Веста дека 13-годишно девојче од Брамптон, Онтарио, почина од ковид-19 во април ги загрижи родителите низ целиот свет: со новите варијанти на вирусот и третиот бран, дали треба да се зголеми загриженоста за ефектот на болеста врз децата?

Краткиот одговор е НЕ, вели Џереми Фридман, педијатар во детската болница во Торонто. „Не мислам дека родителите треба да бидат повеќе загрижени затоа што дури и со новите варијанти што се шират во Канада, сепак, е реткост да се случи дете да биде болно со тешка клиничка слика или да почине од ковид-19“. Тој додава дека иако во болницата сега повеќе се примаат пациенти заразени со вирусот отколку во претходните бранови, сепак, бројот на хоспитализирани деца е многу мал – од 4 до 5 во кое било време.

Колку деца биле болни од ковид-19?

До 30 април 2021 година, имало 219 илјади случаи на Ковид-19 кај лица од 18 години и помалку, што значи дека се работи за 18 проценти од целокупниот број случаи во Канада. Сепак, само 851 лице во оваа возрасна група, што е грубо околу 20 проценти од популацијата, биле хоспитализирани поради ковид-19 во Канада откако почнала пандемијата.

Извештај на „Лансет“ издаден во мај 2021 г. открива статистика на смртни случаи од 7 земји (САД, Велика Британија, Италија, Германија, Шпанија, Франција и Јужна Кореја) и открива дека имало 231 смртен случај поврзан со ковид-19 кај деца помеѓу март 2020 и февруари 2020, во комбинирана популација од 137 милиони луѓе, или 0,17 проценти за 100 илјади луѓе. Иако новите варијанти на вирусот се попреносливи и резултираат со повеќе случаи кај децата, уште еден извештај на „Лансет“, објавен во февруари годинава, покажува дека нема доказ за потешка форма на болеста кај децата во вториот бран во Англија, каде што преовладувала варијантата B.1.1.7.

Дали родителите треба да бидат повнимателни?

Додека тешката клиничка слика и фаталните исходи се малку присутни кај децата, тие сепак може да се заразат со вирусот, особено ако живеат во средина каде што има голема трансмисија на вирусот, или ако членовите на семејството имаат професии кои се многу изложени на ризик. Важно е да се следат препораките и да се следат симптомите кај децата доколку се јават.

Саба Мерчант, педијатар од детската клиника „Мејпл“ во Воган, Онтарио, вели дека е особено важно да се биде внимателен особено со децата што имаат други медицински состојби. Деца со прекумерна тежина, астма, како и оние што се прерано родени се на врвот од ризични групи. Тука спаѓаат и имунокомпромитирачките состојби, како рак, дијабетес, невролошки нарушувања, Даунов синдром и друго. Во тие случаи родителите треба да бидат повнимателни.

Како да знаете дека симптомите на детето се сериозни

Ако детето има ковид-19, со поголемиот дел од симптомите може да се справите дома. Обидете се да им овозможите на децата пријатен простор, давајте им многу течности и лек за болка или температура. „Првите 3 предупредувачки знаци, како борба за воздух (тешко дишење), недостиг на апетит и летаргија, се показател дека е потребна лекарска помош и можеби хоспитализација“, вели Мерчант. Тешкотија во дишењето подразбира или брзо дишење или мачење во земањето воздух. За помалите деца и сувите пелени се предупредувачки знак. Фридман додава дека интуицијата на родителите е многу моќна алатка. „Ако чувствувате дека нешто не е во ред со вашето дете, не треба да се двоумите да побарате медицинска помош“.

Сè додека повеќе возрасни не се вакцинираат и бројките не почнат да опаѓаат, најбезбедно е да се почитуваат препораките како досега: одржување физичка дистанца, носење маска и миење на рацете.

Автор: Алан Бритнел

Извор



912

X