Според родителите, листите на чекање во скопските градинки се со повеќе од 200 деца кои би сакале да бидат запишани од септември
Најавите дека наставата од септември годинава ќе се одржува со физичко присуство на учениците ги отвори и прашањата за проширување на групите за деца кои ги посетуваат градинките.
Родителите велат дека бројот на деца што се опфатени во групите е мал. Имаат разбирање за надлежните во градинките за работата според протоколите за заштита од ковид-19, но исто така посочуваат и дека треба да се има разбирање за нивната состојба, односно дека тие немаат каде да ги остават на чување децата.
Родителите чекаат, градинките прават рангирање
Мајка на две деца од 2 и 10 години вели дека цело лето се обидува да го запише детето во градинка.
– Има најава дека постарото дете ќе оди во училиште со физичко присуство. Досега се снаоѓавме, со оглед на состојбата, но отсега не можеме повеќе. Се надеваме дека вработените во градинките ќе направат селекција при упис за оние родители што немаат можност повеќе да се снаоѓаат и да бараат алтернативни решенија за чување на децата – посочува мајката.
Според родителите, листите на чекање во скопските градинки се со над 200 деца кои би сакале да бидат запишани од септември.
Елена Устамитова, директорка на градинката „Буба Мара“ во скопски Аеродром, вели дека засега останува непроменета состојбата со бројот на децата во групите.
– Овој период ја разгледуваме состојбата во градинките, правиме рангирање на пријавените деца, ги контактираме родителите на пријавените деца на листите на чекање. Се надеваме дека од септември ќе ги преполовиме овие листи и дека ќе бидат задоволни сите. Сепак, по 15 септември повторно ќе направиме анализа колку деца од примените ќе ја посетуваат градинката, па ќе правиме конечна селекција за примање нови деца – посочува Устамитова.
Епидемиолошката состојба ќе го крои бројот во групите
Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, вели дека зависно од епидемиолошката состојба, ќе се преземаат мерки за намалување или за евентуално зголемување на бројот на деца што ќе бидат згрижени во градинките.
– Во групите до две години бројот на дечиња е 15, а во групите од две до шест години изнесува 20. Согласно епидемиолошката состојба, така и ќе ги креираме протоколите, односно ќе преземаме мерки за намалување или за евентуално зголемување на бројките. Поради годишните одмори, само околу 8.300 дечиња се присутни во градинките, а протоколот дозволува сместување на 25.600 дечиња -посочи таа.
Бројката на вакцинирани вработени во скопските градинки е повеќе од 65 отсто.
Според Шахпаска, за само 10 месеци се отворени 15 нови градинки, со што капацитетот е зголемен за 1.150 деца.
Очекува до крајот на оваа година да бидат отворени уште 10 нови детски градинки.
– Остануваме да работиме на крајната цел, а тоа е зголемување на процентот на опфат на деца во предучилишните установи на 60 отсто, односно дополнителни 7.500 деца во градинките – потенцира министерката.
912