заспијат.

Кое е нормалното ниво на бес по првата година?

Според Денис Суходолски, клинички психолог во Медицинскиот центар за проучување на децата на „Јеил“, „не е невообичаено дете под 4-годишна возраст да има дури девет бесни напади неделно, со епизоди на плачење, клоцање, газење, удирање и туркање кои траат 5 до 10 минути“.

Ако ваквото однесување не помине до периодот кога детето ќе тргне во градинка, или вашето дете продолжува да има напади на бес додека расте, предизвикувајќи дополнителни проблеми со врсниците, семејството или на училиште, тогаш можеби ќе сакате да размислите да побарате стручна помош.

Некои деца се раѓаат со помала емпатија

– Секогаш ќе има деца на кои е потешко да се биде родител. Иако не сакам да ги означам децата како „родени лоши“, мислам дека одредени деца се раѓаат со многу помала подложност на влијание – вели д-р Пат Спунгин, водечки британски детски психолог.

Затоа, психолозите признаваат дека постојат темпераментни разлики кај бебињата од раѓање. Дебатата за природата наспроти воспитувањето секогаш ќе постои, но треба да бидете свесни дека има деца кои се раѓаат со помала емпатија и разбирање и кои многу помалку се грижат за последиците од нивните постапки и ефекти врз другите луѓе.

Извор



912

X