Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка веќе еден месец таа дава отпор да влезе во градинката, односно кажува дека сака да биде цело време со мене. Кога ќе ја прашам дали има некој проблем, дали учителките и децата се однесуваат убаво со неа, вели да. Наутро дома не прави проблем, станува, се облекува, но штом ќе стигнеме пред вратата, не сака да влезе и бара да се гушка со мене и да биде цел ден со мене. Неколку пати ја оставив плачејќи, но имам грижа на совест, не се чувствувам пријатно и не знам дали е тоа исправно. Кога ја земам од градинка кажува дека убаво си поминала и дека следниот ден нема да прави проблем за влегување, но истото се повторува. Прашањето ми е следно: Дали е во ред да се остава детето во градинка и кога дава отпор и кога плаче? Дали можеби е подобро овој период да не оди во градинка, да ја чува баба ѝ, па следниот месец да пробаме пак? Не знам како да постапам, не знам што е најдоброто решение за мојата ќерка во моментов.

ОДГОВОР: Секој родител има природен инстинкт да го заштити и негува своето дете. Сака да го заштити од повреди, физички и емоционални, и да му овозможи најдобар можен почеток и приспсобување на сите животни промени.
Имајќи огромна љубов кон своето дете, секој родител сака да го гледа среќно, весело, со многу позитивни искуства и со избегнување на непотребните тешкотии. Поради тоа, доста често децата добиваат многу наклонетост, внимание, материјални добра како начин да се покаже и изрази љубовта кон нив. Исто така, често родителите се однесуваат премногу заштитнички, осигурувајќи им на децата сѐ што им е потребно за да се чувствуваат сигурно и заштитено од потенцијални опасности.

Но колку и да сакаме да ги заштитиме децата од нивните развојни предизвици, не можеме да ги заштитиме целосно од разочарувањата и неуспесите. Тие како и сите убави и добри работи се дел од животот и развојот на секое дете, и се многу добредојдени бидејќи со нив децата развиваат отпорност и вештини како најдобро да се носат понатаму во животот.

Промената во градинка секако дека може да ја поттикне несигурноста кај детето, постои период на привикнување на децата со новите воспитувачки, а и на воспитувачките со нив.

На вашето девојче му е убаво во градинка, така ви вели секогаш кога се враќа дома, а самото разделување некако звучи како галење пред разделба. Нема потреба да правите паузи и да не продолжува да оди. Ве разбирам дека се чувствувате вознемирено, непријатно и тажно кога ја оставате расплакана, но треба да знаете дека тоа е добро за неа и дека сѐ е во ред. Вашата природна потреба е да имате целосен увид како ѝ е во градинката, но таа треба да е со другарчињата, со игрите, со сите работи што ги учат таму, а и треба полека да се одделува од вас. Ќе треба да го истрпите плачењето и постојано лепење за вас, да ѝ кажете дека ќе дојдете навреме и бидете доследни на вашиот договор. Останете смирени и стабилни за да ѝ покажете дека верувате во нејзината способност да се справи со разделбата и дека имате доверба во неа. Доста често децата ги пресликуваат емоциите на родителите, а со време овие ситуации сѐ поретко ќе се појавуваат.
Би било добро доколку сака да земе со себе некоја играчка која ѝ е омилена. Создајте рутина за до гледање/збогум – нешто што ќе биде само ваше, некој поздрав или фраза, да биде кратко и постојано да ја употербувате.

Разговарајте кога ќе ја земете и фокусирајте се на забавните активности, на другарчињата и игрите. Разговарајте за нејзините чувства и искуства во градинка, во исто време охрабрете ја да ги изрази своите грижи или стравови, но бидете претпазливи да не забележи дека ја сожалувате или дека сте тажни. Со слушање и признавање на нејзините емоции, можете да ѝ помогнете да се чувствува разбрано и поддржано. Таа во вас бара сигурност, прашувајте ја што би можела да направи, а потоа и вие дајте некоја идеја како: „А дали би можело да…“, „Што мислиш за…“
Не сите мали „проблеми“ ќе можеме да им ги решаваме на децата. Би било добро понекогаш да ги оставаме сами да се снаоѓаат и изборат, секако со наша помош и водство.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X