Се подразбира дека секоја нормална личност во модерното општество мора да има деца! И општеството тоа мора да ѝ го овозможи! Но, можеби тоа не е најдобриот избор за секого…, пишува Михаел Шанко, уредник на порталот modernoroditeljstvo.com, татко на 4 деца.

Длабоко во себе многу луѓе можеби не сакаат да имаат деца. Но, секако, се чувствува огромен притисок од општеството кој поттикнува на размножување. По неколку години врска, секој пар неминовно ќе се соочи со многубројни прашања кога мислат да имаат деца? И со осуда дека со нив нешто сигурно не е во ред (морално или физички) ако не покажуваат интерес за размножување…

Но, ако застанеме и размислиме на момент – општеството кое вистински сака деца сфаќа дека најдобро што можеме да направиме за нив е токму спротивното – да се реши од идејата дека секоја возрасна личност мора да има деца! Развиеното општество би требало еднакво да ги цени луѓето што имаат деца и оние што ги немаат!

И најмногу вистински ги цениме децата – родени или неродени – кога ќе прифатиме дека родителството никогаш не би требало да биде наметнат избор. Ако сакаме луѓето да имаат среќен брак, мораме да прифатиме дека е во ред да се има деца, еднакво како и да се нема.

Ако не сме патувале…

Ако уште не знаеме што сакаме во животот…

Ако имаме проблем да одржиме долготрајна врска и да останеме пријатели по раскинувањето…

Ако сакаме сите да ни угодуваат…

Ако сме 100 проценти посветени на работата…
Ако само сакаме да станеме успешни и славни…

Ако не сакаме да слушаме…

Ако ни е проблем да останеме мирни…

Ако уште ги носиме товарите на сопственото детство…

…тогаш мораме да се запрашаме дали всушност сакаме сега да имаме деца.

Некои од најголемите гении на светот не биле добри родители. И оние најголемите меѓу нив се свесни за тоа. Во подобро организирано општество добар дел од луѓето, можеби и повеќето, не би имале деца. Тие би сметале дека животот без деца доволно ги исполнува со радост. Кога би ја почувствувале потребата да имаат деца, општеството би им овозможило да поминат некое време со деца, без притисок дека и тие самите мора да ги имаат.

Оние што вистински сакаат да имаат деца, така би биле набљудувани како во старите времиња, како малцинство кое ги оставило сите задоволства во животот зад себе за да станат свештеници или калуѓерки. Би се воодушевувале на нивната посветеност, додека потајно би прашувале која е цената на нивниот избор…

На сликата на швајцарскиот уметник Фердинанд Ходлер детето ѝ седи во скут на мајката. Таа внимателно меша нешто во шолја, веројатно топло млеко. Оној што некогаш бил во таа ситуација инстинктивно го знае тоа чувство – колку е приближно тешко тоа дете, колку е удобно да се држи во својот скут, колку му е мека и свилена косата, за заштитнички да се држи прегрнато и сигурно, па и колку е убаво да се види нивната вистинска фасцинација од едноставните работи, како обична шолја полна со млеко и малите лажички.

Но родител би знаел многу повеќе од тоа.

Колку се ретки таквите моменти на мир и спокој?

Колку време им требало да ги облечат и избањаат?

Колку било луто детето кога се обиделе да му облечат чевли?

Колку време ќе помине додека повторно не треба да се промени пелената?

Колку често и колку долго врескаат во текот на денот?

Колку малку благодарност покажуваат за нашата напорна работа и труд?

И конечно – колку замор (а често и очај) чувствуваме пред спиење?

Светот не е несреќен поради децата што сè уште не се родиле. Но, болката е голема поради децата кои живеат без никој да им ги даде љубовта и заштитата што ја заслужуваат. Можеме да преживееме и со помалку деца.

Но, она што нам хронично ни недостига се повеќе родители кои се вистински посветени на своите деца во љубовта.

Извор



912

X