Многу родители се нашле во ситуација да викаат пред своите деца или кажале неубави зборови во лутина, при стрес. Но, ова секако не мора да значи дека е злоупотребување. Емоционалната и психолошка злоупотреба врз децата е секое однесување, говор и постапки од страна на родителите, старатели или други значајни личности во животот на детето кои се повторуваат и имаат негативно влијание врз менталниот развој на детето

Иако навидум невидливо во однос на другите облици на насилство, емоционалното насилство се случува многу често и е еднакво опасно како и сите други облици со оглед на тоа колку негативни и штетни последици остава врз психичкиот развој на детето. Значи емоционалната злоупотреба може многу сериозно да го оштети менталното здравје на детето и неговиот развој, а лузните, особено психолошките, може да останат во текот на целиот живот.

Бидејќи семејството има најголемо влијание во формирањето на личноста и карактерот на детето, како и на неговиот целокупен развој, многу е важно во него да преовладуваат добри меѓусебни односи, меѓусебно почитување и поддржување. Спротивно на тоа, лошите меѓусебни односи во семејството негативно влијаат врз детскиот развој.

Постоењето на емоционална злоупотреба во семејството остава многу негативни последици врз развојот на детето.

Што подразбираме под емоционална злоупотреба?

Емоционална и психолошка злоупотреба врз децата е секое однесување, говор и постапки од страна на родителите, старатели или други значајни личности во животот на детето кои имаат негативно влијание врз менталниот развој на детето. Таквото однесување го нарушува детскиот емоционален развој и неговото чувство на самопочит.

Широк е спектарот на начини на емоционална злоупотреба: кога детето се запоставува, кога не се води грижа за него, не се поттикнува неговиот развој, не се следат потребите на детето, се исмејува и постојано се критикува, се отфрла, се игнорира, се присилува да игра игри од кои се плаши, се спречува да се приврзува со други луѓе од негово опкружување, се казнува постојано.
Кога детето е сведок на физичка или емоционална злоупотреба на друго лице, исто така е емоционална злоупотреба. Кога адолесцентот се третира како незрело дете, тоа исто така е емоционална злоупотреба.

Постојаното нагласување на очекувањата од детето од страна на родителите и изразување незадоволство од детето, одбивање да му се помогне, вклучување во активности кои не се соодветни за возраста на детето и неговите способности поради задоволување на личните желби и очекувања на родителот е начин на емоционална злоупотреба.

Многу често во практиката има ситуации кога со детето се манипулира, особено при процесот на развод, па постои забрана за комуникација и контакт со другиот родител, намерно рушење на позитивната слика за другиот родител, зборувајќи му на детето лажни и негативни работи за мајката или таткото – и тоа е емоционална злоупотреба.

Борјана Јанакиева-Заева, лиценциран психолог

Што се случува кај децата што биле жртви на емоционално насилство?

Децата врз кои во детството е вршено емоционално насилство тешко остваруваат позитивни социјални контакти. Сето препишување на лоши особини на детето, неговото незабележување од страна на родителите, ставот дека се главен извор на тешкотии во семејството и слично се причини децата да живеат во незадоволство и со сета сила да се грижат за родителите наместо времето да го трошат на безгрижно уживање во детството. Тие деца понатаму избегнуваат да даваат емоционални одговори, може да се агресивни, да се повлекуваат и имаат неуспех во училиштето. Тие деца имаат тешкотии во остварувањето односи, во интелектуалниот развој и различни проблеми во однесувањето. Имаат поголем ризик да развијат депресија, тешкотии во учењето, недостиг на концентрација, напнатост, вознемиреност, чувство на незадоволство, како и здравствени тешкотии кои се гледаат преку зачестени психосоматски симптоми, како и автодеструктивно однесување, бес, негативизам, зависност од возрасни, ниска социјална компетенција.

Многу родители се нашле во ситуација да викаат пред своите деца или кажале неубави зборови во лутина, при стрес. Но, ова секако не е злоупотребување. Порака е дека во такви стресни ситуации сепак треба да се размисли, особено ако ги има почесто или ако стресот трае подолго време, да се побара поддршка и помош од стручно лице. Особено ако постои загриженост за таквото однесување.

Постојаното нагласување на очекувањата од детето од страна на родителите и изразување незадоволство од детето, одбивање да му се помогне, вклучување во активности кои не се соодветни за возраста на детето и неговите способности поради задоволување на личните желби и очекувања на родителот е начин на емоционална злоупотреба

Бидејќи родителството е голем предизвик, неопходно е да се побараат и искористат сите ресурси што би помогнале справувањето да се одвива најдобро што може.
Вклучување во програми за позитивно родителство и зајакнување на емоционалната компетентност како родители е само еден пример како може да се направи промена заради превенција од емоционална злоупотреба.

Автор: Борјана Јанакиева Заева, лиценциран психолог при Комора на психолози

Текстот е подготвен во рамките на програмата на Денови на психологија 2019: Ајде да зборуваме за видливото и НЕвидливото насилство.

Деца.мк е поддржувач на Денови на психологијата 2019, организирани од Комора на психолози.



912

X