Научниците сè повеќе дознаваат како здравјето на мајката влијае врз нејзиното дете, а најновите наоди покажуваат дека состојбата на усната шуплина на мајката може да игра улога во развојот и оштетувањето на млечните заби кај бебето.
Познато е дека мајките им пренесуваат антитела на своите деца, а новите истражувања покажуваат дека и бебињата оставаат делови од својата ДНК во организмот на мајката со години по раѓањето. Овие откритија поттикнаа подетални анализи за тоа што сè мајката може да му пренесе на своето бебе, особено во првите години од животот.
Истражување објавено во списанието „Плос уан“ опфатило 160 мајки и нивните деца во периодот од 2017 до 2020 година. Во текот на истражувањето биле земени осум примероци: за време на бременоста, при породувањето и во периодот додека детето наполнило две години. Научниците го секвенционирале геномот на микроорганизмите од примероците за да го детектираат присуството на габата кандида албиканс, која е поврзана со развојот на кариес.
Оваа габа е присутна во усната шуплина на многу здрави бебиња, но истражувањата покажуваат дека нејзиното зголемено присуство може да игра значајна улога во појавата на кариес во раното детство. Покрај тоа, оваа габа може да предизвика и инфекција позната како орална кандидоза.
Кога научниците ги споредиле количините на габата во устата на мајките и нивните бебиња, утврдиле силна врска меѓу мајките со насобран забен камен и бебињата кај кои била присутна оваа габа. Податоците покажале дека мајките со поголема количина забен камен имаат осумпати поголема веројатност да им ја пренесат оваа габа на своите деца во споредба со мајките со подобра орална хигиена.
Дополнително, кај 94 отсто од мајките и децата кај кои била пронајдена оваа габа, идентификуваните соеви биле генетски многу слични. Ова укажува дека постои директен пренос на габата од мајката на детето. Иако научниците сè уште не можат со сигурност да утврдат дали габата се пренесува директно од мајката на бебето, авторите на истражувањето сметаат дека изложеноста може да се случи при породувањето, преку контакт кожа на кожа или за време на доењето.
Научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди вистинскиот момент за превенција на раниот кариес. Но, додека не се добијат попрецизни податоци, тие препорачуваат бремените жени да посветат поголемо внимание на оралната хигиена.
Исто така, експертите потенцираат дека е неопходна поголема едукација за значењето на здравјето на усната шуплина како дел од пренаталните прегледи. Заштитата на забите не почнува кога на детето ќе му порасне првиот заб, туку многу порано, можеби уште пред да се роди.
912