Секој месец постои период кога не сте свои. И знаете дека не мислите ништо лошо, но хормоните во одредена фаза од циклусот едноставно предизвикуваат многу промени во расположението кај некои (читај: многу) жени. Подоцна во животот тука е и предменопаузата. Па настануваат слични проблеми. А потоа и менопаузата, која не отстапува многу од истите симптоми. Па, дали жените имаат мир барем во некој период – на пример, во бременоста? Не, секако дека не.

Хормоните можат да ја претворат бременоста во, како што велат Американците, „емотивен ролеркостер“. На жените тоа чувство нема да им биде непознато, но дека баш ни треба за време на бременоста – не ни треба. Понекогаш ќе плачете, понекогаш ќе се чувствувате безнадежно, понекогаш ќе бидете лути, а понекогаш дури и бесни. И сето тоа, дури и за време на бременоста, е нормално. Еве што треба да знаете во врска со тоа.

Зошто толку лесно се лутат трудниците?

Зошто некои трудници се разгоруваат и се лутат толку лесно? Па, хормоните се делумно виновни за тоа, но не целосно. Експертите веруваат дека хормоните играат некаква улога, но сè уште нема убедливи медицински податоци за тоа. Една од причините може да биде акумулацијата на разни проблеми и непријатности во текот на бременоста. Во првите месеци некои жени чувствуваат мачнина, замор, имаат чувствителни гради, кај нив постои страв дека нешто може да тргне наопаку…

Како што поминува времето, доаѓа до несоница, поголем притисок врз цревата и мочниот меур и чувство на зголемена топлина… Јасно ви е за што зборуваме. Дури и додека го читате сето ова, се чувствувате непријатно. Па, тогаш полесно ќе разберете зошто чувствувате лутина во текот на бременоста.

Исто така, постои силна врска помеѓу депресијата и гневот, велат експертите. Луѓето што не го изразуваат својот гнев надворешно, односно го „голтаат“ гневот, се посклони кон депресија, што не е воопшто добро. Ако сте бремени и забележувате дека често сте лути, пробајте ги следните тактики:

Свртете се и заминете

Избегнувајте расправии од кои само ќе ви зоврие крвта и кои буквално ќе ве збеснат. Кажете му на лицето од другата страна дека се чувствувате ранливо и не би сакале да разговарате за проблемот. Потоа одвојте половина час за себе и прошетајте – низ домот, низ канцеларија, каде и да се случила дискусијата.

Останете активни

Пливање, пешачење, градинарство… Редовното вежбање може да ви помогне да го задржите целиот тој затворен гнев под контрола и истовремено да се олесни физичката непријатност.

Запишете го тоа што го чувствувате

Изнесувањето на вашите чувства и нивното ставање на хартија може да биде многу катарзично искуство. Можете да го направите ова преку записи во дневник, преку пишување песни или со екстремно груби писма што никогаш нема да ги испратите никому.

Направете пауза за менталното здравје

Без разлика дали тоа е слободен ден од работа или кратко бегство од децата, разгалете се себеси: одете на третман за лицето, направете фризура, гледајте филм, купете пар чевли, излезете на пијалак со пријател.

Побарајте стручна помош

Ако чувствувате дека гневот ви го отежнува функционирањето, ако ви се чини дека не треба да биде така, можеби е време да размислите за разговор со терапевт. Важно е да научите да се справувате со гневот воопшто, а и да се справувате со него во текот на бременоста, се разбира доколку ви се чини дека тоа не е привремена работа. Бидејќи ако го оставите решавањето на тој проблем за подоцна, многу повеќе ќе бидете изложени на можноста да заболите од постпородилна депресија.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X