„Мамо, може ли да ти го позајмам телефонот и да играм игри?“
Дали ова прашање ви звучи познато? Токму ова прашање мачи многу родители. Новинарката Џуди Сантијаго Аладин вели дека и нејзината ќерка често ѝ го бара мобилниот телефон и признава дека понекогаш ѝ го дава.
-Често ми го бара телефонот кога ќе ѝ здосади да црта, да чита или да си игра со играчки. Мобилниот телефон е последната линија на отпор и секогаш се надевам дека нема да го бара во текот на денот. Морам да признаам дека на 5 години веќе знае да презема игри и да препознава сомнителни реклами. Не сакам ни да замислам што ќе прави кога ќе наполни 10 години – истакнала Џуди.
По долго размислување, Џуди и нејзиниот сопруг решиле на својата ќерка да ѝ купат „глупав телефон“. Таканаречените „глупави“ телефони се сосема спротивно од нивните паметни варијанти. Тие се сведени на основни функции како што се повикување и испраќање пораки, а често немаат ни интернет.
Зошто тоа го сметаат за поздрава одлука?
Многу родители ја користат истата стратегија давајќи им на своите деца поедноставни верзии на мобилни телефони и ги споделиле своите искуства на социјалните мрежи.
-На почетокот беше тешко, но сфатија дека можат да бидат среќни и сепак да комуницираат со своите пријатели, дури и без паметни телефони – објаснила Џој Мендоза во објава на „Фејсбук“.
Џој како авторка и мајка на шест деца, со нејзиниот сопруг успешно им ги одзеле паметните телефони на децата и ги замениле со „глупави“. Иако сè уште им е дозволено да го користат таблетот, Џој тврди дека времето што го поминуваат на интернет е значително намалено. Покрај тоа што ги научила на вредностите на напорната работа, Џој објаснила како една од нејзините ќерки развила зависност од „скролање“ и развила многу несигурности поради нејзиниот мобилен телефон.
-Би рекла дека успеваат. Сега поминуваат повеќе време во спортување, хоби, учење нови вештини, дружење со пријателите и семејството и во тој процес развиваат карактер – тврди Џој.
Иако е свесна дека нејзините деца сè уште сакаат паметни телефони, таа верува дека ова е подобра и поздрава одлука за нив.

-Животот е многу повеќе од зјапање во уред во потрага по забава и комуникација – заклучила таа.
Своите искуства ги споделила и Рона Чапили Бонифацио, уредничка на „Паметно родителство“.
-Моите деца се едуцираат дома и најчесто се со нас. Мобилните телефони им се корисни кога не сум тука и кога сакаат да ми кажат дека им недостигам – објаснила таа.
Во стратегијата се приклучил и таткото Џома Виченсио, кој на својот син му купил мобилен телефон за итни случаи и го ставил неговиот и бројот на сопругата на брзо бирање.
-Паметните телефони и часовниците не се дозволени во нивното училиште, така што ова е најдобрата и најевтина алтернатива. Многу ни е полесно кога знаеме дека нашиот син има начин на комуникација. А овие помали мобилни телефони се практични и се вклопуваат во вашиот џеб и батеријата им трае многу подолго – објасни Џома.
На родителите им се потребни паметни телефони за работни обврски. Бидејќи децата често сакаат да ги имитираат своите родители, поедноставните телефони се одличен компромис бидејќи ја задоволуваат потребата на детето без дополнителните штетни ефекти што ги имаат паметните телефони.
Автор: Горан Ивановиќ