Мојата ќерка има полусестра и полубрат. Не ми е лесно да пишувам за тоа. Голема е веројатноста дека ќе бидам погрешно толкувана или несфатена. Сепак, пишувам бидејќи ова мене ми е многу важна и болна тема. Зборував со пријателка чиј поранешен сопруг се ожени со сосетката и со неа доби дете. Нејзе сето тоа ѝ било во ред, неговата сосетка никогаш и не била нејзина, неговиот живот – негова работа. Но, нивната заедничка ќерка уште не се согласила да го запознае својот полубрат.

Детето на друга пријателка има полубрат, но поради нетрпеливоста на поранешната сопруга на татко ѝ, никогаш не го запознала. На третата, пак, ѝ биле потребни две години да го прифати фактот дека нејзините ќерки добиле сестра од таткото. Има многу вакви примери, но и такви каде што браќата и сестрите убаво се согласуваат без разлика дали имаат исти родители или не. Велат дека децата треба да се познаваат, да се дружат и сакаат. Секогаш ќе се имаат едни со други во животот, какви и да им се судбините и односите на нивните родители. Психолозите и социјалните работници инсистираат на воспоставување блиски врски помеѓу роднините. Сето тоа е многу убаво и е неоспорно точно. Но, јас би сакала некој еднаш да напише текст на тема:

Како им е на мајките чии деца имаат полубраќа и полусестри?

Еве како ми е на мене.

Тешко.

Мојата ќерка има полусестра и полубрат. Тоа се убави, мили и весели деца. Сите тројца добро се согласуваат и поминуваат време заедно. И тоа е одлично. Но, мојата прва асоцијација кога ќе ги видам е дека моето дете живее само со едниот родител и дека многу пати го посакала присуството на таткото, но не можела да го добие. Често помислувам на сето она што ѝ е скратено во животот и на евтината реченица која многу пати сум ја чула – „таква ѝ е судбината“.

Се сетив на една типична американска серија во која последната жена по ред ги прима и им помага на децата на својот сопруг – од претходните два брака. Во таа иста серија поранешните жени без никакво размислување доаѓаат во таа иста куќа и таа весела дружина функционира на сосема задоволувачки начин.

Многу би сакала животот да ми биде барем малку сличен на серијата. Но, не е. Можеби времето навистина го прави своето, можеби еден ден сите заедно весело ќе си разговараме, ќе пиеме кафе и ќе јадеме колачи, а јас искрено, од срце, ќе бидам среќна што моето дете не е единец и ќе има на кого да се потпре во животот.

Дотогаш, иако сите тие „други“ деца не се никако виновни за лошите односи на нивните родители и заслужуваат секогаш да бидат дочекани со насмевка и топла прегратка, помислата на нив во мене ќе буди тага. Можеби ова признание ме прави лоша личност. Животните искушенија ме научија да не ги кријам емоциите и работите да ги прикажувам онакви какви што се. Ништо не е идеално, ниту нашминкано. Нашите животи се несовршени, деновите оптоварени, а чувствата кревки.

Од голема радост до длабока тага, ниту еден ден не е сличен на претходниот, а никогаш не знам каков ќе биде следниот. Многу, многу би сакала да се чувствувам поинаку, да ги раширам рацете и да ги прегрнам сите тие мали луѓе, тие деца што станаа дел од нашиот живот, а ниту тие ниту ние не сме го барале тоа. Затоа, ако некој може да ми објасни како се прави тоа, како да се ослободам од стегите и да почнам да го гледам животот со други очи, би му била многу благодарна.

„Дневникот на една супермајка“



912

X