Беше средина на март, моите две мали деца веќе врескаа за вечера, која беше далеку од подготвена. Пред да земам длабок здив, почувствував како градите ми се стеснуваат, образи се црвенеат, а солзите почнуваат да течат. Да се биде заробен во стан од 70-ина квадрати, веќе на сите почна да ни оди на нерви и иако вообичаено не плачам пред моите деца, овој пат емоцијата ме надвладеа.

Подоцна, кога децата веќе беа в кревет, имав време да размислам за стресниот ден и се прашував: „Дали е лошо да плачам пред децата? Дали моето отворено покажување на емоциите им наштетува?“

За среќа, одговорот на овие прашање е – НЕ, вели Бет Праудфут, едукатор за родители од Сан Хозе, Калифорнија, која има повеќе од 35 години искуство во советување на семејства и деца.

– Вистина е дека родителите треба да обезбедат поддршка за своите деца. Но, и возрасните имаат емоции. Нема потреба емоциите да се кријат. Плус, 2020 година се квалификува како една од најтешките години на емоционален план. Во ера на Ковид-19, родителите, особено мајките, беа растргнати на сите страни – работење од дома, грижа за децата, менаџирање на онлајн-учењето и завршување на домашните обврски. Некои дури се бореле и со загуба на сакано лице, лошо здравје или финансиски грижи.

Се разбира дека има и други причини за плачење кои не се поврзани со тага или фрустрација. Пред неколку месеци го замислував моето второ дете како новороденче и… водопад! Дали сум само јас, или гледањето филмови на „Холмарк“ подразбира многу повеќе марамчиња од порано?

Со плачењето се олеснуваат и физичката и емоционалната болка

Бред Репке, советник за здравје од Мичиген, не плачел секогаш отворено пред своите деца. Наместо тоа, ги потиснувал и ги игнорирал своите емоции. Но, терапијата и искуството од татковството му овозможиле да стапне подлабоко во тој чувствителен дел од себеси. Сега дискутирањето за емоционалните теми е исто толку важно како и играњето игри и риболов со неговите деца, како и почитта и напорната работа. Тој им вели: „Ако имате потреба да пуштите неколку солзи, тоа е во ред“. И Бред го охрабрува својот син да ги изразува своите чувства на начин на кој и самиот Бред го прави тоа, се разбира, на начин на кој се чувствува пријатно. „Сакам да разбере дека плачењето е сосема во ред и дека всушност прави да се чувствуваме подобро“, вели Бред. Во право е – плачењето ослободува окситоцин и ендорфин, па со тоа се олеснуваат физичката и емоционалната болка.

Експертите со кои разговарав велат дека колку повеќе децата ги гледаат возрасните во нивниот живот како плачат и изразуваат емоции, толку помалку стигматизирани стануваат солзите во нивните очи. Ова се неколку водечки насоки што ги сфатив:

Кажете им на децата дека не е нивна вина кога вие плачете – Децата, особено помладите, се егоцентрични. Ќе мислат дека тие ве растажиле ако ве видат како плачете – освен ако не ја објасните вистинската причина.

Праудфут препорачува тврдења како: „Плачам бидејќи сум тажна што Флафи умре. Но, ќе бидам во ред и ќе му се јавам на мојот пријател подоцна за да зборувам за тоа“.

Изабел Баскон, која работи во градинка во Мадрид, има сличен совет. „Бидете едноставни во тврдењата за децата да може да ги разберат. На пример: – Ми недостига мојот пријател или – Работите не излегоа како што сакав“.

Објаснете ги своите чувства – Дајте им до знаење на децата дека плачете зашто сте тажни, среќни, лути, фрустрирани или трогнати. Колку побрзо може да ги идентификуваат и сопствените емоции, толку подобро. „Целта како родители треба да биде да претставуваме модел за децата за соодветно изразување на емоции. Тоа значи да не ги криете солзите, но и децата да не бидат предмет на екстремна лутина или тага“.

Најдете утеха на друго место – Во ред е ако ги прегрнете децата додека плачете, тоа покажува дека имате емпатија. Но, некои родители запаѓаат во неволја ако секогаш очекуваат нивните деца да бидат нивната утеха – вели Праудфут. Детето може да почне да го чувствува тоа како товар – да треба да направи да му биде подобро на родителот. „Оваа улога е обратна и не е во ред. Родителите ги тешат децата, а не обратно“.

Смејте се низ солзите – Ако детето навистина ви понуди утеха, гушнете го и дајте му до знаење дека сте во ред и дека имате други возрасни околу вас за да ве поддржат. Минатата недела, по стресен ден, чувствував слична сензација во градите и ја „поздравив“ со хумор. Солзите дојдоа, но овој пат наместо да се борам со тоа чувство, јас му пристапив со хумор.

„Знам, сега повторно ќе дојде водопадот. Не грижете се, сега ќе ја исклучам славината!“, им реков.

Автор: Мириам Фоли

Извор



912

X