Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам близначиња на возраст од 15 месеци, и двете се машки. Дали е подобро да функционираат независно едно од друго, т.е. кога едното е болно, другото да посетува градинка или да бидат постојано едно покрај друго (едното има сипаници и седи дома, а другото оди во градинка и било многу тажно).


ОДГОВОР: Почитувана мајка, воспитувањето близнаци носи многу олеснителни околности, но и предизвици кои честопати создаваат заблуда во донесувањето на воспитните одлуки. За воспитувањето близнаци се поврзуваат и многу стереотипи кои некогаш го отежнуваат овој процес. Како родители, веројатно често ви се случува да ви биде тешко истовремено еднакво, но и доволно да му се посветите на секое од нив. Токму поради тоа, тие брзо се навикнуваат да чекаат, поради што развиваат карактерни црти како трпеливост, толерантност, чувство за туѓите потреби итн.

Она што е најважно за близнаците е дека секое дете треба да развие единствено чувство и слика за себе и притоа да има слобода да одлучи како би сакало да се развива и што би сакало да биде. Тоа значи дека секое дете треба да го воспитувате како засебна индивидуа и единствено во својот личносен систем, а не како дел од близначки пар. Треба да знаете дека не треба да си ја трошите енергијата за да им обезбедите рамноправно детство токму поради тоа што секое од нив има засебни потреби, свој емоционален склоп и сензибилитет, како и темперамент кој ја одредува неговата активност. Доколку го почитувате ова, вие паралелно работите и на нивната самодоверба, што подразбира да не правите споредби меѓу нив како на пример: „Види го брат ти како може, ти не можеш, брат ти јаде, ти не јадеш“ итн. Јасно истакнувајте ги добрите особини на секое дете поединечно. Не критикувајте го едниот близнак доколку не може нешто да направи, а другиот истото го може.

Учете ги меѓусебно да се прифаќаат како различни и засебни личности. На тој начин создавате хармонија, а не натпревар. Охрабрувајте ги да си ги пронајдат сопствените способности, интереси и пријатели, стимулирајте договарање и преговарање.

Развивајте соработка, а не ривалство.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X