Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам дилема во врска со тргнувањето во градинка на мојот син. Тој има речиси 3 години и сѐ уште носи пелени. Дава отпор, не сака да му се промени валкана пелена. Она што најмногу ми создава страв е како тој би ја прифатил градинката, со оглед на тоа што веќе имаме нов член во нашето семејство – бебенце од пет недели.
Впрочем, кога пристигна бебето, поголемиот син имаше период на адаптација: мешани емоции на чудење, одбегнување контакт, плачење како реакција на плачот на бебето, пискање, но за среќа никогаш не пројави поголема агресија кон него. По пет недели, ситуацијата е подобрена. Му посветуваме внимание преку прошетки, игри, заеднички оброци, и двајцата родители еднакво.
Сакам да прашам, по оваа голема промена во домот, кога е погодно време и како да тргне во градинка, а да не му претставува шок и да не предизвика негативни промени во однесувањето?

ОДГОВОР: Доаѓањето на новото бебе во семејството е голема промена во семејната динамика. Оваа промена ја чувствуваат сите членови, а секако постарото дете кое го имало целото внимание од сите. Ова приспособување и прифаќање бара време и со ваша помош, вашето дете веќе го има прифатено новото бебе. Нормално е да има измешани чувства, охрабрете го да зборува за тоа како се чувствува и потврдете ги неговите емоции: „Знам дека понекогаш е гласно и тешко“. Со текот на времето и двете деца ќе научат да растат заедно. Ме радува што сте толку посветени на него и што правите сѐ за оваа адаптација да оди полесно. Се надевам дека така и ќе продолжи, без некои поголеми регресии кои можат да бидат очекувани.

Одењето во градинка е првата од многуте мали и големи промени со кои детето постепено ќе треба да се соочува. Секако дека постојат многубројни бенефиции кои се многу добри за детето, особено на оваа возраст кога сака да ја потврдува својата индивидуалност, како структурирани активности, групни интеракции, социјализација, учење за споделување, менување и решавање конфликти итн. Активностите во градинка го стимулираат когнитивниот развој преку поттикнување критичко размислување, решавање проблеми и изразување на креативноста.
Проценете ги потребите и динамиката на вашето дете, дали градинката ќе биде корисна за неговиот раст и развој, како и на вашето семејство во балансирањето на потребите на вашето второ дете.

На вашето постаро дете најважна му е емоционалната сигурност, која се гради во односите со родителите и другите значајни луѓе околу него, како и рутината и структурата што ја има. Зборувајте за градинката, за другарчињата, за активностите, видете како се чувствува, дајте му до знаење дека е нормално да се чувствува среќно, тажно, возбудено, исплашено или загрижено. Во зависност од реакциите, објаснете му што ќе се случува таму, а може да се случи гледајќи ги другите деца и тој полесно да се одвикне од носењето пелена. Може да биде корисно да кажете кога вие сте започнале нешто ново и како сте се чувствувале. На пример, ако е загрижен дека ќе му недостигате, може со себе да земе омилена кукла или играчка.

Бидејќи детето се соочува со голема промена во неговиот живот, можеби ќе му е потреба поголема поддршка, љубов и трпение додека ја прави оваа транзиција.
За одвикнувањето од пелена, доколку сметате дека вашето дете е подготвено да ја тргнете, полека привикнувајте го без пелена. Многупати сме пишувале за начинот, па можете да се навратите на некои претходни одговори да погледнете. Имате малку напорен период пред вас, но верувам и знам дека ќе можете да се снајдете. Чувствувам дека имате заемна поддршка со вашиот партнер, а доколку ви е потребна дополнителна помош, секако побарајте. Со среќа!

Доколку ви е потребен разговор за развојот на вашите деца, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X