Шеќерот често се обвинува за разни здравствени проблеми и проблеми во однесувањето, особено кога станува збор за хиперактивност кај децата. Многу родители веруваат дека прекумерното консумирање шеќер ги прави нивните деца хиперактивни, но дали има некоја научна вистина зад оваа идеја?
Што е хиперактивност?
Иако децата се природно поактивни, хиперактивноста вклучува прекумерно движење, менување позиции и импулсивност, што често се поврзува со нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание (АДХД).
Дали шеќерот може да предизвика хиперактивност?
Идејата дека шеќерот предизвикува хиперактивност кај децата постои со децении, а се здоби со популарност откако едно истражување во 70-тите години сугерираше дека отстранувањето на шеќерот од исхраната на детето може да ја намали хиперактивноста.
Оваа теорија беше поддржана со неколку книги од авторите Џон Јудкин Пјур, и д-р Бенџамин Феинголд, кои ги поврзале шеќерот и адитивите во храната со проблемите во однесувањето кај децата и возрасните. Меѓутоа, подоцнежните научни истражувања не успеаја да докажат јасна врска помеѓу шеќерот и хиперактивноста и честопати даваа неубедливи резултати.
Уште во 1995 година метаанализа на 23 истражувања покажа дека не постои корелација помеѓу шеќерот и однесувањето или когнитивните способности на децата. Истражувачите откриле дека шеќерот не влијае врз однесувањето на децата или врз когнитивните способности. Сепак, митот опстојува. Зошто?
На детска забава, глетката на деца кои јадат бонбони, трчаат и прават врева може да изгледа како хиперактивно однесување. Сепак, други фактори како возбуда, социјална интеракција и пауза од вообичаената рутина можат подобро да го објаснат нивното енергично однесување отколку самиот шеќер.
Родителите што очекуваат шеќерот да предизвика хиперактивност веројатно ќе ги припишат сите промени во однесувањето на нивните деца на шеќерот, што дополнително го поттикнува овој мит.
Како влијае шеќерот врз телото?
Шеќерот може да има различни ефекти врз телото, во зависност од видот. Природните шеќери присутни во овошјето и во млечните производи се дел од балансирана исхрана, додека рафинираните шеќери во слатките и засладените пијалаци можат да придонесат за нездрави калории.
Прекумерното консумирање рафиниран шеќер е поврзано со здравствени проблеми како што се дебелина и дијабетес тип 2. Светската здравствена организација советува дека внесот на шеќер треба да е помал од 10 отсто од дневниот внес на енергија за да се намали ризикот од овие здравствени проблеми.
Привремени ефекти на шеќерот
Иако шеќерот не може директно да предизвика хиперактивност, може да доведе до привремени промени во расположението и енергијата. Јадењето храна со висок гликемиски индекс предизвикува зголемување на нивото на шеќер во крвта, што е поврзано со краткорочно зголемување на серотонин (поврзан со среќата) и допамин (поврзан со задоволство).
Ова може да ги направи децата и возрасните повозбудени, но овие ефекти се краткотрајни, проследени со пад на шеќерот во крвта, што може да направи да се чувствувате уморни или раздразливи.
Долгорочни ефекти од прекумерно внесување шеќер
Прекумерното внесување шеќер може да има долгорочни здравствени последици, вклучувајќи дебелина, проблеми со забите и зголемен ризик од дијабетес тип 2 и хипертензија. Исто така, исхраната богата со благи работи и сиромашна со хранливи материи може да ги оштети когнитивните способности, а истражувањата ја поврзуваат исхраната богата со шеќер со падот на когнитивните функции.
Исто така, исхраната богата со рафиниран шеќер и масти може да го зголеми ризикот од АДХД, иако научните докази сè уште се неубедливи.
912