Доколку на градинката гледате само како на сервис за чување деца, во голема заблуда сте. Градинката претставува сериозна подготовка за животот, вклучувајќи ги социјализацијата на децата, создавањето работни навики, како и прв чекор за вклучување во колектив.

Факт е дека периодот на навикнување на детето на градинка може да биде прилично стресен и болен како за детето така и за родителите. Доколку ги немате тие проблеми, навистина треба да бидете среќни.
Родителите што секое утро се соочуваат со река детски солзи, знаат колку тежок процес е привикнувањето. Во продолжение на текстот е дадено објаснување како најдобро и најбезболно да се надмине тој период.


На детето му се потребни други деца

Во нашата средина владее мислење дека детето не треба да оди во градинка доколку има кој да го чува. Најчесто тоа се баби и дедовци, иако има и ситуации кога родителите работат во спротивни смени, па наоѓаат секакви можни начини за да му бидат подредени на детето, наместо да го запишат во градинка. Родителите сметаат дека со тоа што детето не оди во градинка, го прават најдоброто за него, што воопшто не е точно. Ова, се разбира, не се однесува на бебињата, туку на децата кои веќе наполниле 3 години и навистина копнеат по дисциплина, друштво, припаѓање. Најчестиот изговор на родителите за незапишување на детето во градинка е: „Во градинка е постојано болно, затоа е подобро да биде дома“.


Да, сигурно ќе се случи детето да биде почесто настинато, но тоа е сосема нормално. Замислете некој да ви препорача да тргнете на фитнес за да бидете поздрави и посилни. Вие одите еднаш, добивате воспаление на мускулите и решавате да се откажете бидејќи – за да ги зајакнете мускулите, морате прво да ве болат. Исто е и со имунитетот. За да се зајакне, морате малку да му зададете работа. Од друга страна, децата што не одат во градинка, голем дел од времето го поминуваат пред ТВ, во поново време над телефон и скратено им е друштвото од врсниците.


Градинката е место каде што децата се осамостојуваат

Градинката е воспитно-образовна установа во која детето поминува време во друштвото на врсниците и под соодветен надзор. Тоа никако не е сервис за чување деца како што многумина погрешно мислат. Во градинка децата постојано се осамостојуваат во зависност од возраста. Во постарите групи – преку разни игри ги развиваат креативноста и фантазијата. Исто така, се ослободуваат од стравот од јавен настап благодарение на многубројните приредби, што е многу важно за подоцна. Во претшколскиот период на интересен и креативен начин се подготвуваат за училиште.


Предноста на растењето со врсници

Детето во градинка ќе се научи на дисциплина, одговорност, ќе развие креативност, ќе ја зајакне самодовербата и што е најважно – ќе се почувствува како дел од колектив. За интелектуалниот и емоционален развој на детето од огромна важност е играта со врсниците. Психолозите тврдат дека детството во градинка е најдобар модел на социјален развој. Со оглед на тоа дека децата ги стекнуваат првите другари во градинка, подоцна во текот на животот полесно ќе стекнуваат пријателства и ќе успеваат да изградат стабилни односи. Освен тоа што се поврзани со еднакви на себе, децата уште во градинка формираат свест дека секој од нив е поединец во друштвото. Сите правила што важат во градинка се всушност упростен модел на општествениот систем. Во градинка децата учат важни правила и што е многу важно – уживаат во играта.


Кога е најдобро време детето да тргне во градинка?


Според мислењето на психолозите, најдобро време за тргнување во градинка е со ненавршени 3 години. Потребен е период на адаптација на градинката, така што морате да бидете подготвени на тоа и да се вооружите со трпение. За детето да се приспособи што подобро, времето поминато во градинка треба постепено да се продолжува. Во првите денови кога ќе тргне во градинка, детето најпрво останува еден час или два во групата. Подоцна престојот се продолжува до пладневното спиење, а веќе по неколку дена ќе останува подолго. Со ваквото темпо детето ќе се навикне на градинката за приближно еден месец. Се разбира, практиката покажува дека тој период на адаптација често е значително пократок (некогаш и подолг), но тоа зависи од детето и од неговиот темперамент.


Детето мора да биде сигурно дека ќе дојдете по него


Задача на родителите е да зборуваат со детето за одењето во градинка, кажувајќи му дека таму има многу деца со кои ќе се дружи. За воспитувачките треба да се зборува како за прекрасни тетки кои се грижат за нив. А што е најважно, морате на детето константно да му повторувате дека ќе дојдете по него кога ќе завршите со работа. Не заборавајте дека стравот од оставање е многу изразен кај малите деца. Почитувајте го договорот. Доколку сте му ветиле на детето дека ќе дојдете по него пред спиење, задолжително направете го тоа. Децата што имаат близок однос со родителите, однос полн со нежности и топлина, многу полесно се адаптираат на градинката во споредба со децата што живеат во опкружување во кое не се исполнуваат дадените ветувања.

Најважно е да сфатите дека градинката не е место за чување на децата и дека не смеете да си дозволите да ги плашите децата со одењето во градинка.

Градинката е место во кое децата се подготвуваат за живот. Во градинката детето првпат ќе биде во ситуација да решава конфликтни ситуации без помош на родителите, но под будно око на воспитувачите. Исто така, градинката е место каде што детето меѓу непознати деца ќе бара слични на себе. Вистина е дека детето во градинка повеќе ќе биде изложено на конфликти и расправии отколку во кое било познато опкружување каде што го чуваат баби и дедовци. Исто така, ќе биде повеќе изложено на вируси, но тоа е природен тек додека детето не стекне имунитет.

Иако, исто така, детето во градинка ќе научи да се вклопи во колектив, да се избори за себе, да ја зајакне самодовербата, а воедно да го зајакне и имунитетот. Престојот во градинка ќе го научи детето дека семејството е оаза на љубовта и топлината, но дека дружењето и престојот во група со врсниците се неопходни за правилно формирање на личноста.

Така што, доколку некогаш сте помислиле дека градинката е место за чување деца, во голема заблуда сте.

Градинката е многу сериозна подготовка за животот.

Автор: Славица Бијелиќ

Извор



912

X