Изладувањето во текот на летото може да изгледа малку поинаку во ера на пандемија, па многу луѓе се прашуваат дали коронавирусот може да остане активен во вода во базен?

Нема доказ дека новиот коронавирус може да се рашири кај луѓето преку водата во базените, топлите бањи, водените површини, според центрите за контрола на заразни болести и превенција. Соодветното одржување на хигиената на овие места, како и дезинфекцијата со хлор и бромин, би требало да го „деактивира вирусот“ во водата. Но, друга грижа е да се биде опколен со луѓе покрај базените.

– Поголем проблем е тоа што ќе треба да се пресоблекувате во заеднички соби, а луѓето често го допираат лицето и потоа можеби кваките на вратите и слично. Ако одите на базен летово, често мијте ги рацете пред да пливате во базенот и откако ќе излезете од него. И скокањето во базен често подразбира допирање на површините што ги користат и други лица. Па, се препорачува задолжително миење на рацете по излегување од базенот – вели д-р Мајкл Исон, инфектолог од Чикаго.

Се разбира, многу јавни базени можно е да не се отворат наскоро, па сето тоа зависи од политиките на локално ниво. Се поставуваат клучни прашања во врска со одењето на базените:

1. Што ќе се направи во врска со чистењето и дезинфекцијата на базените?
2. Како ќе се зајакне социјалната дистанца?
3. Што ќе се стори ако некој од присутните биде позитивен?
4. Како ќе се знае дека децата се безбедни?

– Социјалната дистанца ќе се практикува летово за да се осигуриме дека ќе се заштитиме – вели д-р Дебора Брикс, координатор на кризниот штаб за коронавирусот во Белата куќа во САД. Плажите се грижа од друга причина, иако има доволно простор за да се одржува социјалното дистанцирање.

– Треба да запомните дека на плажа, ако поминувате повеќе време таму, вие всушност повеќе се социјализирате. Некои луѓе консумираат алкохол, па кога пиете, лесно е да кажете: „Ќе одам само накратко да го прегрнам пријателот, сè ќе биде во ред. Тоа е грижа што ја споменуваат низа експерти, бидејќи на тој начин вирусот може полесно да се шири – велат експертите.

Пливање во отворена водна површина

Чарлс Герба, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот „Аризона“ во Тусон, изјавил дека патогените вируси имаат пократко време за преживување во солена вода, па може да се очекува истото и за коронавирусот.

– Пливањето во површинските води што не се дезинфицирани може да биде проблем ако луѓето го исфрлаат вирусот во водата. Веројатно е добра идеја да се одржува социјална дистанца и кога се плива  – вели Герба. Други експерти веруваат дека има многу мал ризик од зараза поради големата количина вода.

– Поради текот на водата и количината на разредувањето во поголема водена површина, како езеро или река, вирусот не би требало да нè загрижува – вели Роберта Лавин, професор на Универзитетот во Тенеси.

Моменталните грижи за коронавирусот се потсетник на епидемијата од полио, која ги испразни базените во почетокот на 20 век, сè додека студиите не покажаа дека хлорот го деактивира вирусот. Заклучок: Нема доказ дека некој добил Ковид-19 преку пиење вода, рекреациска или отпадна вода, велат од Центарот за контрола на заразни болести и превенција во САД, забележувајќи дека ризикот од трансмисија на коронавирусот преку вода се очекува да биде низок. Едноставно држете дистанца од другите луѓе.

Автор: А. Павловски

Извор



912

X