Експертите истакнуваат дека мала количина протеински прав во исхраната на децата не е нужно штетна, но прекумерното внесување протеини може да доведе до сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи камења во бубрезите и оштетување на црниот дроб.
Колку протеини всушност им требаат на децата?
Родителите често се грижат дали нивните деца добиваат доволно протеини – постојано се кажува дека протеините се неопходни за правилен раст и развој. Сепак, експертите велат дека со балансирана исхрана, целата потребна количина на протеини може да се добие од целосната храна.
-Децата апсолутно можат да ги добијат сите потребни протеини од храната, без додатоци – објаснува д-р Џена Вилер, специјалист за детска интензивна нега во „Орландо хелт“.
Дури и ако детето е во фаза кога јаде само медалјони од пилешко и тестенини болоњезе, сепак добива одредена количина протеини. Д-р Елизабет Паркс Проут, педијатриски нутриционист и медицински директор во Детската болница во Филаделфија, додава дека многу родители не знаат оти зеленчукот како брокула и прокељ, исто така содржат протеини, покрај месото, мешунките и јаткастите плодови. Исто така, млечните производи како јогуртот, урдата и преработеното сирење можат да бидат одлични извори на протеини.
Колку протеини всушност им требаат на децата?
-Деца од 1 до 3 години: 13 грама на ден
-Деца од 4 до 8 години: 19 грама на ден
-Деца од 9 до 13 години: 34 грама на ден
-Девојки од 14 до 18 години: 46 грама на ден
-Момчиња од 14 до 18 години: 52 грама на ден.
За да замислиме како тоа изгледа, една шолја млеко содржи 8 грама протеини, а уште 8 грама протеини има во само 30 грама месо. Една четвртина шолја грав содржи помеѓу 4 и 5 грама протеини – што значи дека е лесно да се достигнат препорачаните вредности преку разновидна исхрана.

Дали на децата им треба протеински прав?
Иако возрасните често посегнуваат по протеински пијалаци по тренинг, ситуацијата со децата е поинаква. Д-р Даниел Д. Грант, заменик-медицински директор на Детската педијатрија во Тексас, нагласува дека повеќето деца и тинејџери веќе добиваат доволно протеини преку балансирана исхрана. Сепак, постојат одредени исклучоци. Децата со метаболички нарушувања, неухранетите деца, оние што закрепнуваат од операција и децата што следат строга вегетаријанска или веганска исхрана, може да имаат зголемени потреби за протеини. Во овие случаи, најдобро е да се консултирате со педијатар и нутриционист пред да внесете протеински прав во исхраната.
-Доколку детето спаѓа во една од овие категории, лекарот во соработка со нутриционист ќе му помогне безбедно да го зголеми внесот на протеини преку внимателно испланирана диета – објаснува д-р Вилер.
За повеќето деца? Протеинскиот прав едноставно не е неопходен – обичен сендвич со путер од кикиритки е сосема доволен!
Дали протеинскиот прав е безбеден за децата?
Краткиот одговор би бил „зависи“.
-Протеинскиот прав може да биде безбеден додаток, но зависи од тоа како се користи и од причината зошто детето го консумира – вели д-р Паркс Проут.
Еден од главните проблеми е прекумерниот внес на протеини. Д-р Грант предупредува дека тоа може да доведе до зголемување на телесната тежина, запек и дигестивни нарушувања. Покрај тоа, прекумерниот внес на протеини може да ги оптовари бубрезите и да го зголеми ризикот од дехидрација и камења во бубрезите. Исто така, премногу протеини можат да доведат до акумулација на азот во црниот дроб, што може да има сериозни последици.
Друга работа на која треба да се обрне внимание се состојките во протеинските прашоци. Многу од нив се наменети за возрасни кои сакаат да ја зголемат мускулната маса и да ги подобрат атлетските перформанси, поради што содржат состојки како кофеин и креатин – кои не се погодни за деца.
-Некои протеински прашоци за градење мускули содржат еквивалентна количина на кофеин од 6 до 10 шолји кафе во само една до две топки – предупредува д-р Паркс Проут.
Ова може да предизвика забрзано чукање на срцето, вртоглавица и други несакани ефекти кај децата. Креатинот, кој често се користи за подобрување на атлетските перформанси, може да биде проблематичен и за децата бидејќи може да ги оптоварува бубрезите и да предизвика главоболки, гадење, дехидрација и грчеви во мускулите.
Дополнителен проблем?
Протеинските прашоци не се регулирани од Американската агенција за храна и лекови (ФДА), што значи дека составот на производот не е секогаш сигурен.
-Некои протеински прашоци содржат тешки метали и високо ниво на олово, што може да биде опасно за децата – предупредува д-р Вилер. Иако протеинскиот прав не е инхерентно опасен, на повеќето деца едноставно не им е потребен. Наместо тоа, родителите треба да се фокусираат на обезбедување балансирана исхрана богата со природни извори на протеини.
Автор: Карина Шиждрак